Никој не сака да го изгуби трпението пред децата, но сите сме луѓе и некогаш има денови кога децата нè „тестираат“. Дури има и денови кога имаме чувство дека тие намерно нè провоцираат и нервираат.
Поентата е во тоа што децата не сакаат да нè провоцираат, но всушност сакаат да се поврзат со нас, а понекогаш погрешно го разбираме нивното однесување, па тоа нè доведува до целосно губење на трпението. Сега, пак, кога се соочуваме со нова ситуација, многу од нас поминуваат повеќе време со децата, а за некои ова претставува вистинска борба. Моја задача како родителски тренер е да им помогнам на родителите да бидат помирни, посмирени родители и сакам да им помогнам да не избувнуваат со реакциите, особено во овој период. Има неколку начини на кои тоа може да го направат:
1. Чекор назад и набљудување
Пред да реагирате, погледнете ја целата слика и набљудувајте што се случува. Ставете се на место на детето и запрашајте се: „Кои чувства стојат зад ова однесување?“ (Секогаш има големи чувства зад избувнувачко однесување).
– Прво помислете на „ГЛОИ“ – дали детето е гладно, луто, осамено или изморено?
– Потоа мислете на сопствените чувства во моментот – анксиозност, неизвесност, осаменост, жалење по стариот живот? Детето може да се бори со големи емоции, исто така, па наша задача е да му помогнеме да ги искаже тие чувства во безбеден простор наместо да реагираме, казнуваме, викаме, се закануваме.
2. Одржувајте безбеден простор за чувствата на детето
Со тоа што му покажуваме на детето дека е безбедно со нас, ние му даваме можност да ги искаже чувствата. Треба да научиме дека без разлика на нашето мислење за неговите чувства – не сме тука за да судиме. Тука сме за да слушаме, да имаме емпатија, да разбереме и да вреднуваме.
На пример: вашето дете може да се чувствува вознемирено бидејќи не може да учествува во онлајн-турнирот, а вие може да мислите дека премногу драматизира, па може да почнете да му држите лекции за тоа како на други луѓе им е многу полошо во моментот. Ова може да е вистина, но не е важно бидејќи не е соодветно време за детето да добие впечаток дека неговите чувства не се важни.
Чувствата на детето се валидни и треба да бидат слушнати. Помогнете му да се справи со чувствата. Прифатете ја вознемиреноста и валидизирајте го разочарувањето. Охрабрете дијалог помеѓу вас. Потребно е децата да сакаат да се отворат кога се борат со силни чувства, па затоа нека ви стане навика да ги прифаќате нивните чувства и обидете се да се контролирате кога ќе добиете потреба да ги игнорирате или осудите за нивните чувства.
3. Понудете алатка за смирен пристап
Понекогаш децата не размислуваат логично. Кога се емоционални, реагираат бурно, а ние во тој момент може да немаме можност да ги охрабриме да разговараат за своите чувства. Она што треба да се направи е да им се помогне во регулацијата на нивниот нервен систем и да ги насочиме кон левата хемисфера од умот – да размислуваат. Има многу начини за да се направи ова, па следуваат неколку алатки за смирен пристап:
Пиење – понудете му чаша вода или сок од портокал.
Храна – дали детето е гласно? Понудете му јаткасти плодови, житарици или овошје.
Музика – можете да ја пуштите омилената песна на детето во другата соба или да пуштите музика за релаксација, за да му дадете до знаење дека ќе бидете во другата соба кога ќе биде подготвено да зборува.
Движење – некои деца имаат потреба од движење. Нека трчаат по скалите, нека прават „ѕвезда“ или нека танцуваат. Нека се движи енергијата во нивното тело.
Физички допир – омилена ми е прегратката, или милување на косата на детето, или нежно скокоткање по грбот.
Се разбира дека ние ги познаваме нашите деца подобро од кој било и почнуваме да разбираме што им е потребно во даден момент. Моето двегодишно дете имаше емоционален излив и јас извадив пакетче со суво грозје и пијалак, па тоа веднаш се смири. Или, пак, омилената активност на моето 4-годишно дете е танцување. Она што може да смирува едно, не значи дека ќе смири и друго дете.
4. Поврзување
Целта во намаленото реагирање е поврзувањето со нашите деца. Секојпат кога казнуваме, се закануваме, го оттргнуваме детето од себе, му испраќаме порака дека не е важно, дека е проблем и дека не сакаме да поминуваме низ тоа. Секогаш треба да наоѓаме моменти за поврзување со децата. Мораме да започнеме преку нашата свест и помалку да реагираме за да можеме да станеме свесен набљудувач.
Автор: Фиона Нг.