Со неколку другари во основно училиште ја имале формирано рап-групата „Риба без коски“, во која Љутков пишувал песни и рапувал
Децата го знаат како Комшо од серијата „Пет плус“, повозрасните од многу претстави во Драмскиот и Велешкиот театар и на други театарски сцени. Зоран Љутков е роден во Велес, каде што го поминал и своето безгрижно детство. Го убедивме да се наврати на најубавите денови. Бевме трпеливи да ги пронајде фотографиите од неговото детство.
Палаво дете
Бил палаво дете, секогаш подготвено да направи некоја беља. Учел во ОУ „Васил Главинов“ и многу си ја сакал учителката Нада Данева, која го учела од прво до четврто одделение.
Обично најблиските знаат да ни раскажуваат какви бебиња сме биле, какво дете на две-три години и сл. Што велеле за него?
– Важно ми било да сум во центарот на вниманието и многу сум плачел ако не било така! – вели тој.
Слика на која се сеќава многу јасно од детството како да му се случила денес била кога на пет години си ја пресекол ногата во дворот згазнувајќи на скршено шише.
– Мораше да се изврши интервенција без анестезија. Малку фалеше да се случи најстрашното – вели Љутков.
Живеел во воено маало
Во Велес живеел во населба во која имало најмногу тревни површини и повеќе од 100 деца на блиска возраст.
– Сите можни спортски дисциплини ни беа секојдневие. Но, најмногу игравме криенка-миженка (крижи-мижи по велешки) – вели актерот.
– Живеев во маало што беше познато како офицерско маало. Постојано доаѓаа воени лица од цела Југославија и за кратко време добиваа прекоманда или во друга република или во друг град во Македонија. Разделбите беа тешки. Но, секогаш имаше еден омилен другар! Кико се пресели во Скопје и контактите се изгубија. Но повторно се сретнавме случајно пред неколку години – вели актерот на Драмскиот театар.
Со повеќемина од другарите сѐ уште е во контакт и често се слуша.
– Да, секако, со повеќемина од нив. Често се слушаме. Се дружиме во Велес, доаѓаат во Скопје, на родендени, празници…
Љутков признава дека неговото детство многу се разликувало од детството на денешните деца.
– Друштвените игри денес се префрлија на таблети. Се надевам дека ова ќе трае кратко – вели тој.
Бил најнемирното дете во куќата
Вели дека имал среќа што живеел во голема куќа со три фамилии, шест деца, сите на различна возраст.
– Можеби бев најнемирното дете, за омилено не знам – се смее тој.
Признава дека дома неговата мајка го имала последниот збор.
Си легнувал најдоцна до 21 часот. Вели дека бил постојано надвор, се прибирал само за ручек и неминовно уморот „го ставал рано в кревет“.
Во основно училиште со неколку другари имале рап-група „Риба без коски“. Љутков пишувал текстови и пеел.
– Еднаш си заслуживме укор од директорот. Тие знаеја за нашата група и на патронат ни предложија на разглас да пуштат наша песна. И ја пуштија, ама претходно ја немаа слушнато. А ние во песната ги имавме опеано речиси сите наставници, бевме малку и безобразни и затоа си добивме укор – се потсетува Љутков.
Зоран Љутков
Горко искуство со имитирање професор
Признава дека не може да се пофали многу со оценките.
– Отсекогаш ме интересирале многу нешта истовремено. Една од најинтересните е имитирањето на наставниците и да ги откривам нивните недостатоци. Во прва година средно дури имав и голем проблем со професор по физика, кого го имитирав уште на почетокот на школската година. Ме крена да одговарам и одговарав имитрајќи го него, а тој беше многу податлив за имитирање, зборуваше бавно. Соучениците паѓаа од смеа, а тој ме дочека да завршам. Рече: „Седни Љутков“, го отвори дневникот и во четири графи ми напиша една огромна единица – се потсетува Љутков.
На полугодие му ја оставил единица, а на крајот од годината, на последниот ден, во 44-тата минута му рекол да одговара за да ја поправи единицата.
– Само што почнав да одговарам, заѕвони и ме стави на полагање. На првото полагање паднав, на второто исто така. Јас го знаев материјалот и побарав комисиски да полагам. Ми пишаа четворка, него го казнија, а јас одлучив да го сменам школото и се запишав во гимназија – вели Љутков.
Признава дека како дете немал многу играчки.
– Додека растев немаше некои новитети што би биле примамливи како денес. Велосипед, топка и тетрис беа изборот. И тоа го немав. Затоа, денес преку моите деца си дозволив да имам сѐ што сум немал – признава актерот.
Уште како дете имал еден сон, а тоа било да стане актер. Сонот му се оствари.
912