Се ближеше толку извиканиот празник над празниците, всушност, артифицијелно создадениот производ на западната цивилизација – Нова година. Во суштина, еден концепт кој се содржи во човековата дамнешна потреба да го мери, структурира и контролира неконтролабилното – времето. И згора на тоа, сосема капиталистичката утилитарна и многу прагматична потреба од сѐ да се направи профит. Но, да го оставиме сега тоа, а пораката на почетокот, како и секогаш, ќе ја откриете на крајот… Еве една мала скаска…

Во тие дни блиски до извиканиот празник едно девојченце се мачеше со задачите по математика, не поради својата ниска интелигенција, ами поради потребата на ова современо општество да нѐ остари предвреме, што значи, причината за неговата мака лежеше во избрзаноста на материјата за нејзините едвај 8 годинки.

Мирослав Пендароски/фото: Борче Поповски

По долготрајната борба со бројките од арапска провиниенција и низата непознати, во и онака, за повеќето деца непознатата математика, заѕвони долгоочекуваното ѕвонче. Девојчето истрча весело да си ја земе ужината и во тие едвај 20-ина минути на сосема оправдано таканаречениот голем одмор, да си поигра со другарчињата во училишниот двор. Играјќи си така, начу некаков разговор меѓу две деца, малку поголемки од неа. Не ѝ беше јасно од која причина, но некако разговорот ѝ мирисаше на нешто мистериозно и значајно. Се доближи до нив небаре нешто бара во веќе навлажнетиот двор од едвај-снегот кој беше првиот во таа година. Децата изгледаа страшно сериозни во лицата додека гестикулираа и дискутираа за нешто очигледно многу битно. Едното од нив, дури како да се пенавеше обидувајќи се да му објасни нешто на другото. Во еден миг кога девојчето беше доволно блиску за да потчуе, а сепак доволно далеку за да не биде забележано прикрадувањето, како да наслушна дека децата зборуваат за Нова година и сета мистерија околу неа. Едното од децата, кое очигледно беше од побогата фамилија, барем судејќи по скапиот телефон од кој не се делеше и високите шарени и кожени патики, со голема доза на самоувереност му велеше на другото – ти велам, ти велам тој не постои, сето тоа е една голема лага! Што ли е тоа толку голема лага и кој тоа не постои, се прашуваше девојчето?! Детето продолжи – ти велам тоа е приказна за малите деца, не е за нас, поголемките, тоа само родителите сакаат да бидеме умни и послушни, па нè лажат дека тој стар дедо постои таму некаде на северот и демек ни носи подароци. Не, ти велам, продолжуваше надмено детето, сега веќе убедено дека приказната е добро продадена кај неговиот другар, подароците ги купуваат нашите родители и ни ги оставаат под елката, демек Дедо Мраз ги донел, пих, глупости… Дедо Мраз не постои и точка…

Нешто го здоболе девојчето, се натажи, се разочара, снеможе. Но, продолжи да слуша. Другото дете веќе поверувало и возврати нешто во стилот дека не треба да се верува во тој измислен свет и дека реалноста е дека за сите тие приказни треба да им се каже на сите деца од светот дека се лажни. Дека тоа не постои, дека честитките се измислица, дека бонбоните и детските помали и поголеми желби се само утопија која реалност ја прават само добрите родители кои нештата ги купуваат по пазарите и бутиците. Децата се разотидоа, т.н. голем одмор заврши, а нашата мала јуначка од приказнава нажалено и втренчено гледаше во снегот со бледи очиња од кои се читаше крај на нешто толку важно, а незнајно.

Едвај доседе на мајчин јазик и музичко, па отрча дома со плач и немоќ. Уште од вратата ја погледна мајка си и ја праша: Мамо, зошто ме лажеше дека Дедо Мраз постои?! Зошто ме натера сиве овие години да верувам дека играчките тој ги симнал и ги протнал низ нашиот оџак и дека ирвасите го чекаат надвор? Јас ти верував, а ти ме изневери, ме натера да верувам во лажги без опашки. Мајката разбра која е пораката и што се случило. Бидејќи беше од оние мајки што не сакаат да го разочараат милиот детски свет обоен во боите на наивата, ја погали малата принцеза, ја седна во скутот и тивко ја замоли – сега дозволи ми да ти објаснам.

Ќе ти кажам две вистини, ќерко, едната вистинска, а другата убаво-лажна. Едната е сурова, а тоа е дека Дедо Мраз како многу стар дедо кој доаѓа од незнајна земја и лета со ирвасите и на секое детенце му остава играчка по желба е реалистично-лажната вистина, т.е. дека во таа смисла Дедо Мраз не постои! Другата за мене е поважна, а таа е дека истовремено Дедо Мраз постои! Ќерката зачудено свика – е како мамо ?! Како постои кога сега ми рече дека не постои?! Тој постои во твојата надеж за животот и добрината на луѓето, љубовно милно рече мајката. Тој постои во твоите очиња полни со жар, верба, борба и љубов. Да, ќерко мила, тој постои во твоите прекрасни соништа, кои ако ги убиевме тогаш, денес немаше да пораснеш во искрено, топло и паметно девојче. Да, тој постои и во мене, во мојата верба во вистината на фантазијата и детскиот неуништлив свет на креативноста. Дедо Мраз постои во мојата желба да не ти ја убијам трошката надеж која вистината секако ќе ти ја одземе. Тој постои и во моите верби во твојата љубов за светот и природата. И да, тој постои и секогаш ќе постои само во умот и душата на оној човек кој умее да ги сака децата и да ја разбере вистинската реалност што лежи зад суровоста на неговото дедомразово непостоење.

Ете гледаш, ќерко, Дедо Мраз сепак постои. Да, постои, и секако, и оваа година ќе ти ја остави омилената приказна под твоето новогодишно дрво. Ајде, итај бргу и напиши ја листата со желби, стуткај ја во врзоп-писмо да му ја пратиме нему час поскоро за подарокот да стигне навреме. Девојчето се смири, а неговите очиња повторно заблескаа на огинот од домашното ќумбе. Ја гушна мајка си и изусти: Знаеш што научив денес, мамо? Ти, ти си мојот Дедо Мраз. Денес научив дека сите добри татковци и мајки, баби и дедовци, старатели и згрижувачи, учители и негуватели, сите вие сте Дедо Мразовци, па ако сакаш и Баба Мразици! Прснаа и двете во слатка и прекрасна смеа во ноќта која го најавуваше неговото доаѓање, додека малата принцеза го остреше волшебното моливче наменето само и само за писмото преполно со желби…

Фото: Горан Анастасовски

Драги родители, баби и дедовци, стрини, вујковци, тетки и тетиновци. Ој сите вие знајни и незнајни старатели, хуманисти, наставници и негуватели, професионалци од разен сој, сите до еден што работите со деца и/или се грижите за нив, слушнете сега добро. Можеби за нас, возрасните, Дедо Мраз е само измислена приказна од некојси забеган писател, или пак тој е само „нашиот“ свети Никола или пак „вашиот“ свети Незнам. Можеби за вас тоа е една голема несолена и неарна шега која, нели, еден ден ќе ги разочара децата кога ќе пораснат и ќе ја дознаат вистината. Па што и да е така?! Мислите дека сте важни и кул и ин кога глумите современи сезнајковци?! Грешите, многу грешите и еден ден ќе ви биде криво за секој ден повеќе во кој вашето дете живее со „просветителската” од вас кажана вистина… Кои сте вие да им ја ускратувате на децата вербата во едно инакво утре и надежта дека зимата во сиот свој студ носи еден добар стар човек кој шири љубов насекаде. Ајт сиктер таму вие и вашите демек многу важни вистини. Не остарувајте ги вашите деца предвреме, животот ќе го стори тоа многу подобро, ама и посурово од вас! Па што и дека Нова година е вештачка творба на едно површно време?! Сепак, во неа има една многу важна приказна, приказната за белиот старец од Северот кој лета низ светот на своите горди ирваси.

Зарем јас, дете на социјализмот кое веруваше дека „во светот постои едно царство, во него царува другарство. Во него сè е убаво и нежно, и во него сè се радува. Во него куќите се од чоколада, а прозорците од мармалад!”, да ви објаснувам што е имагинација и проста, неиспоганета обична и сосема човечка детска среќа.

Срамота за вас, за децата браво!

Автор: Мирослав Пендароски, психолог, универзитетски професор



912

X