Многумина учат од неговите совети како да се работи со децата за правилно да се развиваат. Тој е еден од најцитираните и најбарани доктори во регионот и пошироко кога станува збор за правилен развој и функционално учење. Д-р Ранко Рајовиќ, основач на НТЦ-системот за учење, за Деца.мк зборува за тоа какво дете бил, како ги воспитувал своите деца, како ги споил медицината и педагогијата…

„Пораснав во Словенија, со тројца браќа, во куќа која беше на крајот од селото, па игралиште всушност ни беше целата шума со безброј ливади“, раскажува за своето детство д-р Ранко Рајовиќ. Лекарот специјалист-интернист е роден во 1964 година и е претседател на Комитетот на МЕНСА Интернационал за талентирани деца. Живее и работи во Нови Сад, Србија, оженет е и е татко на четири деца. Тој посочува дека децата треба да учат низ игра наместо само репродуктивно, напамет.

Пргав и љубопитен

– Отсекогаш бев љубопитен, правев детски лудории, па дури и со повозрасните деца одев во градината на господинот Куштрина (се сеќавам на неговото презиме) за да јадеме млад грашок. Правевме тротинети бидејќи родителите не можеа да ни купат. Го гледавме господин Копмаре како прави убави тротинети за неговите деца, па и ние сакавме да направиме нешто такво. Во тие обиди да направиме нешто, да смислиме нова игра, ние се развивавме како луѓе и се подготвувавме за животот. За тоа детално напишав во мојот текст „Скокањето во калта значи живот“, кој го читаат голем број родители и се заблагодаруваат бидејќи објавив како се развиваат интелигенцијата и способноста за поврзување – вели Рајовиќ.

Од мали нозе, објаснува тој, низ игри со родителите, децата треба да научат да ги поврзуваат научените работи, за понатаму во животот да стекнуваат функционално знаење. Родителите, смета Рајовиќ, често прават грешки од незнаење. Има три доминантни проблеми поврзани со детскиот развој – презаштитување, недостиг од движење и претерано користење на новите технологии. Родителите, но и наставниците, треба да се едуцираат за да не се појавуваат тие проблеми или да ги решаваат.

Децата поминуваа време на планина, носеа вода, собираа боровинки…

Д-р Рајовиќ има четири деца. Ива има 30 години, Вук – 28, Катарина е дваесет и петгодишна, а Данило има 15 години.
– Секогаш кога имав време, ги носев децата на планина, во парк, некаде покрај река или езеро… Да се движат слободно, да истражуваат, да осмислуваат игри и така да се изборат со досадата. Моите деца многу време поминуваа на планината Тара во Црна Гора, на Фрушка Гора, на игралишта… На Тара сами мораа да одат на извор, по вода. Сами мораа да собираат гранчиња за потпалување оган зашто таму нема струја, па храната ја подготвувавме на шпорет на дрва. Собираа боровинки, печурки, лековити билки, па се случуваше да поминат по седум-осум километри. Ги советувам сите родители да ги носат децата преку лето, а и секогаш кога ќе им се укаже можност, кај баби и дедовци на село. Таму нека поминуваат што повеќе време, може да чуваат овци, да научат да прават сирење, да собираат јајца од кокошарници… Нека бидат боси и нека си играат со други деца, со што помалку интернет и видеоигри – вели д-р Рајовиќ.

Работа низ дома

Децата, раскажува, многу помагале низ дома и во некои ситни работи.
– Немав секогаш поддршка од сопругата во тоа децата да помагаат низ дома, но тоа го објаснив вака: Да живеевме на село, децата ќе мораа да чуваат овци, да ги носат јајцата од кокошарникот, да помагаат при правење на сирењето… Токму затоа е нормално да им помагаат на родителите така што ќе однесат некој пакет до пошта, на пример, или да помагаат во некои други работи што не се тешки за нив, или да помагаат и во некои посериозни работи кога ќе бидат постари. Но, за жал, сѐ повеќе родители ги завршуваат работите наместо своите деца, па некои дури и им ги пишуваат домашните задачи – вели Рајовиќ.

Десет минути под покривка…

За тоа како дошло до комбинирање на медицината и педагогијата, за потоа да се создаде системот на учење, нашиот соговорник раскажува делови од детството што го мотивирале.

– Мојот татко беше лекар во малото место Дивача, на границата меѓу тогашна Југославија и Италија. Често одеше во домашни посети во зафрлените села, па и јас, кога имаше можност, одев со него. Не ми беше важно дали врне дожд или паѓа снег. Седев покрај татко ми и ја држев неговата докторска чанта полна со лекови, ампули, инјекции и што уште не – раскажува.

Никогаш не се случило само да влезе и да излезе од нечија куќа, туку секогаш остануваше да поразговара со пациентот и со неговото семејство за дополнително да им објасни некои работи, додава Ранко.

– Се сеќавам кога вторпат отиде во иста куќа по 10 дена од првата посета. Се работеше за едно бебе кое имаше висока температура, постојано плачеше и не сакаше да јаде. Татко ми ги праша родителите зошто пак го облекуваат бебето во дебели алишта и го покриваат кога е топло, ги искара и им нагласи дека истото им го кажал и при претходната посета и дека не разбира зошто повторно го облекуваат детето како да се во Сибир. Ја замоли мајката на бебето да легне во кревет, да се покрие со истата покривка со која го покрива бебето и така да лежи десет минути. Татко ми го мереше времето, а мајката се потеше и го молеше да го скрати времето бидејќи сфатила што е поентата. Татко ми не попушташе и ја остави мајката да лежи така десет минути и мислам дека таа ја научи лекцијата за цел живот – вели Рајовиќ.

Лекцијата тешко се учи ако само усно ја кажете

Тогаш сфатил дека понекогаш е тешко да ја научите лекцијата ако само усно ја кажете. Добриот пример, добрата приказна и добриот совет остануваат за цел живот.

– Мислам дека љубовта кон медицината ја добив уште во првите години од детството бидејќи сакав да им помагам на луѓето како што тоа го правеше татко ми. И тоа не беше само медицина, туку генерално беше желба да посоветувате некој на кој му треба совет, да помогнете, да му го кажете вистинскиот збор на оној на кој му треба. Подоцна, кога завршив медицина и кога веќе работев како лекар, неколку пати бев ангажиран за работа со надарени деца, па почнав знаењата од медицината да ги применувам во практичната педагогија. И така полека се создаде НТЦ-програмата (www.ntcucenje.com) – раскажува Рајовиќ.



912

X