Татко ми често знаеше да „забрае“ нешто, па така е и со оваа песна, заборавил да ни каже дека е негова. „Елко елко“ е направена за хорско пеење, така и почнала да се шири, прво меѓу децата, музичарите. Потоа почнаа многу музичари да ја преработуваат, пејачи да ја пеат. Таа природно стана евергрин, вели професорот Денко Скаловски
„Среде соба високо, елката ни стои и ја красат играчки во илјада бои. Елко, елко, порасни уште две-три педи за да може Дедо Мраз дарови да реди“…
Нема кој не ги знае овие стихови на македонската новогодишна песна „Елко елко“ без која не може да се замисли ниту една Нова година. Најмногу ја сакаат децата, но таа го буди новогодишниот дух и кај секој возрасен. Напишана е во 50-тите години на минатиот век од познатиот композитор Тодор Скаловски и писателот, поет и драмски автор Србо Ивановски. Двајцата пријатели ја создале нумерата во Радио Скопје, некаде во 50-тите години.
Песна создадена за децата
Двајцата автори, сега веќе покојни, не биле ни свесни какво дело создале и дека овој музички евергрин ќе доживее ваков успех. Во интервју за „Дневник“, Ивановски открива дека е напишана во 1952 или 1954 година и дека прво е создаден текстот, па потоа Скаловски ја направил мелодијата. Открива дека со Скаловски работеле заедно во Радио Скопје и се дружеле многу.
Така се договориле да направат песна за децата, за Нова година, за елката.
– Постоеја многу песни за Коледе, за други празници, но не и за новогодишните – вели тој во интервјуто.
Открива дека инспирација за стиховите му била елката, моментите поминати со ќерките Анета, Ирена и сопругата за новогодишните празници.
– Ова е песна за децата, создадена за нив и затоа душата ми се полни кога гледам колку ја сакаат. Се сеќавам дека текстот немаше воопшто доработка, одлично се вклопи со музиката на Скаловски – изјавил тој.
Скаловски „забраел“ да каже дека песната е негова
Универзитетскиот професор Денко Скаловски, син на Тодор Скаловски, ни раскажа дека во основно училиште дознал дека песната е на татко му. Тодор едноставно „забраел“ (на тетовски) да му каже.
– Татко ми често знаеше да „забрае“ нешто, па така е и со оваа песна, заборавил да ни каже дека е негова. Едноставно беше посветен на создавањето на македонската култура и нација. Во тој период кога песната почна да станува популарна, се случи и земјотресот, па јас како и сите деца не бев подолго време во градот. Песната е направена за хорско пеење, така и почнала да се шири, прво меѓу децата, музичарите. Потоа почнаа многу музичари да ја преработуваат, пејачи да ја пеат. Таа природно стана евергрин – вели Скаловски.
Додава дека е логично дека е направена за хорско пеење бидејќи е создадена во време кога се обрнувало големо внимание на заедништвото, а не на поединецот.
– Србо и татко ми сигурно немале намера едно дете да ја пее таа песна. Во други времиња твореле, кога се мислело на сите – вели професорот Скаловски.
Го прашуваме како се чувствува кога ќе ја чуе?
– Секако дека ми е многу драго. Ја напишал татко ми, а јас него многу го сакам, ги сакам сите негови дела. Иако е ова детска песна, има тешка мелодија – вели тој.
Првпат е испеана од детски хор
„Елко, елко“ првпат е испеана од детскиот хор кој во 50-тите години функционирал во Македонската радио-телевизија. Ивановски изјавувал дека песната на почетокот не доживеала толку голем успех помеѓу народот. Но, со доаѓањето на телевизијата и некаде кон крајот на 80-тите почнале да ја пеат децата во емисии, во градинки.
– Сите деца одеднаш ја знаеја. Сите зборови што се употребени во песната се она за што сум разговарал со моите деца додека беа мали и додека ја китевме елката. Драго ми е што ја слушам, што ја сакаат моите внуци, деца и сите во Македонија. Не е важно тоа што малкумина знаат кој ја создал, битно е дека и нашите деца имаат новогодишна песна – изјавил Ивановски на 82-годишна возраст за „Дневник“.
Инаку, Скаловски и Ивановски не се официјално запишани како автори на оваа песна во ЗАМП. Но, сите музичари знаат кој ја создал, па дури и се обраќаат за дозвола за користење на авторските права кај професорот Скаловски.
– Таа песна мора да е мелографирана, тоа е доказ и за авторот. Тоа мора и да го има Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ. Но, авторството на мојот татко е друга страна на приказната. Мене ми е драго што песната се преработува, се пее, децата ја сакаат и ниту една Нова година не поминува без неа – вели Скаловски.
912