Да, моето дете има речиси 4 години и сè уште го возам во количка – доста често. И знаете што? Баш ми е гајле што другите луѓе имаат да кажат за тоа. А, верувајте ми, луѓето имаат многу за кажување.
За сите оние што го пикаат носот таму каде што не им е место, еве за што се работи: Не поседувам автомобил, самохрана мајка сум, а често поминуваме време во голем, забрзан град со сообраќаен метеж – Њујорк. Нашата количка игра голема улога во превозот од и до повеќето места во градот. А на моето дете може лесно да му се одврати вниманието. Ако му дозволам да оди (што, исто така, го правам, зависно од тоа каде одиме и како е расположен), морам да си дадам дополнително време за некаде да застанам бидејќи половина од времето поминувам викајќи по него да внимава каде оди, да престане да се качува по скалите на секоја зграда покрај која поминуваме, да ме држи за рака, да не оди по трева каде што пишува дека е забрането и уште илјада други работи. Искрено, тоа ме доведува до лудило, особено ако треба да бидам некаде во одредено време и немам време за тие глупости. Сакам да дојдам таму каде што сум тргнала пред целосно да ја изгубам сета енергија и самоконтрола, а со моето многу темпераментно дете – прошетката може да биде голем и исцрпувачки предизвик.
Поголемиот дел од времето користам количка само кога одиме во продавници или на излети и тогаш количките се апсолутно дар од Бога. Ако одиме во град, секогаш носам количка со себе бидејќи таму има премногу луѓе, а дури и синот цело време да ме држи за рака, лесно станува преплавен од емоции или премногу изморен кога е на нозе. Тој сè уште е малечко дете. Неговите ножиња се мали и пребрзо ги троши, а понекогаш не може да ме следи. „Мамо, оди побавно“, ќе ми рече кога ќе го фатам за рака. И се трудам да одам побавно, но често некаде брзаме и мојот инстинкт ми вели да одам забрзано. Додека не научи да оди во чекор со мене, поедноставно е за двајцата да го возам во количка. Покрај тоа, во количката може да го игнорира светот ако тоа му е потребно. Иако има моменти кога е многу дружељубив и отворен, и натаму е доста срамежлив и недоверлив кон непознати луѓе. Ако го преплават чувства во количка, едноставно може да ја повлече заштитата за сонце и да одлута во светот кој му одговара. Во таквите моменти, не се обидува да ми се сокрие, не се жали и не вели дека сака да си замине или да се скрие.
Но, најголемиот бонус? Ако заспие, не морам да го носам. Го сакам мојот син најмногу на светот, но имам чувство дека тежи 5 килограми повеќе отколку што навистина тежи – а кога спие, имам чувство како да носам вреќа полна со цигли. Не ми паѓа на ум да го носам детето од над 20 килограми на кое му се спие или да се борам со него да остане буден. Затоа сè уште се потпирам на количката и го оставам да заспие кога и да посака. Купувањето е поедноставно кога е во количка, особено во голем метеж или во денови кога треба да одиме на повеќе локации. Обожава да трча и многу брзо трча, а кога му велам да ме држи за рака, да не ги допира работите на полиците и да не се крие зад облеката – го прави целото искуство позабавно за нас и повеќе подносливо за сите околу нас.
Никогаш не сум изненадена, но секогаш сум зачудена колку луѓе коментираат затоа што го возам во количка. „Зарем не е преголем за количка?“, е еден од најчестите коментари. Јас најчесто само одговарам дека сè уште нема 4 години. Не должам никому подетално објаснување од ова и дека има опција да оди ако тоа навистина го сака, но тоа всушност не е ничија работа.
912