Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син од 3 години и 5 месеци. Во последно време секое негодување го изразува со силно врескање. Најмногу ако не го добие тоа што го сака во истиот момент. Не сака да слуша кога му се објаснува дека треба да почека и ќе добие сè што треба. Мојот став кон тоа е во такви ситуации да му зборувам, да го смирам, да се договориме што и како да направиме заедно за да престане да вреска и да се смири ситуацијата. Тоа функционира, ама не се смирува во истиот момент. Сите други членови на фамилијата почнуваат нервозно да се однесуваат: „..зошто си таков, ајде престани“… и тоа уште повеќе ја влошува ситуацијата.

Едноставно јас како мајка се чувствувам како да немам функција на родител, бидејќи сите други знаат како се воспитуваат деца, а јас не сум знаела. Од друга страна, добивам совет дека не требало да се зборува, да се договара со детето, туку требало да се остави само, а јас да сум се правела како да не го гледам и слушам и детето ќе се смирело. Додека трае врескањето, добивам совет дека не треба да му зборувам на детето, а личноста што ми го дава советот со нервоза му се обраќа, му зборува и се договара со него. Јас лично мислам дека кога настанува таа ситуација, а тоа барем еднаш во денот се случува, игнорирањето не е решение. Син ми плус појавува љубомора бидејќи гледа дека ја држам сестричката (1 година), а него го игнорирам, а не знам како на другите да им објаснам да не се мешаат во таа ситуација. Ме интересира како е најдобро, дали да го игнорирам или со зборување и договор да се надмине тантрумот во тој момент?

Прашува: мајка

ОДГОВОР: Драга мајка, во овој период детето инсистира да го добива она што го сака. Ваквите емотивни доживувања вашето дете не умее да ги препознае, не знае како со нив да се справи и сето тоа прави да се чувствува беспомошно. Се чувствува фрустрирано, а на фрустрацијата реагира со силно врескање. Ако вашето дете е нагласено инаетливо, може да реагира луто за да го контролира чувството на зависност и стравот од губење. Реагирањето со лутина во случај кога детето е повредено со некаква загуба е начин со кој се „умртвува“ чувството на тага и беспомошност. Викањето наглас или пискањето многу често е аларм што детето го вклучува за да ја сврти околината кон себе и да покаже дека нешто му пречи, поради што му се потребни здрави промени. Во тој поглед важно е да се откријат причините за таквиот аларм и да се работи на нив. Притоа не споделувате како течеше периодот на подготвување и адаптација за пристигнување на новиот член во семејството, што е особено важно.

Христина Стефановска

Како родители, веројатно често ви се случува да ви биде тешко истовремено еднакво и доволно да им се посветите на двете деца одеднаш. Тоа можеби ве прави беспомошни и обесхрабрени, но мора да знаете дека не треба да си ја трошите својата енергија за да им обезбедите рамноправно детство, токму поради тоа што секое од нив има засебни потреби и е во различна возраст. Обидете се да ги зближите давајќи им заеднички активности, на пример, читање книги и сликовници. Нека тоа ви стане ритуал што ќе го правите сите заедно по редослед на одбирање сказни – прво одбира едното, па другото дете. За таа цел, ви ги препорачувам „Басни“ од Езоп, кои се кратки и поучни.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X