Образование

Зошто традиционалната настава не ги импресионира денешните деца

Често во мојата работна практика ги прашувам децата како би сакале да изгледа еден нивен училиштен час од соништата. Во нивните одговори наидувам на: Да глумиме нешто, да изработуваме нешто, да истражуваме нешто, да учиме преку некоја улога или игра итн.

Во денешно време традиционалната настава не ги импресионира децата. Причините за тоа се многубројни, но најважните се поврзани со начинот на кој децата денес учат, размислуваат и комуницираат. 

 Еве и зошто е тоа така:

 1. Променет е начинот на обработка на информациите

Децата денес растат во дигитален свет — нивниот мозок е навикнат на брзи слики, интерактивност, мултимедија и избор. Традиционалната настава често нуди пасивно слушање, монотони објаснувања и текст без визуелна стимулација, што им изгледа „бавна“ и неангажирачка.

 2. Постои недостиг на интерактивност

Современите деца се учесници, а не набљудувачи. Тие сакаат да кликаат, истражуваат, пробуваат и создаваат. Кога во училница треба само да слушаат и да повторуваат, тие губат интерес и мотивација.

3. Недостиг на смисла и поврзаност со реалниот живот на човекот

Традиционалната настава често им изгледа одвоена од нивниот свет. Кога гледаат како нешто што го учат не им користи во секојдневието, децата немаат внатрешна мотивација и не гледаат цел во таквото учење. Тие сакаат тоа да го искусат преку животни примери.

 4. Промена во вредносниот систем и комуникацијата

Децата денес се природно послободоумни и критички настроени. Тие очекуваат дијалог за време на часот, не авторитарност и слепа послушност. Во класичната настава, каде што наставникот „предава“, а ученикот „мора да слуша“, тие чувствуваат емоционална дистанца и недостиг на релациска топлина. Почитта не се гради преку моќ, туку преку безбедна присутност!

 5. Недостиг на сензациски и емоционални очекувања како стимул

Современото дете бара интеракција со разновидни стимули. Затоа, традиционалниот начин на учење им изгледа емоционално рамнодушен – нема динамика, изненадување или можност за самоизразување.

6. Недостиг на простор за индивидуалност

Секое дете има сопствен стил на учење – визуелен, аудитивен, кинестетички. Традиционалната настава е „еднаква за сите“. Кога детето не може да го изрази својот начин на учење, чувствува фрустрација, недоволност и неуспех.

7. Недоволна емоционална смисла во учењето

Децата денес имаат поголема потреба за емоционална безбедност, смисла и автентичност. Кога на часовите нема простор за чувства, саморефлексија или лични искуства, тие не чувствуваат внатрешна врска со учењето и лесно ја губат внатрешната мотивација.

За да биде наставата продуктивна, привлечна и значајна за денешните деца, мора да се премине од класичното „пренесување знаење“ кон „создавање искуство“. Тоа бара групна работа и соработка, можност учениците да избираат, воведување игра како природен јазик на учење, вклучување креативност и невроестетика и визуелна стимулација преку анимации, фотографии, документарци, поврзување на градивото со личното искуство на децата, користење топлина и хумор и така натаму.

Автор: м-р Христина Стефановска, психолог и автор на литература за деца

Поврзани написи

To top