„Секогаш ќе паметам кога ни кажавте дека за вас ние сме многу повеќе од бодови на тест и оценка! Вашата љубов секогаш ја чувствувавме !“ – ова е една од пораките што учениците од петто одделение ѝ ги упатиле на својата учителка Маја Георгиева-Павловски

Ученици од V3 одделение од училиштето „Ѓорѓија Пулевски“ од скопската населба Аеродром ѝ приредија незаборавно доживување на својата учителка, со која годинава ја завршуваат школската дружба. Во соработка со своите родители, тие одлучиле да ја изненадат нивната учителка Маја Георгиева-Павловски. А таа, останала без зборови.

 

– По завршувањето на училишната година, на барање од учениците, а на мое задоволство, се договоривме да ни продолжат средбите на „Зум“. Разговаравме на теми по избор на учениците, другарувавме и се забавувавме. Тие им кажале на родителите дека едвај чекаат да помине оваа ситуација со коронавирусот за да ја гушнат наставничката, им недостигаат советите од наставничката, насмевката и начинот на кој таа зборува и наоѓа решение за секој проблем. Родителите се договориле да им ја исполнат желбата. Ми се јави еден родител, да ми достави документ кој требаше да го однесам на работа. Се симнав и следуваше неочекувано изненадување за мене. Учениците, со маски и застанати на растојание, ме чекаа, со своите прекрасни очиња, полни со љубов, ме потсетија на времето пред пет години кога беа мали првачиња и со поглед бараа поддршка од наставникот во новата средина. Средба полна со емоции, на почетокот молчев, ме оставија без зборови. Потоа разговаравме, споделивме многу спомени и понекоја солза поради нашата „разделба“ – вели Георгиева-Павловски.

 

Децата смислиле убав начин како да се поздрават со својата учителка

 

Петтоодделенците ѝ подариле „Книга на спомени“, полна со фотографии од петте години поминати заедно, со стихови за наставничката, работи по кои ќе ја паметат.

– Овој парк за мене беше само парк низ кој секојдневно минував и уживав во дрвјата и тревата, но од денес е посебно место за мене, парк со душа. Добриот наставник не е само оној што умее да пренесе знаења, туку оној што умее да се „пренесе“ себеси кај учениците. Јас денес се видов себеси во децата. Постојано им подготвував изненадувања, но овој пат тие ме надминаа – вели наставничката.

 

Таа дополнува дека нема наставник кој не би посакал да има таква соработка со родителите. Заедно функционирале како едно семејство, секој со свои потреби, со различни ставови, со ретки несогласувања, но со почит, поддршка и љубов.

Маја Георгиева-Павловски

– Им посакав на учениците да продолжат со иста желба за стекнување нови знаења, да растат со истата среќа во очите и насмевки на лицата. Благодарна сум им на родителите и им посакувам да продолжат да бидат добар модел за идентификација, да бидат секогаш поддршка за своите деца како и досега, да бараат од нив да го сакаат учењето, а не оценките, да се радуваат не само кога децата постигнуваат успеси, туку кога децата се среќни на училиште, бидејќи нема поголемо богатство од среќно дете – вели учителката.

 

 

Ви претставуваме дел од зборовите на децата во книгата:

– Мојата наставничка е најдобра, таа е моја втора мајка, освен што ме научи на многу работи, ме научи да бидам добар другар, искрен, ме научи на емпатија и толеранција.

– Ви благодарам, наставничке, што бев дел од вашата паралелка, полна со љубов, вие ме прифатите како ваш ученик иако дојдов подоцна, вашата насмевка и совети никогаш нема да ги заборавам.

– Ме научивте да имам добра душа и големо срце.

– Секогаш ќе паметам кога ни кажавте дека за вас ние сме многу повеќе од бодови на тест и оценка! Вашата љубов секогаш ја чувствувавме!



912

X