Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Родив мртво бебе, а дома ме чека ќерка ми, на возраст од 5 години. На кој начин да ѝ го кажам тоа за да го сфати, зашто сепак е мала, а јас сум во болница. Знам дека кога ќе се вратам дома, ќе го бара бебето.
Прашува: читателка
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загуба и прашањето како да застанам и да му дадам информации на моето петгодишно дете дома. Сакам да ви кажам и да ве поддржам со информацијата дека секое дете порано или подоцна развојно ќе се сретне со губиток. Секое губење носи одредена тага и барање да се приспособиме на новите околности. Губењето е дел од животот, остава неизбришливи траги во нас, но со текот на времето научуваме да ја прифатиме новата состојба и да живееме.
Процесот на тагување за секоја личност е единствен, особено во детството кога самата развојна фаза го обликува начинот на кој детето ја разбира смртта, минливоста и соочувањето со емоциите. Од третата до седмата година децата сè уште не го разбираат губењето и смртта ја доживуваат привремено. Тие поставуваат многу прашања за смртта, немаат развиено апстрактно мислење и тоа што ќе им се каже го разбираат буквално. На пример, објаснувањето: Го изгубивме бебето, на небото е, може да предизвика погрешни очекувања, размислувања и страв како: Може ли и мене да ми се случи тоа? Да се загубам, да отидам на небото, да спијам и да ме снема. Зборувајте отворено со вашето дете за вашите чувства и во ред е да се покажат емоциите на тага.
Тагувањето е нормална реакција на губењето, процес на природно лекување на личноста и прифаќање на фактот дека некој или нешто го нема во нашиот живот
Децата на оваа возраст може да покажат поголема поврзаност со родителите, да одбиваат да одат во градинка, училиште или повторно да посакаат да спијат со родителите. Тоа треба да им се дозволи на одреден период. Кај нив сè уште не е доволно развиен речникот за да изразат што чувствуваат. Тие само чувствуваат дека околината е вознемирена и често реагираат со телесни симптоми, агресивно однесување или враќање на однесувања вообичаени за помала возраст. Вашиот процесот на тагување можете да го поддржите со задржување на секојдневните навики и рутини колку што е тоа возможно, со стрпливо одговарање на прашањата на вашата ќерка и нежно да ги исправате нејзините погрешни размислувања и така да го намалите нејзиниот страв.
Можете да ѝ читате приказни или сликовници со тема губење, да ѝ давате поддршка со прифаќање на сите емоции поврзани со губењето на бебето, па и ако не покажува емоции бидејќи можеби нема да биде спремна да се соочи. Давајте ѝ можност да ги изразува чувствата низ игра со кукли, цртање, зборување, давајте ѝ топлина, поддршка и прифаќање. Покажете ѝ структура и јасни граници бидејќи претераното попуштање не може да го надомести губењето на бебето, а може да доведе до нови тешкотии. Бидете ѝ пример со сопственото однесување.
Би ви предложила една приказна, која наликува на религиозна, но е многу прифатлива за децата. Јас ќе ви ја раскажам накратко, а вие проширете ја со свои зборови.
Ние луѓето имаме три животи. Едниот живот е животот кога растеме и се формираме во стомачето на мама. Таму се храниме, пливаме, живееме, слушаме што се случува во светот надвор од стомачето на мама. Таму живееме девет месеци и тоа е нашиот свет. Но таму не можеме да останеме засекогаш. Доаѓа мигот кога тој свет треба да го напуштиме и да поминеме во светот во кој сме сега сите ние. Да се родиме. Раѓањето или поминувањето во овој свет е проследено со плачење и радување. Мајката плаче кога бебето се раѓа, плаче и бебето додека да се навикне на овој свет полн со многу луѓе, воздух и непознати, додека сите блиски луѓе се радуваат на новиот живот – бебето и го слават неговото раѓање. Потоа бебето расте, живее, се формира во голем човек, учи, работи. Повторно доаѓа мигот кога треба да го напушти овој свет. Не може вечно да живее во овој свет. Некој порано, некој подоцна го напушта овој свет, умира. Се мисли дека тој преминува во живот на вечноста на незаборавот. И тоа е вистина бидејќи зборувајќи за нив, ние не ги забораваме. Умирањето или преминувањето во животот на вечноста повторно е проследено со радост и тага. Блиските што остануваат тагуваат и плачат, а тој се радува бидејќи продолжува да живее во вечноста на незаборавот.
Тагувањето е нормална реакција на губењето, процес на природно лекување на личноста и прифаќање на фактот дека некој или нешто го нема во нашиот живот. На почеток се соочуваме со страдање и болка, додека на крајот на процесот тагувањето го приспособуваме на новата состојба и животни улоги и продолжуваме да живееме.
Ако реакциите на вашата ќерка или должината на нејзиното и вашето тагување ве вознемируваат, побарајте совет од стручно лице кое ќе ви помогне и ќе ви биде водилка во барањето на многуте одговори.
Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912