однесување Прашај психолог

Како да се справам со дрското однесување на моето 6-годишно дете?

ПРАШАЊЕ: Станува збор за дете кое е прво одделение. Одеше во градинка од 2-годишна возраст. И воспитувачките во градинка, а и сегашната учителка се многу задоволни од неа, велат дека е послушна, мирна, сака да учи и слично. Но дома и надвор таа е сосема спротивна. Понекогаш навистина не знам како да се справам со дете од 6 години. Сè оди со молење – дали за облекување, капење, да ми донесе нешто и слично. Доаѓа до степен јас да морам да викнам за да бидам послушана. Дури тогаш реагира. Многу често ми одговара дрско, враќа на прашања безобразно и сè е проследено со викање. Без разлика дали сме дома, надвор, на гости или кога има некој кај нас. На крај секогаш јас сум таа што замолчува за да не продолжи викањето, особено на места каде што не е соодветно (на пример, кога сме на гости). Не знам веќе како да постапам, не помага ниту со убаво ниту со викање.

ОДГОВОР: Разбирам дека се чувствувате уморни и немоќни во решавањето на овој „проблем“. Од она што го опишавте, ваквите однесувања кај децата се многу чести и некако како да се заменети улогите и динамиката во семејството. Но, ништо не е нерешливо. Вашето девојче постојано ве тестира за да види дали може да се потпре на вас како авторитет. И тоа развојно е нормално за нејзината возраст.

Фактот дека во градинка и сега во училиште е мирна, послушна и соработлива, кажува дека вашето девојче знае како да се однесува, има еден вид самоконтрола и може да ги почитува правилата. А тоа што дома е поинаква и „не ве почитува“ покажува дека дома се чувствува најсигурно за да може да ги изрази своите емоции. Но, иако детето дома се чувствува најсигурно и најслободно, тоа не значи дека треба да нема граници.

Често ние, родителите, од преголема љубов кон децата и страв да не ги повредиме, налутиме, постепено ја губиме својата родителска улога и позиција. Наместо јасни и доследни граници, и цврста, но не груба улога на родителот „јас сум возрасниот кој води“, односот со детето полека се претвора во еден вид преговарање, молење и повлекување. Но, всушност, тогаш детето не го доживува тоа како мама и тато се многу добри, туку како голема несигурност. А кога детето ќе почувствува дека родителот се двоуми, тоа несвесно ја презема контролата и тогаш се појавуваат ваквите однесувања, дрскоста, викањето и тестирањето на границите.

Од друга страна, кога сме прегруби, тогаш детето знае дека викањето ќе помине, мама и тато пак ќе се смират и тоа пак ќе прави што сака.

Поради тоа, би било добро да не викате, казнувате или да бидете груби. На детето му е потребно смирен, јасен и доследен родител кој ќе му покаже како треба да се однесува, без да го праша дали сака или не, и без да „моли“. Границите треба да бидат доста јасни, стабилни, да не бидете вие тие што замолчувате, особено кога сте пред други луѓе бидејќи тогаш, во тој момент, детето сфаќа дека на некој начин победува и дека може да прави што сака. На пример, наместо „Те молам немој да трчаш“ можете да кажете „Не се трча по креветот. Ако продолжиш, ќе излеземе од собата.“ Ако не го стори тоа, навистина излегувате и сте доследни.

Нема потреба да се плашите дека со поставување на границите ќе ја изгубите блискоста или љубовта на детето. Реалноста е сосема спротивна, тогаш детето се чувствува посигурно кога знае дека некој го води и го насочува. Границите тогаш не ја нарушуваат вашата врска и однос, туку ги прават уште постабилни и поцврсти.

Не заборавајте да останете смирени и фокусирани на однесувањето што сакате да го промените. Нема потреба да го кревате гласот или да држите долги предавања. Децата многу сакаат да знаат што се очекува од нив. Со текот на времето ваквото однесување значително ќе се намали.

Доколку ви е потребна дополнителна помош и разговор за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top