Како нови родители, имаме многу работи за учење (и за грижење). Една од нив се коските на бебето. Чекорите што ги преземате за бебето да има добра исхрана уште од периодот кога е во утробата на мајката, па сè до неговата прва година, може да имаат долгорочно влијание врз начинот на кој бебето ќе расте. Тие чекори може да играат и важна улога во превенцијата за фрактури во иднина и медицински состојби како остеопороза.

Одржувањето на здравјето на коските е како да се има сметка за штедење, вели д-р Џен Трактенберг, асистент-клинички професор по педијатрија во школата за медицина „Икан“ во Маунт Синаи. Таа вели дека ако му помагате на детето да ја добива добрата и здрава исхрана, тоа е како да креирате депозит за да му помогнете да се справува со идните предизвици.

– Исхрана богата со калциум и други минерали го доведува трошењето на коските и другите проблеми до минимум – објаснува таа, истакнувајќи дека децата со висока коскена маса, по адолесценцијата, имаат најголема предност во однос на здравјето на нивните коски.

Во утробата: Клучни се калциумот и витаминот Д

Првиот чекор кон здравјето на коските на бебето се презема уште во бременоста. „Исхраната на мајката и примањето калциум и витамин Д се многу важни за да се осигурите дека бебето има здрави коски“, вели д-р Моника Гровер, асистент-професор и еден од директорите на програмата за здравје на коските во детската болница „Лусил Пекард“ при Универзитетот „Стенфорд“.

Просечните пренатални витамини содржат 400 интернационални единици на витаминот Д, но според неодамнешна студија, спроведена од Американската асоцијација за бременоста, се препорачува бремените жени да земаат 4 илјади единици од витаминот Д дневно. Тврдат дека со земањето на овие суплементи се прави промена. Но, препораките варираат – од Американскиот колеџ на гинеколози поставуваат пониска граница – 600 единици на витамин Д дневно.

Што се однесува до калциумот, се препорачува сите жени над 19 години, бремени или не, да земаат 1.000 милиграми калциум секојдневно. За тинејџерите, пак, се смета дека потребната количина е 1.300 милиграми калциум дневно, без разлика дали се бремени или не.

По раѓање: Осигурете се бебето да добива на тежина

Откако ќе се роди бебето, најважно што можете да го направите за неговите заби и коски е да се осигурите дека се храни доволно и ја добива соодветната тежина. Како и за мајката во текот на бременоста, клучната состојка во оваа ваза е витаминот Д, заедно со калциумот. На бебињата им се потребни минимум 400 единици витамин Д дневно, од раѓањето до нивниот прв роденден. Оние што се хранат со формула ќе добијат доволно витамин Д, ако дневно пијат еден литар млеко. Од друга страна, оние што цицаат или примаат помалку од еден литар млеко дневно ќе треба да земаат 400 единици витамин Д, на дневна основа, бидејќи оваа состојка не се апсорбира лесно, а и не е веднаш достапна во мајчиното млеко, објаснува Трактенберг.

Ова е потребно дури и ако мајката зема суплементи од витамин Д додека дои. За да се префрли оваа хранлива материја до детето преку мајчиното млеко, мајките треба да консумираат помеѓу 4.000 и 6.000 единици дневно што, според експертите, не е вообичаено застапено кај мајките. Кај оние што земаат адаптирано млеко, треба да се осигурите дека мешавината е соодветно направена, за бебето да ги добие точните нивоа на хранливи материи, вели Трактенберг.

Рано детство и понатаму: Преод кон цврста храна и млеко

Американската академија за педијатрија препорачува доење во првите шест месеци од животот на детето, а потоа можете постепено да внесувате цврста храна во неговата исхрана. На возраст од 122 месеци, се препорачува детето да консумира околу 1.000 калории дневно, распоредено во три оброци и две ужини. Оброците да се состојат од намирници како јогурт, кашкавал, сирење, лосос, јајца, грав, зелен зеленчук. Запомнете дека внесувањето нови намирници во исхраната на детето може да биде долга и тешка задача. Трактенберг вели дека се потребни околу 10 до 15 обиди пред бебињата да бидат подготвени за новите намирници, но има некои работи што ги олеснуваат работите и за вас и за децата:

– Бидете постојани и истрајни;
– Обидете се со различни начини за подготовка на храната (печена, во форма на пире);
– Никогаш не присилувајте го детето да јаде нешто;
– Запомнете дека е потребно време за детето да совлада нови навики.

По првиот роденден бебињата може да преминат на обично млеко – добар извор на витамин Д и калциум. На таа возраст препорачаната доза на витамин Д исто така се зголемува на 600 единици, вели Трактенберг. Малите деца треба да консумираат два до три оброка со млечни производи дневно, на пример, половина шолја млеко, парче кашкавал/сирење и третина шолја јогурт.

Ако детето не сака млеко или млечни производи воопшто, Трактенберг вели дека овие хранливи материи може да ги добие и од извори што не се млечни. Сепак, Гровер апелира да се внимава и вели дека поголем предизвик е да се добиваат овие хранливи материи од исхрана која е делумно составена од растенија. „Треба да се јаде многу брокула и спанаќ за да се добие истата количина на калциум што се добива од млечните производи. Ако детето јаде само зеленчук, ќе мора вештачки да ги надополни калциумот и витаминот Д“.

Добра идеја се и мултивитаминските напивки, за кои предлози ќе ви даде лекарот.
Додека има некои фактори за развојот на коските и здравјето кои не можете да ги контролирате, како хронични болести и генетика, навиките што родителите ги креираат во првиот период од животот на бебето може да бидат основа за добро здравје кое ќе трае до возрасниот живот на детето.

Автор: Мери Кирл



912

X