Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот син има 8 години. Oд јануари почна да ги кубe клепките. Разговарам, го прашувам за ова и тој вели: „Не знам“. Има и одбивност кон училиштето, а пред тоа имаше голема желба да оди и тргна пресреќен. Од прво одделение наставничката им задаваше премногу за домашна работа, секојдневно и обемно, па јас како родител настојував сè да се напише и мислам дека тука некаде изби проблем. Барам помош, каде да се обратам да го решиме овој проблем. Ви благодарам.

Прашува: Ана

ОДГОВОР: Почитувана Ана, од информациите што ги пишувате за однесувањето на вашето дете очигледно е дека тој во дадениот период на некоја адаптација на позасилена социјализација развил телесен систем на соочување со прекумерниот стрес на начин кој ќе му даде и саморефлективно задоволство и комфор. Кубењето на клепките е навика со која детето се оттргнува од одредена загриженост и/или олеснување на одредена наталожена тензија. Нешто слично на цицање палец или гризење нокти, кои навидум не се многу сериозни, нели, но се значаен показател на начин на справување со анксиозноста.

Многу е значајно, да проверите, од кога се јавило ова однесување? Дали можете да утврдите кога, во кој период на денот се јавува и што го поттикнува? Дали автоматски ги кубе клепките додека прави друга активност, на пример, пишува домашна, или намерно се повлекува во соба и одвојува време да ги искубе?
Проверете и што од вашето однесување или однесувањето на вашиот сопруг, брат, сестра би можело да предизвикува да се затвори во себе и да не успее да искомуницира со она што навистина го мисли или од што е загрижен, па прибегнува кон кубење на клепките за да ја смири вознемиреноста. Дали има простор во вашата семејна средина да се разговара кога некој е вознемирен, се плаши, се лути, а притоа да не се осуди таквиот вид однесување?

Радмила Живановиќ, психолог/ Фото: Борче Поповски

Ваквото однесување е специфично за деца кај кои се забележуваат одредени телесни манеризми или ритуални однесувања кон сопственото тело уште од порано, и кои знаат да се интензивираат во периоди на зголемен стрес, дури и да не се утврди вистинскиот причинител на стресот. Оваа телесна навика може да е од привремен и минлив карактер, и да трае одредено време, па да се смири и да исчезне. Посериозна е ситуацијата доколку истото прерасне во фиксирана навика и на тој начин го трасира појавувањето на трихотиломанија (опсесивно кубење влакна од сопственото тело), како телесен симптом кај деца со нагласена опсесивно-компулсивна феноменологија на однесување.
Бидејќи вашето дете е во процес на развој, а вие сте родител кој се грижи, забележува и е спремен да се промени, како и да реагира, јас би ви препорачала да се консултирате со стручно лице, психолог-психотерапевт или психијатар. Би препорачала работа на утврдување на предизвикувачите на вознемиреноста, како и стратегии за нејзино олеснување и експресија. Поточно, да утврдите кај вашето дете што е тоа што го прави со задоволство и да го стимулирате и овозможите повеќе неговиот позитивен и посакуван израз, наместо да биде ставан под лупа и опсервиран.

Најзначајно е да се разговара, но да не се создава преголем притисок одеднаш. Така, разговарајте со вашето дете за она што му се случува и како се чувствува кога го прави, а и како гледа на тоа, дали знае зошто тоа му се случува. Дајте му простор полека да дојде до сопствените одговори, бидете присутни колку и да е потребно, на еден директен, приемчив, разбирлив и неосудувачки начин. Значајно е исто така да му предочите дека не е единствено дете на кое му се случува ова, можеби да споделите и сопствена приказна за тоа како ни е најлесно преку ритмично движење да си се утешиме себеси, но дека постојат и други начини да се постигне тоа. Па разговарајте за тоа кои други начини постојат, можеби ќе ви даде супер алтернативи, можеби само чека да биде повикан и прашан за тоа? Исто така, можете да разговарате за утврдување на причинителот на стрес и чувството што се јавува во телото, како и за некои нови сигнали и нови начини на однесување поврзани со телото кои би овозможиле да се намали вознемиреноста (имав клиентка која си ги грицкаше ноктите, па најдовме друго посоодветно движење супститут на првото, а кое се состоеше во тоа да направи едно послабо, а поблагопријатно движење на ритмично галење на ноктите, што за неа испадна доста благопријатно).

Се препорачува детето да се впушти во активности кои би му овозможиле задоволство и комфор со цел да успее да го помести фокусот од себе кон светот, поточно дека и неговата околина, особено вие сте во можност да го утешите и да му ги дадете комфорот и сигурноста наместо дополнително да ја интензивирате и зголемувате вознемиреноста. Вашата релација со детето, топлината и сигурноста што ја зрачите и демонстрирате кон него е најзначајниот причинител на комфор за него. Можете да почнете од препознавањето на чувствата и на средината што ги предизвикала, до тоа дека сте до него за заедно да ги надминете работите без разлика на исходот. Кажете му, во сигурноста/топлината на вашата прегратка и љубовта што ја имате, дека можете да надминете сè што изгледа ненадминливо. Вие, како негов родител, денес одлучивте дека нема ништо побитно од вашето дете и неговото ментално здравје. Затоа, секоја чест!

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X