Процентот на вакцинирани девојчиња со ХПВ-вакцина во Охрид во 2019 година изнесува 31,07 отсто. За стравот на родителите, д-р Стурлакова-Коровешоска вели: Вакцината е квалитетна, јас ги вакцинирав и моите синови

Охрид има најмал процент на вакцинирани девојчиња против хуман папиломa вирус –  ХПВ во земјава. Најголемиот дел од охриѓани и понатаму одбиваат нивните ќерки на возраст од 12 до 14 години да ја примат задолжителната четиривалентна вакцина, која треба да ги заштити од 4 типа карцином на матката. Мајките со кои разговаравме велат дека причината за тоа е сомнежот во квалитетот на вакцината. Докторите, пак, убедуваат дека се работи за квалитетна, проверена и делотворна имунизација и дека нискиот процент е поради квазиинформациите, неинформираноста на родителите и антивакциналните кампањи.

– Процентот на вакцинирани девојчиња со ХПВ-вакцина во Охрид во 2019 година изнесува 31,07 отсто, што значи дека се работи за релативно низок процент – вели д-р Соња Мариноска, специјалист по училишна и универзитетска медицина во РЕ за превенција на деца и младинци од Здравствен дом – Охрид.

Д-р Соња Мариноска

Овој процент го потврдува и епидемиологот д-р Јованка Стурлакова-Коровешоска од Центарот за јавно здравје, која ја води статистиката за имунизацијата против заразните заболувања. Таа вели дека Општина Охрид останува и понатаму еден од градовите каде што имунизацијата против ХПВ најслабо се спроведува, за разлика, на пример, од Дебар, каде што таа е 100-процентна. Според статистиката, во Охрид и во изминативе месеци процентот на имунизација е низок.

– До Основниот суд – Охрид редовно се поднесуваат списоци со родители што одбиле да ги вакцинираат своите деца и против нив се поднесуваат прекршочни пријави, како што налага законот, а казните се во висина до 500 евра – вели д-р Стурлакова-Коровешоска.

Зошто се избегнува вакцинацијата?

Таа вели дека во охридскиот Центар за јавно здравје доаѓаат родители од странство и таму ги вакцинираат своите девојчиња, бидејќи вакцините во земјите од каде што доаѓаат се скапи, се плаќаат приватно и не се задолжителни. Но вакцинацијата на локалната популација за која тоа е задолжително е ниска.

Д-р Јованка Стурлакова-Коровешоска

И д-р Мариноска и д-р Стурлакова-Коровешоска се сложуваат дека нискиот процент на вакцинирани девојчиња се должи на антивакциналните кампањи, на недоволната информираност на родителите за придобивките од ХПВ-вакцината и инертноста на гинеколозите во поглед на објаснувањето за значењето на оваа заштита.

– Родителите не се доволно информирани за ХПВ, а особено за можните последици од него. Тие се должат на современиот начин на живот, односно прераното влегување во сексуални односи, честата промена на партнери, како и неедуцираноста за начините за заштита при полови односи. Голем број од родителите на тоа гледаат несериозно, сметајќи дека нема потреба, а понекогаш дури и дека е штетно да се вакцинираат нивните девојчиња. Тоа се должи на квазиинформации – вели д-р Мариноска.

Докторките објаснуваат дека ХПВ-вакцината е наменета за заштита од болести кои ги предизвикува хуман папилома вирус од типовите 6, 11, 16 и 18. Овде спаѓаат преканцерозни лезии на женските генитални органи (грло на матка, вулва и вагина), преканцерозни лезии на анусот и брадавици на гениталиите на мажи и на жени, канцери на грлото на матката и на анусот. ХПВ-типовите 6 и 11 се одговорни за околу 90 отсто од случаите на појава на брадавици на гениталиите, а ХПВ-типовите 16 и 18 се одговорни за 70-80 отсто од случаите на појава на рак на грло на матка, анален канцер, како и преканцерозни лезии на нив.

Во нашата земја се спроведува задолжителна имунизација против ХПВ на сите девојчиња на 12-годишна возраст, но заштитата во Охрид се одвива со слабо темпо, иако се применува од 2009 година кога вaкцината стана задолжителна.

Лекарите наспроти скептицизмот на родителите

За тоа зошто не дозволуваат вакцинација на децата, разговаравме со повеќе родители. Тие најчесто велат дека не сакаат нивните ќерки да бидат вакцинирани бидејќи се сомневаат во квалитетот на вакцината.

Д-р Мариноска не се сложува со тие родители.

– Голем број родители не веруваат во квалитетот на вакцината. Тоа е само предрасуда затоа што издавањето дозвола за една вакцина подлежи на опсежни испитувања и тестови кои се прават за да бидеме сигурни дека таа е безбедна и делотворна. Секоја серија на вакцини се контролира одделно. Откако ќе се почне со нејзина употреба, СЗО продолжува со следење на квалитетот. Во нашата земја, Министерството за здравство ги набавува вакцините од реномирани производители кои се лиценцирани од СЗО и кои ја употребуваат вакцината и во својата земја – вели д-р Мариноска.

Стурлакова-Коровешоска: Вакцината е квалитетна, јас ги вакцинирав и моите синови

И епидемиологот Јованка Стурлакова-Коровешоска од охридскиот Центар за јавно здравје не се сложува со мислењето на скептичните мајки и го посочува своето искуство со вакцинирањето на нејзините два сина против ХПВ-вирусот.

– Во некои земји во светот и машките деца се вакцинираат со оваа вакцина, а во нашата земја се размислува во блиска иднина да се почне со имунизација и на момчињата, бидејќи тие се најчести преносители на ХПВ. На тој начин ќе се спречи ширењето на инфекции со вирусот, а ќе се намалат последиците од нив – ни изјави д-р Стурлакова-Коровешоска.

И двете докторки велат дека родителите треба да веруваат во квалитетот на вакцините и дека тие се во функција на зачувување на здравјето на нивните деца. Посочуваат на потребата од унапредување на едукацијата на родителите, но и на учениците, бидејќи сега тоа главно се сведува на активност во советувалиштата на превентивните служби.

Податоците од СЗО на светско ниво покажуваат забележително повисок опфат на вакцинирани деца, како на женските така и на машките во развиените земји.



912

X