Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 5 години. Оди во градинка од 13 месеци. Од малечка е многу тивка, мирна, повлечена… Мислев дека тоа ќе се смени, меѓутоа, не се менува, таа сè уште е таква… Се плашам. Не го кажува своето мислење без да ја праша некој, не е гласна, не знае да се одбрани ако некој ја напаѓа или ја турка или пак ѝ зема нешто што таа држи во моментот, ја клевети за нешто…

Кажувам дека е таква во градинка, а дома е малку поинаква. Се задева со нејзиното братче, си играат, се бркаат дури и инает му води и му се смее, а тој плаче. И дома е тивка, мирна, скромна, меѓутоа ме плаши со тоа што не умее да се одбрани или да возврати, не го искажува своето мислење. Како што прави нејзината најдобра другарка од градинка, и таа истото го прави, без разлика дали го сака тоа или не, а мислам дека не се ни труди да си изгради сопствено мислење и слика за одредени работи. Мислам дека вака ѝ е полесно да го прифати туѓото.

Разговаравме со учителките од градинка и тие ми велат треба ние дома треба да поработиме со детето, велат: „Ние нема што да правиме со неа со тоа што таа молчи додека лично не ѝ се обратиме“. Дури бевме лошо разбрани од учителките дека бараме премногу од нив за да ѝ обрнат малку повеќе внимание за на некој начин да се почувствува главна.
Ако ја искараме за тоа зошто е толку тивка, веднаш почнува да плаче. Сфативме дека тоа е тотално погрешен начин. Сака да пишува и многу да пее песни, обожава и да црта и да бои.

Ве молам да ми помогнете како да го ослободам моето дете, да биде слободно во своите мисли, дејствувања и сè што следува. Да биде самостојна во смисла сама да расудува, а не другарката како ќе каже ѝ, да биде слободна во говорот, да се бори да дојде до право на глас, да се изјасни, да си каже што има и да не го потиснува тоа во себе.

Прашува: Маја

ОДГОВОР: Сите деца се различни и прекрасни на свој начин. Децата на возраст од 1 до 2 години го развиваат „различното јас“ од другите. Од 2. до 6. година детето го развива поимот за себе, при што може да има добро или лошо мислење за себе врз основа на неговата способност да изврши некоја задача. Почитта кон себе всушност претставува лично доживување, чувство на идентитет кое вклучува физички и психолошки својства. Доколку е помала разликата помеѓу тоа што детето е и тоа што детето сака да биде, почитта кон себе е поголема.

Јана Зенговска, лиценциран психолог / Фото: Борче Поповски

Кога родителите што ги прифаќаат децата такви какви што се со сите свои доблести и маани, децата имаат повисоко мислење за себе. Се чувствуваат слободни, поддржани да го изразат своето мислење и автентичност.
Доколку родителите инсистираат детето да оствари некои нивни очекувања, а тоа не е во можност да ги оствари, може да се јави дополнителна фрустрација, детето да помисли дека не е доволно добро за да ги направи среќни своите родители, па неговата самопочит е на ниско ниво.

Како родители им го мислиме најдоброто на нашите деца и сакаме да ги зајакнеме и поддржиме да бидат самостојни, слободни и автентични. Но, доколку инсистираме да комуницира, да се дружи, може само да предизвикаме дополнителен отпор и чувство дека нешто не во ред со него/неа.
Обезбедете средина во рамките на семејството каде што девојчето ќе може слободно да го изразува својот став, прашувајте ја почесто што мисли за нешто. Консултирајте ја пред да го дадете вашето мислење за одредени работи. Доколку молчи, полека објаснете ѝ дека многу ви е важно нејзиното мислење, дека сакате да ја слушнете пред да донесете некоја одлука, се разбира, за прашања што се во согласност со нејзината возраст. Дома играјте улоги каде што помоќната улога ќе ѝ биде доделена на вашата ќерка. Пуштете музика и играјте на неа без да инсистирате и таа веднаш да се вклучи. Пофалете ја за работите што ќе ги направи, охрабрете ја да помага околу некои домашни активности (на пр.. да си го намести креветот, да си намачка лепче итн.).

Разговарајте и заеднички истражувајте за нејзините интереси во моментот. Доколку изрази свое мислење и да знаете дека е наметнато од страна на другарка од градинка, прифатете го без да ја убедувате дека треба да има свој став. Можете да ја прашате дали во одредена ситуација таа би постапила поинаку иако сега мисли така.
Идентитетот и сликата за себе се градат со многу трпение, љубов и прифаќање. Дозволете да греши и истражува, ненаметливо разговарајте за поинакви пристапи и согледувања. Некои деца се отворени и полесно стапуваат во комуникација, некои имаат свој ритам на внатрешен личен развој. Дозволете ѝ во согласност со својот ритам да ги гради личните капацитети.

Внатрешниот модел на вреднување се гради врз основа на тоа што родителите и врсниците го вреднуваат кај детето. Со внимание, разбирање и почит кон неа ќе овозможите да создаде свој внатрешен модел на вредности кои со текот на растот и развојот ќе ги надополнува со искуства кои ќе ја поддржуваат во градењето на позитивната слика за себе.

Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / janagrozdanovska@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X