ПРАШАЊЕ: Би сакала да ве прашам нешто во врска со учењето на 5. одделенец, дали само јас го имам овој проблем или повеќето родители. Воопшто не сака да учи и тогаш кога ќе добие слаба оценка на тест или испрашување, воопшто не се замара, мува не го лази, како да нема срам и одговорност спрема школото. Друго сѐ е како што треба, ама да не се спомне учење.
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Со овој „проблем“ денес се соочуваат голем број родители, така што не сте сами. Вашето дете e на прагот на адолесценцијата и ова е еден од најчувствителните развојни периоди кај децата. Поради тоа, многу од однесувањата со кои се соочувате се развојно очекувани. Во овој период кај децата често паѓа мотивацијата за учење, авторитетот (на родителот, наставникот) почнува да слабее, детето сѐ уште нема развиено еден вид внатрешна одговорност, а емоционалната рамнодушност често можеме да ја протолкуваме како еден одбранбен механизам. На тој начин детето го избегнува притисокот кој доаѓа од страна на училиштето, а и од очекувањата од вас, родителите, и сѐ уште нема капацитет целосно да ги поврзе денешните избори со долгорочните последици.
На детето не му е гајле и не се потресува толку за слабата оценка бидејќи сѐ уште не ја поврзува со себе, однапред се откажува од „грижата“ и полесно е да не се замара и да се исклучува од тој момент. Тоа сѐ уште нема развиено чувство за планирање, одговорност и самоконтрола.
Поради тоа, би било добро да не викате и да не се заканувате (ништо не те интересира, толку си неодговорен, само донеси уште еднаш… итн.), да не споредувате, едноставно, да не водите војна.
Почнете да разговарате:
„Гледам дека учењето ти е тешко во последно време. Што точно ти е најнапорно.“; „Ми изгледа како да се обидуваш да не се грижиш за ова. Се прашувам дали нешто те разочара или те прави тажен.“; „Не мора сега да зборуваме. Кога ќе бидеш спремен, јас сум тука.“
Од друга страна, тука се и границите и доследноста. Важно е границите да бидат мирни и јасни. Би било добро да се договорите и да го структурирате неговиот ден, во смисла, кога да учи, колку да учи, колку да се посвети итн.: „Изгледа тешко ти е да почнеш. Ајде да направиме мал план, па ти избери од каде.“ Кога е нешто тешко, можете да кажете: „Сакам да ти помогнам. Кажи ми како можам да го сторам тоа.“
На овој начин се договарате кога ќе игра на мобилен или на лаптоп: „Учењето е твоја обврска… Времето за игри ќе биде после учењето или пред? Останете доследни на договореното, тој да го почитува она што сте се договориле. Тоа значи дека не се преговара за границата, туку за начинот. Родителскиот авторитет не се одржува толку преку контролата, колку преку присутност, стабилност и способност да се издржи незадоволство на детето, без повлекување на љубовта.
Бидејќи ова е процес, со вашето разбирање и одржување на границите, т.е. како родители да бидете полни со љубов и разбирање, а и цврсти и сигурни, детето постепено ќе почнува да ја развива внатрешна одговорност. Комуникацијата и границите ќе ја создадат основата не само за подобриот однос кон учењето, туку и за здрава адолесценција и поврзаност со вас, стабилен идентитет и внатрешна сигурност во годините што доаѓаат.
Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova