Учениците со атипичен развој што учат по индивидуална образовна програма приспособена за нив, со образовен асистент кој комплетно е посветен на нив и на материјалот за совладување, подобро се снаоѓаат во онлајн-наставата. На оние што следат настава со типични ученици многу тешко им оди и следењето на наставата и совладувањето на материјалот, најмногу поради фактот што наставата не е приспособена на нивниот потенцијал
Една од позитивните работи од наставата дома за учениците со атипичен развој е што добиваат сè што им треба и во моментот кога ќе им притреба. Кај некои од учениците, секако тоа зависи од училиштето и наставниците, онлајн-наставата нуди флексибилност и индивидуализирање на програмата, која најдобро одговара на нивните потреби и распоред.
Но, од друга страна, родителите забележаа низа недостатоци во онлајн-наставата за децата со попреченост. Според нив, материјалот не соодветствува за учениците со попреченост и потребно е да се направи приспособување, да има индивидуални образовни планови за секој ученик со попреченост согласно неговите потенцијали, кои би требало да се направени во соработка на професионалците од МОН, стручните служби од училиштата, односно дефектолози, психолози и педагози.
Исто така, искуствата на родителите покажуваат дека се губи многу време во преземање материјали, на пример, симнување, учење, зипување, сликање, враќање назад… Забележана е и слаба координација меѓу дефектолозите во училиштето и професорите.
– Се случува професорот да испрашува за една лекција, а дефектологот дал за учење сосема друга. Некогаш нашата онлајн-настава изгледа како раштиман оркестар – велат неколку родители на ученици со попреченост.
Недостатоци во наставата кај лицата со попреченост
За Катерина С., мајка на шеснаесетгодишниот Стефан, ученик со Даунов синдром, гимназиското онлајн-образование сѐ уште е тера инкогнита за постојниот образовен систем.
– Сѐ уште не ги знаеме докрај неговите потенцијали, ниту сите негови недостатоци. Од она што може да се забележи од досегашното искуство – онлајн-учењето е прилично заморно и исцрпувачко и за типичните ученици. Бара многу повеќе концентрација и недостигот на соодветна интеракција во живо со професорите и со другите ученици го прави часот летаргичен, здодевен, а материјалот неразбирлив и тежок за совладување. Секоја чест на некои професори-исклучоци – ни изјави Катерина.
Сите овие недостатоци на онлајн-образованието се уште поизразени кај учениците со попреченост. Многумина од нив немаат соодветен компјутер, ниту знаење како да се приклучат во онлајн-наставата. Во некои случаи во тоа не можат да им помогнат ни родителите.
Материјалот е претежок за учениците со попреченост
– Ако успеат да се приклучат на час, доколку станува збор за ученици во повисоките одделенија во основно образование или во средно образование, се соочуваат со материјал претежок за совладување. Всушност, овој проблем постоеше уште пред да се воведе онлајн-наставата, но сега станува акутен бидејќи имаме ситуација учениците со попреченост да бидат вклучени на часот и принудени да слушаат предавање кое не го разбираат и кое не е приспособено на нивните капацитети. Ова им создава уште поголема одбивност кон онлајн-наставата. Малкумина од професорите комуницираат со овие ученици на часот, а и оние што го прават тоа – го прават површно, колку да им создадат чувство на овие ученици дека се дел од наставата, што секако е за пофалба, но е далеку од некаква осмислена образовна стратегија. Всушност, и ним им недостига соодветно знаење за тоа како да го приспособат материјалот за потребите на учениците со попреченост – вели Катерина.
Според нејзиното досегашно искуство со Стефан, материјалот воопшто не е приспособен на неговите потреби, потенцијали, интереси.
– Поради ковид-кризата, образовните асистенти што некои од учениците ги имаат исто така со нив комуницираат само онлајн, што многупати доведува до недоразбирања, неможност квалитетно да се дообјаснат нештата. А учењето во домашни услови кога има шумови, џагор, резултира и со послаба концентрација или лежерност и кај овие ученици – објаснува Катерина.
Родителите учат со учениците
Таа додава дека постојано се покрај Стефан и паралелно учат со него, му помагаат во сè.
– Секако дека мора и ова да го земеме на свои плеќи. Професорите предаваат, ние добиваме делумно приспособен материјал кој треба уште повеќе да го соџвакаме и да му го пренесеме на нашето дете. Тоа понекогаш одзема часови и денови. За некои потешки предмети, како што се математика, хемија, физика, буквално учиме напамет, што е тотален нонсенс и според мене е светлосни години далеку од квалитетно образование. Но немаме друг избор – додава таа.
Повеќемина родители сметаат дека гимназискиот материјал е претежок за учениците со попреченост. Но гимназиите и МОН не отстапуваат од политиката дека овие ученици треба да учат исто што и другите ученици, во редуцирана форма.
Поедноставување на хемиски равенки и математички операции
-Некои лекции, како задачи со сложени математички операции или сложени хемиски равенки, едноставно не може да се поедностават и можеби за овие ученици треба да се направи целосно посебна наставна програма која ќе им ги даде основните сознанија по одреден предмет наместо да се инсистира формално да ја поминат секоја лекција – ни сподели Катерина.
Од нејзино гледиште, на учениците со попреченост им е потребен образовен асистент кој физички ќе биде присутен и ќе им помогне да го совладаат материјалот.
– Понекогаш треба да се црта, мери, брои, дообјаснува со практични примери. Професорите треба повеќе да го вклучуваат ученикот со попреченост во часот – макар со по едно прашање или појаснување наменето само за него, што не би им одзело премногу време, а тој ќе се чувствува многу подобро и ќе има поголема мотивација да се вклучува. И недостига стимулот од физичкото присуство на наставата. Рутината на подготвување, одење во училиште, каква-таква дружба со соучениците – сугерира Катерина.
Индивидуална образовна програма
Зоран Кардула, татко на четиринаесетгодишната Ерато Кардула, ученичка со аутизам во основно училиште, смета дека во состојба на пандемија и условите што ги имаме, онлајн-наставата е најприфатливо решение.
Ерато се вклопи во новонастаната ситуација од самиот почеток. Првично со почитување на мерките, носење маска, дезинфекција. Единствено ѝ остана нејасно зошто не постои физички контакт. Таа е научена да гушка и да биде гушкана како од соучениците така и од сите роднини и пријатели што ќе ги сретнеме на улица. Меѓутоа, ете и тоа го прифати
– Јас лично како родител на дете со атипичен развој би сакал мојата ќерка да може физички да посетува настава бидејќи социјализацијата е наша примарна цел и таа е всушност еден вид терапија која ја подобрува нејзината состојба. Ерато работи по индивидуална образовна програма која е приспособена на нејзините можности, така што не би можел да кажам дали генерално е приспособена за учениците со атипичен развој. Скоро читав некое истражување кое вели дека во пандемијава најлесно со новонастанатата ситуација се справиле родителите и децата со атипичен развој затоа што секојдневно ја бијат битката со многу проблеми. Изгледа дека многумина мислат дека постои некое волшебно стапче и решенијата може да дојдат преку ноќ. Цел свет е изместен од колосек, потребно е трпение за колку-толку да ги ставиме работите на некое место што ќе ни дозволи безбедно да ја поминеме кризата. Така што јас не барам ни замки ни замерки во оваа ситуација – вели Зоран.
Образовен асистент како десна рака
Неговата ќерка деновиве работи со образовен асистент кој ѝ е десна рака.
– Образовниот асистент ја води низ образовниот процес, помага во оформувањето на индивидуалната образовна програма, ги подготвува домашните задачи и помага во нивното пишување. Во моментов, откако почнаа бројките на заразени да надминуваат 1.000 на ден, решивме асистентката да не доаѓа некое време, и ни ја прати наставата онлајн и потоа ни праќа материјал по кој ние дома работиме со Ерато. Имаме одлична соработка и разбирање од класната, како и од сите наставници во училиштето – додава Кардула.
Според него, возможно е да се учи дома. Не е исто, но е изводливо, вели тој.
– Ерато се вклопи во новонастаната ситуација од самиот почеток. Првично од почитување на мерките, носење маска, дезинфекција. Единствено ѝ остана нејасно зошто не постои физички контакт. Таа е научена да гушка и да биде гушкана како од соучениците така и од сите роднини и пријатели што ќе ги сретнеме на улица. Меѓутоа, ете и тоа го прифати. Искрено, за нејзината состојба, седењето со часови пред компјутер не е најповолното решение, сосема друго е тие часови да ги седи во училница. Одењето на училиште не може да биде заменето во целост со онлајн-наставата. Како што споменав погоре, пред сè, за социјализацијата која е елементарна и која многу ѝ помага. Меѓутоа, не постои решение помеѓу. Условите што ги имаат учениците со атипичен развој во смисла на обучен кадар, материјали, пристапност итн. и без услови на пандемија се многу ограничени. Треба и мора многу да се работи на нивно подобрување. Системски и наталожени се проблемите, но мое мислење и лично искуство е дека во моментот сѐ е направено во согласност на можностите – ни изјави Зоран Кардула.
912