Закажувањето на часовите не одзема многу време, но подготовката е подолготрајна бидејќи часот треба да се направи поинтересен, да се бараат соодветни допoлнителни ресурси приспособени на возраста на учениците. Oбемот на работа на наставникот е зголемен, но, од друга страна, нашата професија е благородна работа и кога ќе се согледаат резултатите на крајот, нема да жалиме за вложениот труд, вели наставничката Љупка Стојменова

Наставата од дома за едни родители значеше недоумица и нервоза да се обезбедат соодветни уреди и услови за децата за учење, за други значеше реорганизирање на работно време и на чувањето деца. За многу наставници, значи учење нов начин на работа. Како се реализира наставата на почетокот од учебната година?

Љупка Стојменова, наставничка по македонски јазик во Основното училиште „Никола Карев“ од Кочани, вели дека по завршувањето на претходната учебна година, која наставниците буквално ја завршија кој како знае и умее, нејзините очекувања за почетокот на оваа учебна година биле поинакви.

– Следејќи ја состојбата со вирусот, сметам дека Министерството за образование и наука – МОН и Бирото за развој на образованието – БРО имаа доволно време да го подготват почетокот на учебната година. Обуките за нас, наставниците беа одржани пред самиот старт на учебната година и тоа во траење од три дена (конкретно за нашето училиште), што не е доволно да се разгледа платформата, а не пак да се работи на неа. Задоцнија и скратените програми по кои треба да ги приспособиме наставните содржини – вели Стојменова.

Користењето на „Мајкрософт тимс“ не ѝ е непознато, но смета дека треба подолго време за да се истражат алатките и опциите за работа.
– Вистинскиот проблем и предизвик со кој се соочуваме ние, наставниците, е слабиот интернет и кај нас и кај учениците. Покрај тоа, и опремата што ја користиме (работиме со сопствени компјутери) не е со потребната конфигурација за ваквиот вид настава. Сепак, се бориме со ваквите проблеми и бараме начини како поуспешно да им го пренесеме материјалот на учениците – вели таа.

Иако се чини дека учениците брзо се навикнаа на оваа настава, сепак, таа вели дека им се забележува нетрпението да се вратат во клупите.

Таа објаснува дека поголем дел од децата соработуваат, имаат настава по распоред и почнуваат сериозно да го сфаќаат учењето од далечина. Таа предава на пет паралелки на ученици од 6. и 7. одделение.

– Најголемиот недостаток на ваквата настава го гледам во работата со учениците од 6. одделение бидејќи нашето запознавање беше преку камера, не можеше да се почувствува возбудата од првата средба со наставникот. Закажувањето на часовите не одзема многу време, но подготовката на еден наставен час е подолготрајна бидејќи часот треба да се направи поинтересен, да се бараат соодветни дополнителни ресурси кои ќе бидат интересни, но и приспособени на возраста на учениците. Целокупно земено обемот на работа на наставникот е зголемен, но, од друга страна, нашата професија е благородна работа и кога ќе се согледаат резултатите на крајот, нема да жалиме за вложениот труд – вели Стојменова.

Наставничка по математика во мало училиште во предградието на Скопје ни раскажа како изгледа нејзиниот ден на работа.

– Училиштето е мало, со 15-ина училници, и сè уште се подразбира дека училиштето е „институција“, а наставникот е „даскал“. Пред почетокот на оваа учебна година раковoдниот кадар опреми 10-ина училници со нови компјутери со камери, звучници, нов интернет… Компјутерите се поставени во училниците и се користат од наставничките од одделенска (прва смена) и од предметна (втора смена). Еден компјутер користиме 2-3 наставнички и си го чуваме. Наставата се реализира во две смени. Прва смена одат учениците од 1. до 3. одделение. Наставничките држат паралелна настава со учениците што се со физичко присуство пред табла и камерата е насочена кон нив и таблата за учениците од дома да ги следат истите предавања – вели наставничката по математика.

Таа признава дека очекувала да се појават повеќе технички проблеми деновиве, но по три реализирани наставни дена вели дека и не е така лошо.

– Јас работам сама во училницата со ученици од 7. и 9. одделение.  Првиот час следевме видео поврзано со наставната содржина од „Едуино“, а вториот час им споделив ворд-документ и на него пишував како на бела табла и потоа го зачував и им го пратив во месинџер-групите. Вклучувањето на учениците одеше со тешкотии на почетокот, но денес речиси сите ученици беа вклучени (1-2 отсутни). На почетокот имаше хаос на часовите, учениците многу зборуваа, но се постави ред тие да се на безвучно и да креваат рака за да прашаат или да кажат нешто – вели наставничката.
Таа посочува дека колегите си помагаат меѓусебно, а особено им треба помош на повозрасните колеги кои послабо ја познаваат работата со компјутери.

– Има повозрасни колеги и слабо ја познаваат работата со компјутери, па навистина тешко се снаоѓаат со ситуацијава. Им се помага колку што може, но луѓето се изгубени и не знам како може да им се помогне на тие случаи, а ги има по неколку во секое училиште.

Дел од родителите на почетокот реагираа дека нивните деца од одделенска настава што следеле онлајн-настава не биле вклучувани во текот на часот, туку само го следеле.

– Жалам што БРО и МОН беа целосно неподготвени за новата состојба и практично нѐ доведоа и нас како родители, нашите деца, но чинам најмногу наставниците, во ситуација на стрес. Во последен момент адаптираа постојни програми во една национална платформа за која беше за очекување дека ќе ѝ треба период за тестирање. Тука не беше проблем само техничкиот момент, туку и разликите во компјутерската писменост во наставничкиот кадар, менаџерскиот капацитет на директорите, градоначалниците и сите други учесници во овој сложен процес. Ние и нашето дете имаме среќа што имаме наставнички кои добро се снајдоа, иако воопшто не им е лесно поради неспособноста на оние што го организираат процесот. Којзнае колку е тешко еден наставник во исто време да држи офлајн и онлајн-настава, притоа да има куса обука и дотогаш никој од него да не барал спроведување на овој вид настава – вели мајка од Скопје на третоодделенец, кој наставата ја следи онлајн.

Таа додава дека еден наставник не може да им посвети доволно внимание ниту на едните ниту на другите, ниту на оние во училницата ниту на тие пред компјутерите.

– Наставата се сведува на вклучена камера пред таблата и видеоследење на она што се разработува на часот, а сметам дека дигиталната технологија нуди многу повеќе од конференциско следење на говорник. Не велам дека наставниците не ги вклучуваат децата со прашања и одговори, со анимирање во текот на часот, но тие едноставно, не по нивна вина, не се во можност да им се посветат целосно на децата. Се надевам дека надлежните ќе го решат овој проблем и дека кога националната платформа ќе профункционира, а не само низ работата преку „Мајкрософт тимс“, ќе се посветат на решавање и на овој проблем. Ваквото паралелно водење на часовите не е можно ниту физички ниту ментално. Искрено, не би сакала да сум им во кожа на наставниците – вели мајката.



912

X