Текстот го напиша Љупчо Јакимоски, музиката – Кире Костов, а ја испеа малото ангелско девојче Александра Кољозова од Скопје во далечната 1993 година. И по толку години оваа песна им е најомилена на сега веќе големите деца, кои и на своите деца им ја пуштаат во периодот околу божиќните празници

Тивка јануарска ноќ
на исток ѕвезда свети,
купив божиќно дрвце
сила и моќ ми вети!

Тивок јануарски ден
радост и среќа точи,
на Христос роденден
празник за очи

Сега мирно течете води
вистина е, Христос се роди!
Луѓе гласно запејте
Христос се роди!

Седмојануарски ден
црковни ѕвона слушам,
дрвце божиќно на врата
спокој во секоја душа

Сега мирно течете води
вистина е, Христос се роди!
Луѓе гласно запејте
Христос се роди!

Има ли некој што растел во 90-тите години, а што не ги знае овие стихови? Ги напиша Љупчо Јакимоски, ја искомпонира Кире Костов, а ја испеа малото ангелско девојче Александра Кољозова од Скопје во далечната 1993 година на фестивалот „Златно славејче“. И по толку години оваа песна им е најомилена на сега веќе големите деца, кои и на своите деца им ја пуштаат во периодот околу божиќните празници.
„Мојата омилена детска песна“. „Од што толку многу ја сакав, на моето братче му дадов име Христијан“. „Најубавата песничка што сум ја слушнал во животот“, „Ме потсеќа на детството, на градинка, на радост, на среќа…“, „Нема поубава песничка да се испее за Божиќ“ – ова се само дел од коментарите што можете да ги прочитате секаде каде што оваа песна се споделува.
Деца.мк се обиде да ги најде авторите на оваа песна за да ја сподели нивната приказна, односно како се родила.

Баш е смешно што ми фалеа запчиња

Девојчето што ја изведе песната, Александра (тогаш Кољозова), денеска Тоневска, има 32 години и живее во Скопје. Таа е дипломиран инженер по дрвна индустрија. Се израдува што ја потсетивме на оваа песна и на дел од нејзиното детство.

– Имав нецели седум години кога ја пеев песната. Бев на аудиција, откако претходно станав член на хорот. Прво се подготвував за друга песничка, ама се смени планот. Во прво време бев малку разочарана, ама брзо се навикнав на песната. Изгледот за настапот го осмисливме заедно со учителката од хорот и со мајка ми. Паметам дека фустанчето го купивме од Женски пазар заедно со мајка ми. Беше многу смешно што ми фалеа запчиња, ама се снајдов некако – вели таа.

Извор: „Јутјуб“

Додава дека се радува што песната е многу слушана.
– Во градинката кај син ми Дамјан (3) ја пуштаат песната и тоа ми е баш интересно по толку години – вели Тoнeвска.

Александра пеела уште неколку години во хорот на „Златно славејче“, а има уште неколку песни на други детски фестивали. До пред пет години била член на женскиот хор „Св. Злата Мегленска“.

 

Александра со своето семејство

Авторот на текстот, Љупчо Јакимоски, дошол на идејата да ја создаде песната од поривот децата да имаат пригодна песна, какви што во тој период имало малку.
– Во тоа време работев во програмата за детска музика на Македонското радио. Се соочувавме со недостиг на пригодна детска музика. Го напишав текстот, му го дадов на Кире и тој направи прекрасна музика, химнична мелодија која соодветствуваше на текстот. Тој го фати сензибилитетот на текстот. Создадовме песна за сите времиња – вели Јакимоски.

Љупчо Јакимоски

Тој додава дека воопшто не згрешиле што песната ја сочувале да оди на фестивалот „Златно славејче“ зашто така си добила нов поубав живот и публика.
– Да останеше само во радиопродукција, немаше да има таков одѕив. Ме радува што и ден-денес е слушана – додава Јакимоски, кој признава дека нема напишано друга детска песна.

„Божиќна песна“ стана хит по неколку години

Во лифт во МТВ била средбата на Костов и Јакимоски кога авторот на текстот му предложил на еден од нашите најдобри композитори да ја направат заедно.
– Тоа беше баш пред Нова година во 1992 година. Знам дека му изреагирав дека до следното „Златно славејче“ има многу месеци (се одржува наесен, н.з). Не интервенирав во текстот, си остана целиот како што си беше напишан. Девојчето ја испеа песната многу убаво, детски. Иако ѝ фалеа запчиња, тоа беше симпатично. За жал, и по толку време не се запознавме со Александра – вели Костов, авторот на многу детски („Детство“, „Заради тебе, Зоране“, отпеани на СИ-ДО) и забавни евергрини (многу песни од првите години на Каролина Гочева, Тоше Проески, Цветанка Глигорова, „Летај галебе“ на Верица Ристевска, „Само сеќавања“ на Маја Оџаклиевска, хитови на Тања и Лидија Кочовски и многу други).

Кире Костов (фото: МТВ)

Тој вели дека немал претстава каква песна создава и дека никогаш не мисли дали една песна ќе биде хит или евергрин.
– Песната едноставно се случува. Господ си ја зема оваа работа во свои раце. Оваа песна реално е малку пуштана во јавноста и не ми е јасно зошто треба да биде само во време на божиќните празници. Божиќната песна во првите неколку години малку се слушаше, а популарноста ѝ порасна по неколку години. Многу мои песни станале поголеми хитови подоцна.



912

X