Игротека

Да им помагаме на децата или да ги оставиме сами да се снајдат?

Во современото родителство често постои тенка граница меѓу помагање и преземање контрола. Повеќето родители сакаат нивните деца да бидат безбедни, заштитени и добри луѓе.

Како стигнавме до премногу „помош“?

Денес, родителите не присуствуваат само на училишни или спортски активности, туку често сакаат и да управуваат со нив. Фрустрацијата се јавува кога детето нема доволно време за игра или не постигнува сè што очекуваат родителите. Се создава притисок детството да биде „идеално“: детето да биде успешно во спорт, да биде популарно и одлично во училиште, да се запише на посакуваниот факултет и да се храни здраво. Тој притисок често им отежнува на родителите да се повлечат и да им дозволат на децата сами да пробаат и да згрешат.

На пример, на натпревар за 4-годишни деца родителите се расправале со тренерот околу минутажата на своите деца. Една шеговита забелешка дека децата не се натпреваруваат за стипендии, сепак ја намалила напнатоста, потсетувајќи дека возрасните понекогаш претерано преземаат контрола врз своите деца.

Зошто се добри грешките?

Повеќето родители ја слушнале фразата дека најдобро се учи преку грешки. Но дозволувањето децата да згрешат може да биде тешко бидејќи никој не сака да го гледа своето дете како страда. Сепак, експертите нагласуваат дека токму тие мали борби водат кон раст и учење. Децата треба сами да решаваат социјални конфликти, да нарачуваат храна или да носат едноставни одлуки. Родителите се тука да ги поддржат и да ги учат на животни вештини, но не и да прават наместо нив.

– Кога пребрзо се вмешуваме, децата немаат можност да се обидат, малку да се помачат и сами да го решат проблемот. Самодовербата се гради низ мали борби, а ако ги немаат тие можности, може да почнат да мислат: „Не можам сам“, иако тоа не била нашата намера – вели детскиот психолог Ен Луис Локхарт.

И самата забележала дека пречесто ги решавала малите предизвици наместо нејзините деца.

– Одговарам на прашања пред да стигнат тие, им ги врзувам чевлите или се вмешувам во ситни несогласувања бидејќи е полесно и побрзо. Намерата беше да помогнам, но всушност им ја одземав шансата сами да размислуваат и да решаваат проблеми. Кога почнав да им давам простор прво сами да пробаат, ме изненади нивната снаодливост и способност – додава таа.

Многу родители чувствуваат вина кога децата ќе доживеат неуспех или непријатност, како тоа да значи дека се лоши родители. Но со отстранување на малите борби се губат и можностите: децата не учат да управуваат со емоции, не го доживуваат задоволството по вложен труд и не учат како да станат по неуспех.

Како да им дадеме автономија, а да останеме присутни

Повлекувањето на родителот не значи занемарување. Разликата е јасна: занемарување е отсутност, автономија е присуството без контрола.

Родителите можат да понудат практични насоки без да ја преземат контролата. На пример, да му дозволат на детето само да одговори во разговор со возрасни или да понудат избор наместо директни наредби. Таквите моменти му даваат чувство на контрола, додека родителот и понатаму одржува безбедна структура.

Децата напредуваат кога имаат слобода

Да ги пуштиме децата сами да се обидат не е лесно, но ќе се исплати на долг рок. Тие стануваат посигурни во себе, поотпорни на промени и помалку склони кон борби за моќ. Учaт да ѝ веруваат на сопствената проценка.

Многу родители сметаат дека нивната улога е да го спречат секој пад или неуспех и тоа е разбирливо. Но воспитувањето деца кои учат од сопствените грешки и си веруваат кога вас ве нема им дава темел за самоуверена и отпорна иднина.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top