Ми се чини дека целото детство сонував да бидам фудбалер. Идол ми беше Дарко Панчев. Ги имав „скинато“ сите негови потези, вклучувајќи го и радувањето по постигнат гол, како и чешањето на грбот со палецот во пределот на „деветката“. Да, и не се залагав премногу на теренот кога топката не беше во мој посед – се потсетува актерот

Имав прекрасно, речиси совршено, безгрижно детство – вели актерот Оливер Митковски во неговата приказна „Кога бев дете“, раскажана специјално за читателите на Деца.мк. Еден од најангажираните актери од Македонскиот народен театар се наврати на убавите денови од детството. Вели дека му е тешко да издефинира каков бил.

Оливер Митковски

Омилено дете во фамилијата

– Веројатно се однесував различно во различни фази од процесот на растење. Кога бев мал, бев доста екстровертен, енергичен, играв, пеев, се забавував, а ги забавував и другите. Се сеќавам дека секогаш со нетрпение го очекував 31 декември. Тогаш се собираше целата фамилија, а тетин ми го носеше грамофонот сосе големите звучници. Ми се чини дека малку се сменив во првите години на училиште. Паметам една фотографија од прво одделение со уредно исчешлана коса настрана и карирана кошула закопчана догоре. Мислам дека тие години бев многу срамежлив – вели Митковски и додава дека потребата за играње во секоја фаза останала присутна со истиот силен интензитет.

На плажа со сестра му Билјана

Признава дека се чувствувал како омилено дете во семејството. Но, од денешен аспект, вели дека тоа и не е некое достигнување вредно за гордеење.

Оливер Митковски и Сашка Димитровска во сцена од „Мој термин“ (фото: Кире Галевски)

– Ми се чини дека токму тоа е една од најголемите причини за некои мои лоши навики што ми е тешко да ги искоренам до ден-денес.

На прашањето што велеле за него соседите, за какво дете го сметале, вели:
– Ќе ја цитирам комшивката од прв кат која непрестано ми го повторуваше истото од нејзиниот балкон: – Оливер, што добро дете беше, свиња се стори!

Оливер со мајка му и сестра му

Љубовта кон фудбалот – најголема

Ги играл стандардните за тоа време – криенка, камај, долга магарица, „кого удрам, не жалам“, сервис… Најмногу уживал да игра фудбал.

– Фудбалот ми беше омилен и покрај најраната желба да станам астронаут. Ми се чини дека целото детство сонував да бидам фудбалер. Идол ми беше Дарко Панчев. Ги имав „скинато“ сите негови потези, вклучувајќи го и радувањето по постигнат гол, како и чешањето на грбот со палецот во пределот на „деветката“. Да, и не се залагав премногу на теренот кога топката не беше во мој посед. Исто како Дарко – се потсетува актерот.
Фантазија никогаш не му недостигала. И самиот си измислувал игри, дури и натпреварувачки.

– Во зима, кога претежно морав да бидам дома, си играв самиот, а игрите беа слика и прилика на зимските спортови. Ги возев патеките во слалом, велеслалом (капиите беа шарите од тепихот) ски-скокови и слично. Интересно е тоа што ги возев сите натпреварувачи, мерев со стоперица, а времињата ги запишував на лист хартија. Бев доста систематичен – признава тој.

Детството го поминал во Кисела Вода. Тој е поголемото дете на Круме и Тода, а сестра му Билјана е една и пол година помала од него. Дали бил заштитнички настроен кон неа како постар брат, Оливер вели: „Блиски сме до ден-денес, а од мала беше страв и трепет за околината“.

Оливер со тетка му Убавка

– Кога некој ме задеваше, му велев: „Кога ќе ти дојде сестра ми, ќе видиш“ – се смее актерот.

Од денешна дистанца смета дека најголемо влијание врз него како човек извршил татко му.

– Со мајка ми односот се базираше на некое основно секојдневно ниво. Неминовно тоа влијание е присутно и во актерска смисла, но пак препознавам некои особини што ги имам од мајка ми, како луцидноста.

Со две братучетки од Сплит

Шахот – заедничка страст со татко му и дедо му

Сепак, вели дека најголем авторитет во нивната фамилија имал дедо му Ангел. Големо влијание во неговото растење имале и тетка му и тетин му Мики, со кои поминувал многу време.

– Дедо ми беше извонредна личност. Секој човек има приказна, но неговата биографија беше фасцинантно богата. Дедо ми никогаш не се занимавал со професионален шах, но беше извонреден шахист. Татко ми е со титула мајстор, а пред да се запишам на ФДУ играв и јас речиси професионално. Шах играм од 3-4 години. Кога дедо ми имаше почетна фаза на склероза, татко ми ме замоли да одиграм со него една партија. Тој период веќе настапував на големи турнири. Дедо ми ми покажа дека можеби можам да бидам најдобар на некој турнир, ама за во фамилијата треба да јадам уште многу леб. Буквално ме растури! – се потсетува Оливер.

Го замоливме да издвои некои од другарите од детството. Со Назим од „белите кули“ делеле иста желба за фудбал.

Караџица – честа дестинација

– Колкава што беше мојата страст и желба да станам центарфор, толкава беше неговата да стане голман. Извонредно се надополнувавме и ниту една временска непогода не можеше да нè спречи да изведуваме пенали и слободни удари. Интересен е фактот дека во истите тие години често се дружев и со нашиот денес истакнат академски сликар Атанас Ботев. Во еден краток период јас пишував, а тој црташе стрипови – се потсетува Митковски и додава дека со некои од другарите од детството животот знае да им ги вкрсти патиштата.

Оливер в скут на тетин му Мики, заедно со тетка му Убавка, сестра му Билјана и братучетките Љупка и Јулијана

Дека во животот многу работи ни се случуваат со причина, прочитајте за учителот на Оливер, кој имал големо влијание врз него.

– Имав прекрасен учител од прво до четврто одделение. Се викаше Пецо. Беше голем вљубеник во музичката и драмската уметност. Секоја година, на 13 ноември (така ни се викаше школото), се организираше прослава по повод ослободувањето на Скопје. Во прво го играв волкот во малку познатата „Лисицата и волкот“. Во 3. или 4. се подготвуваше поамбициозна претстава на тема Втора светска војна и „Ослободување на Скопје“. Го играв вториот војник и имав една или две реплики. Многу подоцна учителот дошол кај моите и им кажал, меѓу другото, дека отсекогаш знаел со што ќе се занимавам. Глумачката суета во мене тогаш си помисли, ако знаел тогаш, зошто не ми дал да ја играм главната улога или барем вториот војник. Инаку, додека се потсетувам на ова, првпат забележав една интересна коинциденција – мојата прва главна улога во МНТ ми е токму во „Ослободување на Скопје“ од Душан Јовановиќ – вели актерот.

Митковски одлучил да се запише во средното училиште „Борис Кидрич“. Но, вели дека уште на првиот час сфатил дека ниту го интересирало ниту пак планирал некогаш да се занимава со право и дека најверојатно се запишал во ова школо само затоа што живеел блиску до него.

На прашањето дали има нешто што денешните генерации го имаат, а тој би сакал да го имал кога бил мал, вели: „Ништо, апсолутно“.

Оливер Митковски токму годинава одбележува 20 години откако е дел од ансамблот на МНТ. 40-ина улоги само на матичната сцена, десетина улоги во кратки и долги филмови бележи во својата биографија.



912

X