Кога сте родител кој се соочува со хаос, збунетост и целосна исцрпеност, вашите родители и свекор и свекрва може да послужат како неизмерно корисен систем за поддршка. Но, за доброто на вашата благосостојба и здравјето на тие посебни врски, неопходно е да поставите граници.

– Кога еден пар има родители или свекор и свекрва кои сакаат премногу да се мешаат, добрата вест е дека нивните деца имаат повеќе луѓе во нивните животи кои ги сакаат и сакаат да бидат околу нив. Лошите вести е дека ова може да предизвика многу тензија ако не се постават граници и не се почитуваат вредностите на семејството – вели Беки Стумпфиг, лиценциран семеен и брачен терапевт.

Поставувањето граници им овозможува на родителите да ги разјаснат нивните потреби, желби и нивоа на удобност и помага да се поттикнат здрави односи со нивните родители и свекор и свекрва. Исто така, им помага на децата да научат како да се справат со несогласувањата на достоинствен начин.

– Со одржувањето флексибилни граници можеме да ги пуштиме луѓето во нашите животи на начин што ќе биде безбеден и поддржувачки. Границите се еден начин на кој паровите можат да работат на зацврстување на нивниот семеен идентитет и да откријат кои вредности се важни за нив – вели Стумпфиг.

Како родителите да постават граници без да предизвикуваат дополнителни расправии?

Воспоставете сопствени вредности

Пред да зборувате со бабите и дедовците од двете страни, важно е да имате отворен разговор со партнерот за да ги утврдите вашите вредности како родители и како семејство. На тој начин може да презентирате заеднички фронт и јасна порака.

Дејствувајте навреме

Откако ќе ги разгледате вашите потреби и вредности, разговарајте со бабите и дедовците, не чекајте да се појават проблеми.

– Ако забележите нешто што не ви е пријатно, разговорот ќе ви заштеди голем стрес во иднина. Ако проблемите останат нерешени, кршењето на границите само ќе се интензивира – вели Стумпфиг.

Зборувајте смирено и нежно

– За да избегнете манипулативно однесување, секогаш разговарајте за поставување на границите кога сте смирени. Предизвик е да комуницирате љубезно кога сте фрустрирани – вели Фран Волиш, семеен психотерапевт.

Зборувањето на нежен, смирувачки, директен начин е поефикасно и дава впечаток дека вашиот стил на родителство е осмислен. Ако сте во емотивна состојба, обидете се да се вразумите.

– Добро е да си речете: „Се грижам за оваа личност и не сакам да предизвикам расправија, па претпоставувам дека нејзините предлози се од љубовта и грижа за детето, иако имаме поинаков пристап кон воспитувањето на моето дете – вели Леонард Фелдер, лиценциран психолог.

Покажете дека сте благодарни

– Покажете дека сте благодарни поради посебната улога што ја имаат бабите и дедовците во животот на детето – советува Стумпфиг.

Исто така, таа ги охрабрува родителите да го земат предвид фактот дека и самите еден ден ќе бидат баби и дедовци и како би сакале да бидат третирани. На тој начин ќе можат да разговараат со нив со поголемо чувство на емпатија и разбирање.

– Добро е ако го почнете разговорот со изјава со која ќе ја покажете вашата благодарност: „За нас е важно нашето дете да има добри односи со вас и ние цениме што сакате да поминете време со него“. На тоа можете да го додадете вашето барање: „Сфаќаме дека неговата рутина пред спиење е поразлична од онаа на која вие сте навикнати, но ние би ценеле ако се држите до распоредот што го поставивме“ – вели Стумпфиг.

Ако бабите и дедовците се појавуваат ненајавени, родителите можат љубезно да им речат да ги известуваат со телефонски повик.

Зборувајте едноставно

– Најдобро е барањата да ви бидат едноставни и да избегнувате споменување на минатото во сегашноста. На пример, ако ви дадат совет за тоа како да ги воспитувате децата врз основа на нивното искуство како родители, добро би било да кажете: „Ви благодариме за вашите мудри зборови. Веројатно ќе правиме многу грешки, но со гордост ќе се справуваме со овој вид ситуации. Ако ни е потребна дополнителна поддршка, ќе ве побараме“.

Бидете поконкретни

Кога флексибилните граници не функционираат, добро е да бидете поконкретни.

– Ако бабите и дедовците сакаат да бидат вклучени на начин што родителите сметаат дека е претеран, тогаш дајте им некоја улога што можат да ја „играат“, на пример, земање на децата од училиште во одредени денови, поканување на спортски натпревари во кои учествуваат децата или доаѓање на вечера во недела. Со ова ќе им покажете дека ја цените важноста на заедничко поминување време со внучињата, но и ќе бидете сигурни дека постои јасен почеток и крај на времето на собир – вели Стумпфиг.

Одржувајте ги работите во перспектива

Под претпоставка дека благосостојбата на вашето дете не е загрозена, во ред е да бидете флексибилни со различните пристапи на бабите и дедовците. На крајот на краиштата, вашите деца знаат дека вие сте родители и главни возрасни личности во нивните животи и убаво им е да поминат квалитетен период со роднини од различни генерации.

– Не е прашање на живот или смрт ако бабите и дедовците сакаат да им дадат оброк што вие никогаш не би им го дале. Потсетете се дека вашите деца ќе се вратат на правилната патека дури иако имаат поинакви правила поставени од нивните баби и дедовци. Децата знаат дека она што е дозволено кај мама и тато е различно од она што е дозволено кај бабите и дедовците – вели Фелдер.

Извор
Подготвил: Тамара Гроздановски



912

X