Одделенскиот наставник игра важна улога во заедницата, од давање знаење до зачувување на благосостојбата на децата, инспирирање на критичка мисла и морални вредности. Тој најчесто е страствена и посветена индивидуа со силна желба за доживотно учење. Затоа, со секое потценување и обезвреднување на одделенските наставници, всушност се обезвреднува и удира врз ТЕМЕЛОТ на образовниот процес

Во последно време сведоци сме на многубројните омаловажувања на наставничката професија. Како тоа да беше малку па по објавувањето на новата сомнителна концепција/реформа за основно образование од страна на МОН, тие омаловажувања се засилија, посебно кон одделенските наставници.
Ме изненади и користењето на мноштво навреди на дел од предметните наставници со потценувачки тон насочени против сопствените колеги и пријатели, одделенските наставници.
Не само што не доликува…
Не само што НИШТО не се постигнува со користење на навредлив и понижувачки вокабулар…
Туку тоа е сосема спротивно од професијата УЧИТЕЛ, почитувани колеги.

Одделенскиот наставник покрај тоа што секојдневно одржува настава тој и ги подготвува учениците за наредните нивоа на образование преку СОВЕТУВАЊЕ, ОБЈАСНУВАЊЕ, ПОКАЖУВАЊЕ, УТВРДУВАЊЕ, ПОУЧУВАЊЕ, ОБРАЗУВАЊЕ, МОТИВИРАЊЕ, ВОСПИТУВАЊЕ, ОХРАБРУВАЊЕ, ПОСТАВУВАЊЕ, ПОТСЕТУВАЊЕ, ИНСПИРИРАЊЕ, ДЕФИНИРАЊЕ, НАБРОЈУВАЊЕ, НАВЕДУВАЊЕ, УЧЕЊЕ… Но тоа не е се од она на кое внимава и го презема:
• Кога е неопходно да се биде строг во поголема мерка знае како да се стори тоа без да ги исплаши своите ученици.

Ги учи децата:

• Како да се контактира/поздравува наставникот надвор од училиштето.
• Кои се правилата во врска со облеката, храната и пијалокот за време на престојот во училиште.
• Што да се прави во итни ситуации (како што е пожар, земјотрес и сл).
• Кои се правилата на однесување во случај на пристигнување на гости.
• Кога е и кога не е соодветно да се биде на своето место/столче.
• Кои се правилата во врска со наградите и казните.
• Зошто е важно безбедното користење на интернет.
• Како учениците да ги чуваат своите лични податоци, со кого да контактираат доколку се појават одредени проблеми, како и која содржина е соодветна за пристап, а која не е.
• Како учениците треба да влезат во училницата и како треба да ја напуштат.
• Како треба да започне секој училишен ден.
• Што да направат учениците по влегувањето во училницата.
• Кои се правилата во училницата.
• Кои се правила за користење на тоалетот за време на часовите.
• Како учениците да го привлечат вниманието на наставниците.
• Во кои ситуации однесувањето ќе биде санкционирано.
• Како наставникот ќе ги исправи грешките.
• Што учениците можат да очекуваат од наставниците за време на наставата.
• Што наставникот очекува од ученикот за време на часот.
• Правила во врска со употребата на технологија во училницата (телефони, таблети, итн.).
• Што да се прави кога дел од работата на час останува недовршена.
• Кога се поделени и кога се доставуваат тестовите за време на часот.
• Што треба да направат учениците кога се отсутни од часовите.
• Што треба да направат учениците кога не се сигурни, кога им е потребна помош.
• Правила за домашна работа, како да се сработи домашната работа, како се учи и се подготвува за наредниот училишен ден.
• Како треба да изгледа работата во група и како ќе се формираат групите.
• Како учениците да се движат во група без да создаваат многу бучава/галама/гужва.
• Како тивко и мирно ученикот може да го привлече вниманието на другите ученици.
• Како јасно да се истакне одредена точка за време на презентацијата.
• Како говорот на телото/гестикулацијата помага во комуникацијата.
• Како учениците да изразат несогласување во мислењата.
• Како да се парафразираат и да се надградуваат мислењата на другите ученици.
• Како да се одржи протокот на мисли во приказната со цел правилно да се искажат мислењата.
• Што треба да направи ученикот кога е несигурен, збунет после час, кога материјалот не му е целосно јасен.
• Како ќе изгледа крајот на часовите и предавањата.
• Кои се правилата за одржување во училницата (треба да се врати во првобитната состојба на крајот на училишниот ден).
• Кои се правилата на однесување во ходникот, училишниот двор, патот од/до дома и во домот.

Почитувани, одделенскиот наставник игра важна улога во заедницата, од давање знаење до зачувување на благосостојбата на децата, инспирирање на критичка мисла и морални вредности. Тој најчесто е страствена и посветена индивидуа со силна желба за доживотно учење. Затоа, со секое потценување и обезвреднување на одделенските наставници, всушност се обезвреднува и удира врз ТЕМЕЛОТ на образовниот процес.
Почитувани, ајде да ја употребиме алатката која им ја пропагираме на нашите ученици – КУЛТУРАТА.
Преку културен дијалог и дебата, да најдеме решение, да се поддржиме и надоградиме – и најважно од се да најдеме решение кое што ќе биде во најдобар интерес за учениците, но не на штета на одделенските наставници.
Во интерес за успехот на следните генерации.

Автор: м-р Гоце Бумбароски, наставник по одделенска настава ООУ Кочо Рацин – Прилеп



912

X