Воспитување

Што да правите кога детето сака сè да биде по негово?

Ако сте родител на дете со силна волја, со изразени емоции и висок степен на независност, веќе знаете дека класичните методи како „затоа што јас така велам“ честопати имаат спротивен ефект. Децата со силна волја и карактер ги ценат независноста, праведноста и доследноста, а кога ќе добијат јасна структура со правилни избори и значајни улоги, тензијата во врската постепено се намалува.

Студиите покажуваат дека предвидливите рутини ги намалуваат несаканите однесувања, а соработката и меѓусебното разбирање се клучни за нивниот напредок.

Во продолжение прочитајте за девет рутини кои се потпираат токму на соработката и силната волја на вашето дете.

Утро со два избора

Овој метод функционира затоа што изборот ја намалува тензијата и го држи вашиот план под контрола. Вие ја поставувате рамката, а детето ги избира деталите. Понудете две едноставни опции за секој чекор: Дали сакаш прво да ги облечеш чорапите или да ги измиеш забите? или Сина или црвена кошула? Ако детето одложува, учтиво изберете наместо него и продолжете понатаму.

Табела со задачи

Децата со силна волја го сакаат чувството на вистинска одговорност. Видливата табела го прави нивниот придонес поконкретен. Напишете три до пет едноставни задачи на неделната табела, како што се хранење на вашето домашно милениче или полевање на растенијата. Дозволете му на детето само да избере кои да ги преземе, а потоа да ги означи како завршени. Стимулирачко прашање може да биде: Кои задачи ги преземаш оваа недела? Наскоро ќе забележите помалку потсетници и поголема иницијатива.

Одбројување за преодни ситуации

Предвидливоста го олеснува преминувањето од омилените активности кон активностите што мора да се направат. Најавете ја промената пет минути однапред, потоа три, па една минута, секојпат со мала задача. На пример: „За 5 минути ја паузираме играта, за 3 минути го исклучуваме цртаниот филм, за една минута одиме да ги измиеме забите.“ Резултатот е полесни транзиции и помал отпор.

Избирање активна пауза

Многу деца со силна волја имаат силна потреба за движење. Кратките паузи за физичка активност ја намалуваат напнатоста и помагаат во регулирањето на емоциите. Дајте мала понуда од шест кратки активности, како што се склекови на ѕид, скокање или неколку длабоки вдишувања. Кога ќе видите дека напнатоста се зголемува, кажете: „Гледам дека имаш многу енергија. Избери две активности, а потоа ќе го решиме проблемот.“ Ова го скратува времетраењето на фрустрацијата и избегнува долги конфликти.

Договор околу „план Б“

Соработката со решавање проблеми ги зајакнува вештините и го намалува конфликтот. Откако ситуацијата ќе се смири, користете пристап од три чекори. Прво, покажете разбирање: „Гледам дека ти е тешко да ја напишеш домашната задача по тренингот.“

Потоа јасно наведете што мора да се направи: „Домашната задача мора да се направи пред спиење.“ На крајот, вклучете го детето: „Како можеме да направиме план што ќе ти одговара и тебе и мене?“ Запишете го договорот и обидете се со него една недела. Детето полесно ќе го прифати решението бидејќи учествувало во неговото обликување.

Календар „ако-тогаш“

Овој пристап ја комбинира одговорноста со придобивките без закани. На едноставен неделен календар напишете реченици како: „Ако го наместиш ранецот по училиште, тогаш започнува слободната игра“ или „Ако ја завршиш домашната работа до петок, тогаш избираш појадок во сабота“. На овој начин го намалувате преговарањето и поттикнувате конзистентност.

Заедничко создавање домашни правила

Кога учествуваат во креирањето правила, децата ги разбираат како меѓусебни договори, а не како наметнати ограничувања. Одржете краток семеен состанок и прашајте кое правило би им помогнало на сите да се чувствуваат безбедно и почитувано.

Формулирајте ги правилата позитивно, на пример: „Нема трчање низ куќата“ или „Прашајте пред да позајмите туѓи работи“. Потпишете ги заедно и ставете ги на видливо место. Ќе забележите понезависно почитување на правилата.

Ритуал на извинување

Силната волја не исчезнува, но може да се насочи. Договорен постконфликтен ритуал го учи детето на одговорност, без срам. По расправија, поминете низ три чекори, објаснете ги последиците, договорете се за начин за поправање и повторно поврзете се. Поправката може да биде извинување, цртеж или некоја конкретна помош.

Дневен разговор и проверка

Експертите од „Харвард“ ја нагласуваат важноста на интеракцијата во која родителот реагира на сигналите на детето, што го поттикнува развојот на саморегулација. Пет минути дневен разговор обезбедува безбеден простор каде што детето со силна волја се чувствува слушнато. По училиште или пред спиење, поставете отворено прашање и слушајте без да прекинувате.

Извор

Поврзани написи

To top