Здравје

Секој ден поминат со детето е благороден и создава нови животни клетки. Како да разговарате кога во семејството има болен од рак?

Соочувањето со фактот дека некој во семејството боледува од малигна болест предизвикува низа промени во семејната динамика, особено на ниво на комуникација меѓу членовите на семејството и преорганизирање на семејната функционалност

Кое е едно од главните прашања во животот? Всушност, зошто живееме? Никогаш не смееме да заборавиме дека можеме да ја пронајдеме смислата на животот дури и тогаш кога се соочуваме со безнадежни ситуации во животот. Постојат тивки херои. Токму во октомври – Светскиот месец за борба против ракот на дојката, овој текст им го посветувам ним, на нивните деца и на нивните партнери.

Соочувањето со фактот дека некој во семејството боледува од малигна болест предизвикува низа промени во семејната динамика, особено на ниво на комуникација меѓу членовите на семејството и преорганизирање на семејната функционалност. Многубројни студии покажаа дека луѓето заболени од рак подобро се справуваат со оваа болест, закрепнуваат побрзо, имаат подобри социјални врски со други луѓе, поздрави животни навики и подобар квалитет на живот доколку бараат и користат психолошка помош и поддршка. Луѓето што ја добиваат таквата поддршка за време на лекувањето веруваат дека и покрај сè, се сакани од страна на нивното семејство и блиските луѓе, но и потребни на нивните партнери и деца, дека луѓето се грижат за нив, дека се вредни, ценети, оригинални, неповторливи, единствени и се скапоцен дел од општеството. Исто така, психолошката помош и поддршка ќе обезбеди препознавање на сопствените емоционалните реакции и мисли, нивно канализирање и пренасочување, декатастрофизирање на мислите, насочувајќи се кон решението, а не кон проблемот. Сето тоа ќе им помогне и да продолжат да бидат одлични родители.

На членовите на семејството во кое некој боледува од канцер може да им биде исклучително тешко да зборуваат за нивните емоции. Често се случува и членовите на семејството да имаат различни емоционални реакции и пристап кон проблемот, но она што ги обојува сите е грижа, тага, неизвесност, чувство на беспомошност.

Фото: Борче Поповски

Родителот кој се соочува со оваа болест има право да чувствува и да ги изнесува своите чувства. Секое чувство е сосема природно и во ред е да се случи. Ќе чувствува тага, вина, страв, лутина. Сосема е во ред и ако детето е во контакт со емоциите на родителот, но под услов тој да му покаже како успева да се справи со своите чувства. Да ги научиме децата дека и од болката може да се расте. Така ќе бидат посилни, похрабри и помудри во решавањето на своите животни збиднувања и предизвици. Особено е важно родителот и детето заедно да прават нешто во врска со тоа, да одредат заеднички активности кои ќе им помогнат поубаво да се чувствуваат, на пример, користење  боенки за креативно боење и смирување, една за родител една за детето, секогаш кога се чувствуваат вознемирени или тажни, свирење на некој инструмент или слушање музика, посетување места за кои заедно ќе одлучат дека и за двете страни се прифатливи и удобни, пишување песни или текстови, читање мотивациони книги, окупациони активности од типот правење ракотворби, плетење, везење, моделирање итн.

Ви предлагам да одберете шарена кутија и да ја наречете кутијата на победата. Во неа ставајте ги заедно сите омилени нешта што ви помагаат подобро и похрабро да го изодите овој период во животот. Тоа ќе овозможи да останете емоционално поврзани со вашите деца. Сигурна сум дека и од безнадежните животни ситуации можеме да славиме победи. Впрочем, секој ден поминат со вашето дете е благороден и создава нови и нови животни клетки.

Автор: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти

Поврзани написи

To top