Јас сум Сара и сум родител на едно дете. Од неодамна почнав да чувствувам нагон што никогаш не мислев дека ќе го почувствувам. Станува збор за „бебешки“ нагон сега, кога мојот син станува постар, па ми недостига бебе.
Колку се променија времињата. Како од 20-годишна девојка која никогаш немаше да има деца дојдов до размислување за второ дете? Разговарав со мајка ми на телефон пред некоја вечер кажувајќи ѝ ги потенцијалните имиња за бебиња за нашето второ дете. Беше потивка од вообичаеното, но јас тоа го припишав на нејзиниот умор. Размислував за разговорот наредниот ден и ми текна. Таа можеше да има само едно дете.
Неодамна читав статија за мајките што можат да имаат само едно дете. Додека некои родители изјавија дека сакаат само едно за почеток, други рекоа дека парите, околината и начинот на живот се клучни фактори за нивната одлука.
Другата причина беше менталното здравје и стравот повторно да се помине низ „бебешката фаза“. А крајната причина беше поради околностите. Тоа беше мојата мајка. По неколку спонтани абортуси, дојде време да се каже не. За доброто на нејзиното ментално и физичко здравје и нејзиниот брак. Се сеќавам, татко ми еднаш ми рече: – Едноставно не можевме да продолжиме со губењето на бебињата, па време беше да бидеме благодарни за она што го имавме.
Со скршено срце одлучија да прекинат и целиот фокус го ставија на мене. Имав неверојатен живот. Одев во одлично училиште, на излети, распустот го минував со пријателите и братучедите, спортував и добивав безусловна љубов од посветените родители. Се запишав на факултет, се омажив и купив дом со нивна огромна поддршка. Мајките често се бомбардирани со прашањето: Кога ќе имаш второ дете? Сигурно и мајка ми беше прогонувана од ова прашање. Размислувам и за реакциите што ги добивам кога им кажувам на луѓето дека сум единствено дете и тие речиси секогаш се исти.
– О, па ти не изгледаш разгалено.
– Леле, сигурно си била осамена.
– Значи, родителите те имаат само тебе?
Се сеќавам на еден разговор што мајка ми ми кажа дека го имаше со колешката. – Значи, кога ќе умреш, ќерка ти ќе остане сама, без никој да се грижи за неа.
Мојата кутра мајка. Како едно дополнително дете значи дека нема да бидам сама? Се прашувам што им поминува низ главите на луѓето кои реагираат на таков начин.
Не, не сум сама. Никогаш не сум била сама и нема да бидам сама.
Коментарите за тоа дека сум разгалена многу ме нервираат. Автоматска е претпоставката дека ако сте едно дете, добивате сè што ќе побарате. Разговарав со моја добра пријателка чиј сопруг ми рече:
– Мораме да имаме две деца за да не бидат разгалени. Подоцна, кога доби две деца, ми рече: – Не мислам дека имањето две деца прави да се помалку разгалени, туку само те прави посиромашен затоа што на крајот купуваш сè за две деца наместо за едно.
Не можев, а да не се согласам. Разгалувањето не е до тоа што го добивате или можностите што ги добивате. Проблемот е во ставот. Разгалени сте поради начинот на кој сте воспитани, а не поради бројот на браќа и сестри што ги имате или немате.
Така, до оние мајки што се прашуваат дали да имаат уште едно дете, поради чувството на вина што доаѓа од имањето едно дете, дозволете ми да ви кажам нешто: – Јас сум единственото дете во моето семејство и никогаш не би го променила тоа.
Бев опкружена со неверојатно семејство и пријатели.
Никогаш не бев разгалена затоа што моите родители ми поставија правила и граници.
Ме научија на вештини за комуникација, почит, преговарање и правичност.
Сакана сум и поддржувана – тоа е сè што некогаш ми беше потребно. Имањето брат или сестра не ги менува тие фактори.
Не слушајте ги сите луѓе што даваат глупави коментари поради нивните однапред условени претпоставки.
Добро сум приспособена и не сум повредена поради немањето браќа и сестри.
Имам врски со други луѓе кои ги сметам за мои браќа и сестри, кои се однесуваат со син ми како да му се вистински чичковци и тетки.
Затоа, немојте да бидете под стрес ако не сакате уште едно дете – вашето дете ќе биде добро.
Автор: Сара-Џејн Роџерсж
Извор
912