Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

е-пошта: d_ljubica@yahoo.com
тел: 072 214 191

Повеќе од авторот

Во случаи кога бебето побавно стигнува на наредното скалило, кај мајката се јавува сомнеж дека нешто не е во ред со нејзиното малечко

Од самото раѓање на бебето тоа е предмет на опсервација на потесното и поширокото семејство. Сите го следат неговото растење и развивање, дали ја држи добро главата, дали се насмевнува, ги отвора ли рачињата за да задржи нешто, се превртува ли… безброј спонтани моменти кои го сочинуваат неговото развивање. Кога развојот тече во најдобар ред, мајката интуитивно го чувствува тоа и спонтано го стимулира своето бебе да ја достигне наредната развојна фаза.

Но, во случаи кога бебето побавно стигнува на наредното скалило, кај мајката се јавува сомнеж дека нешто не е во ред со нејзиното малечко. Побавното достигнување на развојните скалила не е секогаш показател дека детето генерално ќе доцни во развојот, меѓутоа, е знак дека треба да се побара помош од стручни лица, кои ќе проценат дали е потребно да се почне со рана интервенција.

Секое развојно скалило има свој временски период во кој очекуваме бебето да развие способности очекувани за тоа скалило. Временскиот период на различна возраст и за различни постигнувања варира во рамките од неколку месеци. На пример, бебето кое проодело на 10 месеци и бебето кое проодело на 15 месеци влегуваат во рамките на типичниот развој, а минорните разлики во умешноста да го направат тоа не се предмет на загриженост. Во овој случај не станува збор за развојно доцнење.

Развојното доцнење не е едноставно линеарно каскање зад врсниците, туку детето е постојано неколку чекори поназад од другите деца на негова возраст. На пример, ако бебето на 5 месеци не прави обид да се заврти настрана, тоа е малку назад од врсниците во поглед на оваа моторна вештина. Но, ако истовремено не може да ја држи главата исправена и да се одлепи од подлога додека лежи на стомак, тоа е веќе знак на развојно доцнење.

Мора да се прави разлика помеѓу развојно доцнење и развојна попреченост.
Развојното доцнење опфаќа краткорочно одложување на постигнување на некоја функција, на пример, задоцнет говор поради намален слух, физиолошки моторен дефицит поради висок прематуритет, долги хоспитализации каде што прицврстеноста за кревет го забавила моторниот развој на детето и слично. Во овие ситуации раната интервенција игра огромна улога и најчесто детето успева да го развие својот капацитет и да ги достигне развојните скалила согласно возраста.
Развојната попреченост е состојба која детето не ја надраснува, не ги стасува врсниците, но сепак во рамките на својот капацитет може да напредува.

Постојат 5 развојни области во кои може да се евидентира задоцнувањето. Може да е засегната една или повеќе области. Доколку се јави доцнење во најмалку две развојни области, зборуваме за генерално развојно доцнење.

1. Моторни вештини, груба и фина моторика. Грубата моторика се однесува на користење на големите групи мускули за одржување и менување на положбата на телото, кај бебињата за држење на главата, превртување, седнување итн., а кај поголемите деца за одење, скокање, качување итн. Фината моторика опфаќа користење на групата мали мускули претежно на рацете. Кај бебињата се гледа во посегање, префрлање играчки од една во друга рака, тропање по површина… а кај поголемите деца во цртање, редење коцки, самостојно јадење итн.

2. Говор и комуникативни вештини – тоа се сите облици на говорна експресија, од вокализација и гугање кај бебињата, преку баблингот и првите зборови. Тука е и внатрешниот говор или разбирањето на говорот, извршување вербални налози, општење со врсниците…

3. Когнитивни (мисловни ) вештини – тоа е способност за размислување, учење и решавање проблеми. Започнува со љубопитност и вклучување на сите сетила од страна на бебето за да го запознае светот околу него, за понатаму да почнат да се формираат поими во неговата свест за сè што го опкружува.

4. Социо-емоционали вештини се однесуваат на способноста да направи врска со другите луѓе, да искаже и да ги контролира своите емоции. На поголема возраст тука спаѓа и способноста да побара помош од другите, да сочувствува и да се сложува со врсниците.

5. Секојдневни активности – тука спаѓаат самостојноста при исхрана, облекување, тоалета и сл.

Иако децата се под секојдневен исцрпен мониторинг од страна на нивните родители и во услови на достапност на голем број информации, често пати се случува родителите да ја преземаат улогата на стручно лице и сами да го проценуваат развојот на своето дете. Од една страна, тоа не само што е исцрпувачки за родителот, туку е и напорно за самото дете, кое е под притисок да ги исполни очекувањата на родителот. И спротивно, има случаи кога нестручната процена на родителот може значително да го одолжи почетокот на раната интервенција која му е потребна на детето.
Затоа, препорака до сите родители е доколку постои сомнеж во поглед на однесувањето на нивното бебе (дете), да се обратат до стручните служби во кои работат педијатри, психолози и дефектолози за точна процена на функционалниот капацитет на детето.



912

X