Бремените жени што се изложени на физички или психички стрес, а носат машко дете, може да имаат поголем ризик од предвремено породување, според резултатите од нова студија.

„Матката е влијателен прв дом“, изјавила водечката авторка на студијата Кетрин Монк, директорка на одделот за ментално здравје на жените во рамките на медицинскиот центар „Ирвинг“, Колумбија.

И покрај тоа што полот на бебето е диктиран при зачнувањето, бременостите со момчиња се повеќе ранливи во однос на несреќни случаи, како спонтан абортус.

– Знаеме дека машките се повеќе ранливи во матката и веројатно стресот кај овие жени е од долгорочна природа – вели Монк. Природата вообичаено се осигурува во просек да има 105 момчиња на секои 100 родени девојчиња. Но, во оваа студија жените што имале повисок крвен притисок и други знаци на физички стрес имале четири момчиња на секои девет девојчиња (размер 4:9), додека мајките што биле под психолошки стрес имале две момчиња на секои 3 девојчиња (размер 2:3). Сите жени имале уредна бременост.

– Други истражувачи согледале дека овој шаблон за намалување на бројот на родени машки деца е поврзан со трауматични катаклизмични настани. Такви настани се, на пример, убиството на претседателот Кенеди и терористичкиот напад на 11 септември во Њујорк – вели Монк.

Бремените жени што биле под притисок исто така имале поголема веројатност да се породат предвреме во споредба со мајките што не биле под постојан стрес. Сепак, менталната тензија на бремените жени довела до повеќе компликации во породувањето, на пример, породилни болки со подолго времетраење за разлика од мајките што биле под физички стрес.

Улогата на социјалната поддршка

Кога идните мајки добивале социјална поддршка, на пример, кога имале некој со кој би разговарале или на кого можеле да сметаат да им помогне во врска со нивните проблеми, тогаш ризикот од прерано породување исчезнува, оценува Монк.

Колку поголема социјална поддршка добива мајката, поголема е шансата да добие машко дете. Ова е уште едно изненадување. „Поддршката може да биде од семејството и од пријателите“, вели Монк. „Тоа за нив може да предизвикува чувство на припадност на заедницата. Чувство на социјална кохезија и социјална поврзаност, што според истражувањето е превенција против стресните искуства. Сета таа поддршка значи дека мајката паузира од стресните моменти“. Социјалната поддршка е клучна за градење самодоверба кај новата мајка, вели д-р Кристина Пенфилд, професор асистент во медицинскиот центар „Лангон“, во рамките на универзитетот во Њујорк. Таа исто така била вклучена во студијата.

– Бременоста е клучен момент во животот на жената кој се совпаѓа со повторната дефиниција на себеси, семејството и заедницата. Затоа не е изненадување што неколку студии покажаа дека кога обезбедуваме програми за социјална поддршка за бремените жени, забележуваме и подобрување во нивните психо-социјални резултати – изјавила Пенфилд.

Хроничниот стрес и бременоста

Процената е дека 30 отсто од бремените жени пријавуваат психо-социјален стрес од работата или депресија и анксиозност, според студиите. Додека оваа студија не истражува како стресот може да влијае врз бременоста, другите ја посочуваат улогата на хормонот на стресот – кортизол. Тој е дел од „аларм-системот“ на телото и има задача да се повлече кога опасноста завршува. Хроничните високи нивоа на кортизол во организмот може да го зголемат крвниот притисок и индивидуата да стане посклона кон болести.

Една студија открива дека бремените жени што се под притисок имаат повисоки нивоа на кортизол, а тие високи нивоа биле исто така присутни и во амнионската течност кај бебињата, во периодот од 17. недела од бременоста.

– Стресот за текот на бременоста може да биде штетен и за мајката и за бебето – вели Лора Берман,  клинички професор во одделот за психијатрија во школата за медицина „Фаинберг“. „Да се биде под стрес додека се очекува дете, може да доведе до зголемување на шансите за појава на постнатална депресија. Исто така, може да доведе до предвремено породување и мала тежина на бебето“, додала Берман, која не била вклучена во студијата. Сепак, треба да се биде внимателен кога се чита премногу за поврзаноста помеѓу стресот во бременоста и неповолните исходи.

– Овие студии може само да сугерираат на поврзаност и не можат да ги дефинираат причинителите. На пример, некои жени што пријавуваат голем стрес, исто така, може да имаат намален сон, нерегуларна или нездрава исхрана, или пак, зголемени нивоа на употреба на супстанции. Нејасно е дали токму стресот може да предизвика неповолни исходи – вели таа.

Стресот е дел од животот

Стресот е дел од секојдневниот живот. Всушност, „добриот“ стрес го мотивира и фокусира вниманието. Нездраво е само кога стресот се искачува на високо ниво или е константен.

– Повеќето жени пријавуваат дека имале барем еден стресен животен настан во годината пред да родат дете, па доживувањето на стресот во бременоста е често неизбежно. Кога се соочуваат со стрес, најдоброто што можат да го направат идните мајки е да го намалат влијанието на стресот врз нивниот секојдневен живот и да се обидуваат да одржат добар сон, исхрана и навики за вежбање – додава Пенфилд.

– Сметам дека медитацијата е неверојатно корисна алатка за менаџирање на стресот. За разлика од вежбањето, кое може да биде тешко за мајките што се во последните месеци од бременоста, медитацијата помага во секоја фаза и на секоја жена – вели Берман.

Уште една корисна алатка, според Берман, се и групите за поддршка во текот на бременост, како и терапијата за парови за идни родители, кои сакаат да се осигурат дека меѓусебната врска е на вистинскиот пат, пред да дојде бебето. Монк сугерира дека најдобро време да се планира бременост која нема да биде изложена на големи количества стрес е веднаш штом почне пренаталната грижа.

– Зошто да не се запрашате како го менаџирате стресот? Дали имате алатки? Дали ви е потребна поголема помош? Од каде би дошла таа дополнителна помош? Сметам дека е идеално време да се направи тоа.

Автор: Санди Ламот



912

X