Денес детето пак ми побара телефон и јас, повторно, му го дадов. Често размислувам и за другите родители кои го прават истото, особено тогаш кога е најпотребно – во редици, за време на вечера со пријатели, во чекалници или сега, дома, кога ни се потребни само неколку минути кратка пауза. И секогаш се јавува тоа проклето чувство на вина. Распната сум помеѓу потребата само накратко да го смирам детето за да здивнам и грижата дека таа опсесија со телефонот ќе му наштети.
Се покажа, сепак, дека е сосема природно малите деца да бидат опседнати со телефонот. И колку и да се грижиме, науката вели дека постојат и добри страни.
Од каде доаѓа оваа опсесија?
Околу втората година мозокот на детето е доволно развиен за тоа да сфати дека е посебна личност, различна од своите родители. Со тоа доаѓа и потребата за контрола која му овозможува на детето да стане понезависно. Еден начин на кој малите деца ја покажуваат таа новооткриена независност е преку изборот (на пр., инсистира да пие од сината чаша, а не од жолтата). Телефонот му го овозможува токму тоа – детето е независно додека го држи и самото носи одлуки што да гледа и што да „притиска“.
Покрај тоа, во овој период се зголемува и нивното внимание. Децата сега можат да се фокусираат на повеќе нешта подолг временски период (од 3 до 5 минути по година од возраста). Токму затоа децата сакаат да ги гледаат истите работи одново и одново, сè додека навистина не ги разберат. Бидејќи е тешко да се научат многу нови работи секој ден, повторувањето им дава чувство на сигурност бидејќи можат да го контролираат својот свет, што смирувачки им влијае. Кога ќе ги искомбинирате контролата, вниманието и повторувањето, добивате – ОПСЕСИЈА.
Дали моето дете е ПРЕМНОГУ на телефон?
За соодветното време може да се дискутира. Американската педијатриска академија препорачува еден час дневно квалитетна содржина за деца од две до пет години. Сепак, една британска национална студија за детското здравје покажа дека времето поминато на телефон не влијае негативно врз општата состојба и здравјето на детето – врз неговиот однос со родителите, неговата љубопитност или расположението. Тоа значи дека ограничувањето од еден час е препорака, но не е „запишано во камен“, особено во денови на изолација или во изменети животни околности.
Неколку работи што секоја мајка треба да ги знае за да се грижи помалку:
- Изберете квалитет: Внимавајте тоа што детето го гледа да се совпаѓа со неговите интереси и вештини.
- Надгледувајте ја содржината: Бидете сигурни дека содржината е соодветна за возраста и дека го поттикнува детето на комуникација со вас.
- Бидете активни: Поставувајте прашања, опишувајте го тоа што се гледа и поврзувајте го со реалниот свет додека заедно користите некоја апликација.
- Движењето е клучно: Погрижете се детето да се движи барем исто толку време колку што поминува на телефон за да ги истражува сите свои сетила.
- Технолошки вештини: Имајте на ум дека телефоните му даваат можност на детето да стане напреден корисник на технологијата додека учи.
Заклучок: Ако е неопходно во одреден момент да му дозволите на детето повеќе време на телефон отколку што е препорачано, немојте да се нервирате поради тоа. Сфатете ја неговата опсесија како алатка за учење која ќе го подготви за иднината и како утеха во деновите кои се особено напорни. На крајот на краиштата, и мајката понекогаш заслужува краток одмор.
Какви се вашите искуства со мобилните телефони и малите деца?