Како и сите деца, така и јас имав многу желби. Се разбира, најголема желба ми беше да станам спортист. Тоа ми се оствари. Бев одличен ученик и никогаш не правев проблеми на училиште. Понекогаш, кога ќе поминам покрај моето училиште, се присетувам на сите убави моменти и ми недостигаат тие денови. Искрено ќе кажам дека сè што имав во моето детство ми беше доволно

Мил и послушен, но понекогаш и бељаџија. Вака накратко најблиските го опишуваат ракометарот Филип Талески кога бил дете. Младиот 24-годишен ракометар веќе има завиден спортски опус зад себе. Израснат во Крушево во скромни услови, тој стигна да заигра во Бундеслигата, а моментално е член на нашиот првак и двократен европски шампион, Вардар.

– Кога раскажуваат за тоа каков сум бил како дете, ме споредуваат со мојата ќерка Софија. Сите го кажуваат истото, односно дека сум бил многу послушен и мил со сите, но, од друга страна, сум знаел да бидам и немирен и да правам бељи – вели Филип.
Тој уште од мали нозе сакал постојано да го поминува времето надвор, играјќи разни игри со другарите, најмногу со топка. Филип до ден-денес одржува контакт со неговите другари од детството, па дури знаат и повторно да се соберат.

– Ги игравме сите игри што беа актуелни тогаш, како криенка, брканица и сè што е поврзано со топка. Јас сум израснат во мал град и можам да кажам дека се дружев со моите врсници бидејќи сите бевме во исто одделение во училиште. Нормално дека сум во контакт со другарите од детството, а кога сме послободни, со големо задоволство се собираме. Сите сме на своите животни патеки, но наоѓаме време да се видиме – додава Филип.

Зборот на родителите е закон!

Според него, денешната детска дружба во голема мера е поврзана со технологијата. Денес компјутерите и видеоигрите се главен интерес на повеќето деца. Кога тој растел, игрите со топка на отворено биле незаменливи. Една од причините зошто тој се занимава со спорт е зависноста од играњето со топка што ја имал како дете. Се разбира, кога ќе го чуел зборот на родителите за прибирање дома, тоа секогаш важело како закон.

– Нормално дека родителите го имаат најголемиот авторитет. Родителите го мислат најдоброто за своите деца и треба најмногу да се почитуваат. Семејството е најголемото богатство. Не се сеќавам точно кога беше времето за спиење, но тоа секогаш беше порано во текот на школската година – се сеќава Филип.

Како дете бев борбен, а на тоа ја учам и ќерка ми

Левиот бек на Вардар уште од мал посакувал и потајно верувал дека еден ден ќе стане професионален спортист. Скромното детство што го имал, во тој момент изгледало како вистинско богатство. Тој едноставно не посакувал ништо повеќе од дружбата што ја имал. Иако веќе има постигнато многу во кариерата, Филип со носталгија се потсетува на тие детски денови, посакувајќи барем за момент повторно да може да ги почувствува.

– Како и сите деца, така и јас имав многу желби. Се разбира, најголема желба ми беше да станам спортист. Тоа ми се оствари. Бев одличен ученик и никогаш не правев проблеми на училиште. Понекогаш, кога ќе поминам покрај моето училиште, се присетувам на сите убави моменти и ми недостигаат тие денови. Искрено ќе кажам дека сè што имав во моето детство ми беше доволно. Нашето богатство беше тоа што постојано бевме излезени на улица и игравме разни игри – додава Филип.

Тој и сопругата Ена ја имаат двегодишната ќеркичка Софија. И покрај тоа што времињата се менуваат, Филип ја учи Софија на истите добри навики и вредности што тој ги стекнал како дете.Ја учиме да биде добра. Да ги почитува повозрасните, да им помага и секогаш да се бори во животот. Никогаш да не се откажува од соништата. Борбеноста што ја имав во детските игри ја имам и сега и тоа многу ме радува. Едноставно секогаш сакам да победувам – заврши Филип.



912

X