Сите градинки се приватни, ама мора да имаат лиценца за работа. Цената за еден месец во просек е 2.000 евра, меѓутоа, дел од парите државата ги враќа назад. Сѐ зависи од тоа колку заработуваат родителите

Јана Андријески живее во Амстердам. Наскоро ќе полни три години. Како и повеќето деца, и таа е хиперактивна. Во миговите кога ќе се превозбуди, умее да се смири со техники на дишење.
– Ќе ѝ речам: Ајде, Јана, диши длабоко, и тоа допира до неа. Застанува, ги крева двете рачиња, вдишува длабоко, па издишува и така неколку пати. Тоа го има научено во градинка. Првиот час по јога го имаше на две години. Воспитувачките ја користат како метод за „смирување“ ако видат дека децата се премногу возбудени од нешто – раскажува мајката на Јана, Славица Илиеска-Андријески.

Осамостојување на децата

Меѓутоа, не е само јогата. Секој ден имаат различна активност. Еден ден цртаат, друг свират на инструмент, трет ден дебатираат на филозофски теми, на пример, што е тоа „храброст“, „сила“…
– Педагошки гледано е одлично. Мозокот ѝ се развива зашто мора сама да размислува. Сѐ имаат одлично осмислено. Информирани сме за сѐ. На мобилните телефони имаме инсталирано посебна апликација и воспитувачките таму ни праќаат сѐ: што јадела, што пиела, колку спиела, што си играла. Ни праќаат и слики – вели Славица.

Во градинките во Холандија многу се посветува време на осамостојувањето на децата.
– Иако сѐ уште нема три години, сама јаде уште пред да наполни една година. Ги учат во градинка. Им даваат сами да држат лажица или, пак, јадат со раце. Ги учат сами да се облекуваат, да одат во тоалет, да се избришат… Од две години Јана постепено почна сама да се облекува. Знае и наопачки да се облече, ама намерно ја оставаме – раскажува мајката.

Породилно – 4 месеци, градинките приватни, ама државата враќа пари

Јана оди во градинка откако наполнила седум месеци. Породилното отсуство во Холандија трае четири месеци, а почнува откако мајката ќе влезе во деветтиот месец, што значи дека поголемиот дел од децата тргнуваат во градинка кога имаат само три месеци. Сите градинки се приватни, ама мораат да имаат лиценца за работа.  Цената за еден месец во просек е 2.000 евра, меѓутоа, дел од парите државата ги враќа назад. Сѐ зависи од тоа колку заработуваат родителите. Цените се скалесто направени за да можат сите родители да си ја дозволат градинката.

Шеќерот е строго забранет

Сашо и Славица ја имаат одбрано оваа градинка затоа што на менито има и топол оброк. Во повеќето градинки се служи само ладна храна, сендвичи со кашкавал, лепчиња со путер или со некој намаз.

– Уште на првиот состанок им кажавме дека Јана не јаде месо. Кетеринг им носи храна и имаат список кое дете што јаде. Ако другите деца јадат шпагети болоњезе, и Јана ќе го јаде тоа, ама приготвени без месо. Отсабајле имаат овошје, потоа топол оброк, попладне имаат ужина, крекери со крем-сирење, пиперки, домати, краставица. Сокови и шеќер им се строго забранети, дури и на родендени – вели Славица.

Шетаат боси и спијат во темница

Има некои работи што на родители што потекнуваат од Македонија им изгледаат чудно.
– Изненадена бев зашто ги пуштаат боси. Јана секој ден е боса. Тоа е супер, ама ако се разболува, не ти е драго. Теоријата им е дека така полесно се гради имунитетот и мислат дека ако се боси, подобро им се развиваат нозете. Друга работа што ме изненади беше делот каде што спијат децата. Креветчињата се на кат и имаат решетки отстрана, па кога спие детето, изгледа како да е во кафез. Спијат во темница и во тие простории нема прозорец. И кога првпат ќе ја видиш просторијата, не ти е сеедно. Има вентилација, ама чудно е – раскажува мајката.

Сепак, Јана ужива во градинка. Ако се случи неколку дена да не отиде во градинка, станува нерасположена зашто ѝ недостигаат игрите и другарчињата.

Фото: семејство Андријески



912

X