На секој час, за секоја наставна содржина наставникот ќе бара начин како да провери колку учениците ја совладале таа содржина, велат надлежните
Учениците во основното образование, во четврто, петто и во шесто одделение, се оценуваат со описни оценки, а само на крајот на годината во свидетелствата имаат оценки напишани со бројки. Првачињата, вторачињата и третачињата добиваат описни оценки, а во седмо, осмо и во деветто одделение учениците се оценуваат бројчено во текот на целата година.
Од Бирото за развој на образованието (БРО) информираат дека ваквото решение се спроведува уште од 2019 година кога беше донесен Законот за основно образование.
– И во претходниот закон беше предвидено учениците во вториот период од основно образование (од четврто до шесто) да се оценуваат описно и бројчено. Разликата е само во тоа што тогаш и на полугодие добиваа бројчени оценки. При подготовките и донесувањето на новиот закон беа земени предвид забелешките на наставниците и на експерти за оценување, дека не може описното оценување да заврши со бројчена оценка на полугодие, па во второто полугодие повторно да се оди описно. Тогаш беше заклучено дека описното оценување треба да продолжи во континуитет во текот на целата година, а на крајот наставникот да изведе бројчена оценка (во четврто, петто и во шесто одделение) – појаснуваат одговорните од БРО.
Оттаму додаваат дека ваквиот начин на оценување се спроведува веќе трета година по ред и досега немалo никакви забелешки од страна на учениците, наставниците и родителите.
Описното оценување е добро во пониските одделенија бидејќи цифрите повеќе ги погодуваат децата отколку зборовите напишани во евидентниот лист, вели одделенската наставничка Драгица Поповска.
– Ако оценката е послаба и е цифра, тоа може демотивирачки да влијае врз ученикот, а поентата на образованието и нам како наставници е да ги мотивираме. Ако послабата оценка се напише со зборови, односно ако стои дека ученикот „со помош“ или „со поттик“ совладал одредена тема, тоа е помалку болно за самото дете отколку да му се напише двојка или тројка. Родителите најчесто нѐ прашуваат за описните оценки. Но, ние како наставници веќе ги подготвуваме учениците од почетокот на четврто одделение на бројченото оценување, па некогаш преку учебната година пишуваме бројки за да имаат претстава и децата и родителите до каде се со усвојувањето на знаењата. Описното оценување е добро во пониските одделенија – смета Поповска.
Критериумите за оценување, согласно новата Концепција по која се учи од оваа учебна година, ги изготвија лица од Државниот испитен центар и од Бирото за развој на образованието, како и други експерти за оваа проблематика. Надлежните говореа дека се стремат кон што пообјективно оценување, воспоставување стандарди кои произлегуваат од резултатите за учење во наставната програма.
– Инсистираме на перманентно оценување низ целата учебна година, при што се користат различни техники и се прибираат податоци за постигнувањата на ученикот. Оценувањето не е процес кој се сфаќа како она што е сега практика – прво децата учат, па потоа ќе бидат оценети. На секој час, за секоја наставна содржина наставникот ќе бара начин како да провери колку учениците ја совладале таа содржина. Оценувањето започнува од планирање до реализација на наставата. Оценувањето нема да биде посебен сегмент од наставата. Тоа е процес кој вклучува и давање насоки како учениците да ги подобрат постигнувањата. Учениците, пак, нема да го доживуваат тоа како нешто страшно, туку како нешто што е составен дел на наставата – вели Митко Чешларов од БРО.
Надлежните планираат на учениците да им се даваат свидетелство и додаток на свидетелството.
Планирано е тие документи да бидат меѓународно признати. Ако по предметот природни науки оценката е впишана во свидетелството, оценките по наставните дисциплини што го сочинуваат тој предмет (биологија, физика, хемија) ќе бидат поединечно впишани во додатокот на свидетелството. Сепак, околу овие детали и за точната содржина во додатокот надлежните допрва ќе одлучуваат.
912