Игротека

Мајка се среќава со своето починато дете во виртуелна реалност. До каде ќе оди технологијата и потребна ли е регулација?

Во 2016 година седумгодишната Најеон, ќерка на Јанг Ји-сунг од Јужна Кореја, починала од неизлечива болест. Три години подоцна мајката на некој начин повторно била обединета со Најеон – во виртуелен свет креиран за телевизиски документарец. Под наслов „Те сретнав“ било објавено видео, односно дел од снимките кога мајката „преминала“ од реалниот во виртуелниот свет.

На снимањето, објавува futurism.com, Јанг стои пред масивен зелен екран додека носи сет за виртуелна реалност на главата и некој вид ракавици. Таа и нејзината ќерка зборуваат, се држат за рацете, па дури имаат и роденденска забава со торта. Нивната повторна средба, иако е дел од виртуелната реалност, е екстремно емоционална. Јанг плаче во моментот кога ја гледа виртуелната Најеон, додека остатокот од семејството, таткото на Најеон, братот и сестрата, го набљудуваат целиот процес со тажен израз на лицето и со солзи.

„Можеби е вистински рај“ истакнала Јанг за искуството. „Ја сретнав Најеон, која ме повика со насмевка, за многу кратко, но среќно време. Мислам дека ми се оствари сонот“.

Продукцискиот тим поминал осум месеци креирајќи го проектот. Дизајнирал виртуелен парк кој мајката и ќерката го посетувале во вистинскиот свет и користел технологија за да ги сними движењата на детето-актер кое подоцна го користеле како модел за виртуелната Најеон. Процесот можеби не е едноставен и крајниот производ не е совршен, но сега ја имаме технологијата за повторно да ги создадеме мртвите во виртуелна реалност. За да се креира овој проект бил потребен цел тим од експерти, но колку сме далеку од платформа која ќе им дозволува на сите да постават датум од саканите луѓе што се починати и да стапат во интеракција со нивната виртуелна верзија? Години? Месеци? И какво влијание ќе има сето тоа врз процесот на тажење и жалење? Дали тоа што ќе можеме да ги видиме нашите сакани во виртуелната реалност ќе ни помогне да се помириме и да продолжиме по нивната смрт? Дали некои луѓе ќе станат зависни од овој виртуелен свет, поминувајќи повеќе време во него отколку во реалниот?

И дали сето тоа ќе запре со виртуелната реалност – или овој потег е само прв чекор кон дизајнирање виртуелни верзии од нашите починати сакани лица, како што е случајот опишан во една од епизодите на популарната серија „Црно огледало“?

Неколку стартапи ја поставуваат основата за тоа во иднина, собирајќи податоци и за живи и за мртви луѓе од кои може да креираат „дигитални аватари“. Други компании веќе создаваат клонови – роботи од реални луѓе.

– Кога веќе знаете дека тоа лице го нема, го прифаќате виртуелниот еквивалент од него– па сето тоа е една утешителна трага. Нема ништо неетичко и лошо во врска со тоа – вели невролошкиот научник Мајкл Грациано од „Принстон“.

Можеби е потребна регулација. Наместо да се остават стартапите да ѝ нудат на јавноста шанса за интеракција со виртуелните верзии од нивните починати сакани – несомнено со плаќање одредена цена – можеби можеме да ја направиме технологијата достапна само за оние што се согласиле на проверка кај психолог. Тешко е да се каже што би функционирало најдобро при ваквата можност бидејќи виртуелната реалност е територија што не е целосно истражена – но, кога официјално влеговме во таа зона, се поставуваат низа прашања кои треба да се одговорат што побрзо.

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Видеото е со вознемирувачка содржина

Автор: Кристин Хаузер

Поврзани написи

To top