Ќе се даваат воопштени формулации и идентични за многу ученици, што ќе биде голем проблем, а текстовите во евидентните листови или во свидетелствата често ќе бидат копирани. Како ќе се опишуваат ситуациите со инклузијата во наставата, колку наставниците ќе можат да даваат тесно стручни анализи, прашуваат познавачите

Добро е да постои описно оценување, но вака како што е поставено, сите ги збунува и од тој писмен опис на оценката тешко може да се заклучи какви се постигнувањата на учениците, велат наставници по објавата на информацијата на Деца.мк дека учениците во четврто, петто и во шесто одделение ќе мора да добиваат описни оценки и на полугодие, согласно новиот Закон за основно образование. Досега описно беа оценувани во 1. и 3. тримесечје, а бројчени оценки добиваа на полугодие и на крајот од годината.

Побаравме мислења за најавената новина. Во меѓувреме оваа најава предизвика многу реакции од стручната јавност, како и од родителите.

Евидентен лист за ученик

„За сите деца е исто напишано“

По најавата за описни оцени и во четврто, петто и во шесто одделение имаше многу реакции на социјалните мрежи. Многу родители реагираат дека добиваат урнеци и дека ако се исти за група деца, не ја разбираат поентата на описното оценување.
„Кој работи во Министерството? Дали слушнале за детска психологија, развојна психологија? Па потоа децата не сакале да учат, немале мотивација. Во четврто одделение децата имаат 10 години и веќе многу добро се свесни кога некој го вреднува нивниот труд. А вака, речиси за сите деца е исто напишано, а едни учеле, други не. Каде е мотивацијата? Еве син ми е четвртоодделенец, баш беше возбуден дека ќе имаат оценки. Што со овие евидентни листови? Само работа им отворате на наставниците“, вели мајка на четвртоодделенец.

За да им олесни на родителите, Бирото за развој на образование ќе направи упатство кое ќе објаснува кој опис каква оценка значи.

Сите збунети

Во описното оценување нема точно дефинирани зборови. Тоа треба да постои, но со точно дефинирани зборови, според кои ќе се знае прецизно дали е успешно совладан материјалот, дали е делумно совладан и слично. Ниту на родителот му е јасно, ниту на децата, ниту на наставниците, сите се збунети, вели долгогодишна наставничка во едно скопско основно училиште во Општина Аеродром.

– Наложено ни е да ги пишуваме само позитивните работи, односно мораме да пишуваме што детето знае, а она што не го знае не смееме да го напишеме. Родителот доаѓа и вели: „Кажете ми оценка, ова не ми е јасно“. И ме става мене како наставник во незгодна ситуација, па за да си олесниме сите, му велам: „Добро е“. На овој начин уште повеќе ќе ги упропастиме децата. Во други држави оценувањето е многу јасно дефинирано. Солидна оценка не можеме да ставиме само затоа што детето добро се однесува на часот. Детето треба да биде оценето според тоа што го постигнало во однос на знаењата. Ако прочитате наставна програма, имаме толку многу цели што треба да ги постигнеме, што и самите ние како наставници се замислуваме дали и самиот ученик ги има исполнето целите и во која мера – вели наставничката.

Сето ова се прави пребрзо

Проф. д-р Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип вели дека пребрзо се воведува описното оценување (но, од друга страна, е предоцна во споредба со современите тенденции во светот).
– Идејата е добра, треба да се внимава на оперативната изведба и да започне по фази. Да почне со обуки на наставниците, со промени во системот за образование на наставниците, би требало да се пристапи многу посистемски. Тоа значи дека надлежните во Министерството за образование и наука треба да бидат свесни дека може да се воведе нешто кое е многу важно и потребно, а однапред да биде осудено на пропаст поради несистематски пристап – смета професорот.

Проф. д-р Кирил Барбареев

Тој вели дека треба да сфатиме дека живееме во систем кој предолго создава генерации што се склони да веруваат дека оценката е единствен начин и квантитативна мерка на способностите на испитаникот и напредувањето. Смислата на описното оценување е многу конкретно и многу прецизно да даде слика за повеќе особини на ученикот, и во долг временски период да се следи развојот на секој ученик.
– Тоа е многу подобро и суштински придонесува за подобрување на секој ученик, но и родителот да добива многу попрецизни информации за своето дете, а и целиот образовен систем. Оценувањето на учениците не се однесува само на стекнатото знаење, туку и на развојот на вештините, како и на формирањето ставови, вредности и однесувања – вели Барбареев.

Култура на комуникација

Како пример посочува дека многу е подобро да се знае дека детето денес било многу мирно, љубопитно на часот по природни науки и дека имало голема мотивираност на часот по англиски јазик, дека споделува искуства од она што му се случува дома, дека сака да оди на фудбал или пинг-понг во спортскиот клуб, но, од друга страна, било помалку фокусирано и активно на часот по физичко образование. Дека детето има голема амбиција да зборува и раскажува, да споделува со другите деца, или дека можеби денес во некој конкретна ситуација имало непристојно однесување кон едно другарче, дека употребува лоши фрази, дека губи брзо интерес на некоја тема итн.
– Суштината е реален индивидуален опис за секој ученик постојано, во повеќе сегменти: знаење, вештини, вредности, ставови, волја. Опис на способноста за примена на знаење и вештини во дадена ситуација или контекст – вели Барбареев.

Ваквиот начин на комуникација, според него, создава многу поголема доверба во релациите меѓу наставникот, родителот, па и стручните служби и системот.
– И замислете кога вие како наставник оваа информација ќе ја сочувате во досието на секое дете, но и ќе им ја пратите денес на родителите. Кога би имале таква култура на комуникација помеѓу себе, наставници, родители, стручна служба, тогаш би се подигнало и нивото на доверба помеѓу сите во системот. Тој начин на комуникација создава многу поголема доверба. За жал, ние немаме таква култура на комуникација, ниту така сме воспитувани, ниту образовани преку системот – додава тој.

Ќе има многу проблеми

Проф. Барбареев смета дека е потребно описното оценување, но реално и суштински за потребите на секој ученик, наставник и потребата на образовниот систем.
– Но, ако се воведе вака брзо како што се заговара, ќе се појават неколку проблеми во практиката. Наставниците ќе имаат голем предизвик пред нив. Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието немаат вистински пристап на професионален развој за оваа тема на наставниците согласно реалната ситуација во Македонија, па оттука ќе се појави отпор кај наставниците бидејќи ќе сметаат дека е тоа дополнителна административна работа. Ќе се даваат воопштени формулации и идентични за многу ученици, што ќе биде голем проблем, текстовите во евидентните листови или во свидетелствата често ќе бидат копирани. Како ќе се опишуваат ситуациите со инклузијата во наставата, колку наставниците ќе можат да даваат тесно стручни анализи? Има уште многу други прашања и предизвици што се поврзани со тоа како тоа ќе го сфатат родителите – предупредува професорот.
Искуствата во светот се дека описното оценување доминира во почетните одделенија, но не се исклучува можноста за доделување поени, оценки или други знаци кои можат да го мотивираат ученикот, согласно неговите постигнувања и активности на дневно ниво.



912

X