Стресот во бременоста претставува ризик-фактор кога се во прашање појавата на депресија и некои други заболувања подоцна во животот. До тој заклучок дошле научниците од Јена во Германија. Откриле какви траги оставаат хормоните на стрес во мозокот на нероденото дете.

„Што чувствува моето дете во стомакот?“, се прашуваат речиси сите жени во текот на бременоста. Допираат ли на некој начин стравот, стресот, тагата и болките што мајката ги чувствува и до нејзиното неродено дете? И пред сè, може ли тоа влијание да му наштети на детето подоцна во животот?

Стресот што го чувствува мајката во бременоста навистина допира до детето, но не во истата количина: ензимите во плацентата го штитат нероденото дете од преголемиот страв и возбуда што ги чувствуваат мајките. Но, сепак, околу 10 отсто од мајчиниот хормон на стрес (кортизол) допираат до нејзиното дете, а тоа е доволно за значително влијание врз детето.

До тој заклучок дошле научниците од Клиниката за неврологија „Ханс Бергер“ при Универзитетската клиника во Јена, кои на годишната конференција на Германското здружение за истражување на сонот и медицината на сонот, во Висбаден, ги претставиле своите резултати.

– Пренаталниот стрес кај неродените деца трајно го подигнува нивото на хормонот за стрес, па го зголемува созревањето на мозокот. Затоа, стресот во текот на бременоста е важен ризик-фактор за подоцнежна депресија и други заболувања – вели неврологот Матијан Шваб, водител на работната група „Фетален развој на мозокот и програмирање на болестите во подоцнежниот живот“.

ЕЕГ во мајчината утроба

За да можат да ја испитаат активноста на мозокот на бебето во мајчината утроба преку ЕЕГ, научниците своите истражувања ги спроведувале на овци, кај кои бременоста и развојот на мозокот поминуваат слично како и бременоста и развојот на мозокот кај луѓето. На бремените овци им се вшприцувал бетаметазон, синтетички препарат кој како и кортизолот припаѓа на групата глукокортикоиди, кој им се дава на бремените жени кај кои постои опасност од предвремено породување. Тој препарат го зголемува развојот на белите дробови, па на тој начин ги зголемува шансите за преживување кај предвремено родените деца. На овците таа стимулативна материја, пресметана според траењето на бременоста кај луѓето, им се вшприцувала од 25 до 32 недели.

Последицата била следна: тој препарат не само што предизвикувал извонредно брз развој на белите дробови туку и го забрзал развојот на мозокот.

– Тоа пред сè било видливо во РЕМ-фазата од сонот, која обично се јавува во текот на последното тримесечје од бременоста и се развива со недели. Бетаметазонот буквално покренува еден прекинувач во мозокот кој ја вклучува РЕМ-фазата во период од два до четири дена – вели Шваб.

Уште една последица била таканареченото перманентно фрагментирање на фазите на сонот. Тоа значи дека фазата на длабок сон и РЕМ-фазата се менуваат во многу кратки интервали. Тоа фрагментирање е типичен знак за депресија во подоцнежниот живот, а Шваб смета дека кај неродените деца се појавува кога мајката е изложена на преголем стрес.

Поголем ризик од депресија кај недонесените деца

Проблемот со прераното созревање на мозочните структури е следниот: „Прераното созревање на мозокот се одвива за сметка на растот и поделбата на клетките“, тврди Шваб. Тоа го потврдуваат и преостанатите лекари од струката. „Децата чии мајки добивале инјекции за брз развој на белите дробови покажуваат ослабена активност на оската на стресот (оската хипоталамус – хипофиза – надбубрежна жлезда), па имаат помала телесна маса при раѓање“, тврди Торстен Браун, гинеколог од клиниката „Шарите“ во Берлин.

Осум до десет отсто од трудниците во Германија при сомнеж за предвремено породување добиваат инјекции со бетаметазон. Тие инјекции ја намалуваат стапката на смртност кај предвремено родените деца за 31 отсто. Но, во испитувањата спроведени на животни е докажано дека хормоните на стрес во подоцнежниот живот предизвикуваат појава на повисок крвен притисок, болести на срцето, како и дијабетес, заклучува Браун. Кај луѓето истражувањата покажуваат првенствено висок ризик од депресија и нарушување во однесувањето.

Во една од уште необјавени студии Шваб и неговиот тим испитувале 40 осумгодишници кои во утробата на мајката добивале бетаметазон, па ги споредиле со 40 осумгодишници што се родени без таков третман. Во тестот во кој се испитувал стресот првата група поминала значително полошо. „Тие деца во просек имала 10 отсто понизок коефициент на интелигенција, проблеми со концентрацијата и вниманието“, рекол Шваб. Освен тоа ЕЕГ покажало дека тие деца не можеле да се опуштат пред тестот, па заради тоа и не биле во состојба да го активираат мозокот.

Ако неродените деца се изложени на преголемо ниво на хормоните на стресот, телото тоа го смета за нормално. „Тие деца уште во мајчината утроба се програмирани на тоа целиот живот да излачуваат повеќе хормони на стрес отколку што е нормално“, тврди Шваб. Притоа, смета тој, сосема е неважно дали тие хормони се синтетички или ги создава мајчиното тело.

Научниците од Универзитетот „Тилбург“ во Холандија успеале да докажат дека мајчиниот стрес, особено помеѓу 12. и 22. недела од бременоста, неповолно влијае врз емоционалниот и когнитивниот развој на фетусот, па тие ефекти се гледаат дури 20 години подоцна. Но, Шваб истовремено вели дека нема место за паника.

Стресот во бременоста е нормална појава. Меѓутоа, иако инјекциите со бетаметазон понекогаш се важна и нужна терапија, не треба да се занемарат новите сознанија за неговото негативно и долгорочно влијание врз детето.

Автор: Катрин Неубауер



912

X