Инклузијата не почнува во училиштето. И доколку е така, таа се одвива многу тешко, бавно и со голем отпор од сите учесници во неа. Треба да почне многу порано

Се смета дека 7-10% од вкупниот број живородени деца се деца родени со ризик. Од нив 85% проценти имаат уреден развој, а само 15% проценти се деца со развојни тешкотии. Оваа статистика за семејството во кое е родено вакво детенце е беспредметна, затоа што за него тоа е 100% случување.

Шок, страв, дилеми, изолација…

Во прво време семејството се соочува со шок, стравови и дилеми што ќе се случи со детето, низ кои процедури треба да помине за да биде утврдена точната состојба, кои мерки ќе треба да се преземат за да го подобрат здравјето на своето малечко и како понатаму ќе тече нивниот живот.

Децата низ игра учат за различностите, дека „не сме сите исти, но сите заедно убаво си играме“. Се развиваат позитивни чувства како толеранција, емпатија, децата учат како да му помогнат на другарче што има потреба од нив, а во текот на целата игра на сите им е забавно

На секое семејство му е потребно различно време за да се соочи со овие предизвици. Честопати и предолго, па се случува да помине долг период на изолација од социјалната околина. Во меѓувреме детето расте и има потреба и од социјални контакти надвор од домот. Доколку семејството успее да се консолидира во пократок временски рок и ги надмине предрасудите и стравот од мислењето на другите луѓе (а тоа е чест случај), детето побрзо ќе биде вклучено во надворешниот свет, каде што по својата природа и припаѓа.

Инклузијата да почне далеку пред децата да тргнат на училиште

Периодов е доста актуелна темата инклузија, меѓутоа, временската рамка на која таа се однесува е многу поместена – нанапред. Инклузијата не започнува во училиштето. И доколку е така, таа се одвива многу тешко, бавно и со голем отпор од сите учесници во неа.

Фото: Youtube (printscreen)

За да ја направиме инклузијата спонтана, бидејќи таа е природен и нужен процес, треба да се вратиме многу наназад, на самиот почеток кога семејството се соочило со фактот дека има дете со развојни тешкотии. Потребно е да му се даде вистинска поддршка и инструкции што да преземе и како да го подобри квалитетот на животот на своето дете, како да го одржи и негува интегритетот на семејството и што е можно побрзо да го вклучи детето во пошироката средина, односно да не навлезе во затворениот круг на изолација.

Игралиштата се првиот СТОП за инклузијата

За да вклучиме едно детенце со развојни тешкотии во социјалната средина, треба да тргнеме од генералната потреба на сите деца во раното детство, а тоа е играта. Таа е централна активност во детската возраст и преку неа децата дознаваат за светот што ги опкружува. Исто така, децата имаат потреба од социјални контакти или интеракции со други деца. Ако ги поврземе овие два факти, тогаш логичен е заклучокот дека првично интеграцијата започнува во детските паркови и игралишта.

Љубица Димовска

И тука се јавува првата пречка, првата бариера. Ако ги погледнеме детските игралишта кај нас (чест на исклучоци), ќе видиме дека тие се достапни само за деца што немаат развојни тешкотии од каков било вид. Има разни реквизити, кои иако се безбедни, достапни се само по основа на возраста на детето. Тука е првиот знак СТОП за инклузијата.

Упатувам апел до градските татковци да изградат повеќе инклузивни игралишта за да не бидеме сите во непријатна ситуација обидувајќи се да ја почнеме инклузијата дури во училиштата, затоа што тогаш е веќе доцна и неретко процесот се одвива бавно и со пречки

Инклузивна игра

И токму тука треба да почнат да се менуваат работите. Станува збор за инклузивните игралишта, места кои се достапни за сите деца независно од нивните способности. Овде се одвива инклузивната игра, која се води од двата основни факти – дека детето има потреба од социјални интеракции со врсниците и дека играта е централна активност во животот на секое дете. Тие две работи се заеднички за сите деца и тие две работи ги прават децата еднакви меѓу себе. За да се задоволат овие потреби кај децата, во инклузивните паркови постојат реквизити кои се адаптирани за заедничко користење од страна на сите учесници. Тоа не значи дека сите реквизити мора им се достапни на сите деца, не сите деца ги сакаат истите реквизити. Тоа значи дека има услови децата сами да си направат комбинации од искуства при играње со своите врсници и тие искуства се еднакво важни за сите деца.

Забавно за сите, а се учи толеранција, емпатија…

Децата низ играта учат за различностите, дека „не сме сите исти, но сите заедно убаво си играме“. Се развиваат позитивни чувства како толеранција, емпатија, децата учат како да му помогнат на другарче кое има потреба од нив, а во текот на целата игра на сите им е забавно.

И веќе е создадена основата која треба да се надгради во детските градинки, каде што освен игра и социјализација, децата се воведуваат во организирана настава, или учење.

Фото:Youtube (printscreen)

Така, кога овие деца ќе сретнат во училиште другарче со развојни тешкотии, тие го гледаат како личност, а не како проблем. Немаат предрасуди да го прифатат зашто ги надминале или воопшто не ги ни развиле додека биле помали, на игралиштето каде што заедно играле.
И овој момент веќе во голема мера ја олеснува инклузијата во училиштата бидејќи паралелно со децата кои заедно играле во парковите, меѓусебно се запознале и поминале заедно еден дел од животот и нивните родители. Уште едно олеснување. И на крај останува да се решат техничките проблеми во училиштата, слично како и во инклузивните паркови, за секому да му биде достапно тоа што според своите способности треба да го добие, за да се развива понатаму.

На крај, упатувам апел до градските татковци да изградат повеќе инклузивни игралишта за да не бидеме сите во непријатна ситуација обидувајќи се да ја почнеме инклузијата дури во училиштата, затоа што тогаш е веќе доцна и неретко процесот се одвива бавно и со пречки.

Автор: Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор



912

X