Границата помеѓу здравата родителска грижа и преголемата заштита често е нејасна бидејќи двете однесувања произлегуваат од ист мотив – желбата детето да биде безбедно и среќно.
Родителите секогаш го сакаат најдоброто за своето дете – да биде безбедно, среќно и сакано. Сепак, понекогаш од истата таа желба незабележливо ја преминуваат границата помеѓу здрава грижа и преголема заштита. Стравот дека детето ќе страда, ќе згреши или ќе се разочара често води до тоа да му го одземеме правото да учи, да расте и да стане самостојно.
Која е разликата помеѓу здрава грижа и преголема заштита?
Здрава родителска грижа е, како што самото име кажува, здрава, оправдана и свесна. Таа го подготвува детето за самостојност. Родителот треба да го штити детето од реални опасности, но и да му дозволи да почувствува разочарувања и мали фрустрации, кои се важни за растот и развојот.
Преголемата заштита е спротивно. Тоа е контрола водена од страв дека детето може да биде повредено или да страда. Пораката што ја испраќаат овие родители е: „Се грижам за тебе бидејќи мислам дека не можеш сам“. Ова ја потценува способноста на детето и го става во улога на беспомошна личност.
Зошто родителите се презаштитнички настроени?
Причините се многубројни, но суштината не е љубовта (иако често е „маска“), туку стравот. Овие родители не го штитат детето од светот, туку се штитат себе од вина и страв. Наместо да го научат детето како да се соочи со непријатности, тие се обидуваат да ги отстранат сите пречки.
Еден од факторите е и емоционалната симбиоза меѓу мајката и детето. Таквите мајки тешко ја прифаќаат самостојноста на детето бидејќи веруваат дека ако детето помалку ги бара, тоа значи дека помалку ги сака. Со тоа се создава емоционална зависност, а детето станува пасивно. Несвесно ја задушуваат неговата самостојност за да го задржат чувството на важност и близина.
Како преголемата заштита влијае врз развојот на детето?
Најголемата штета е што детето се етикетира како неспособно.
Емоционално: Несигурност, анксиозност, ниска самопочит, тешкотии во регулирањето на емоциите.
Когнитивно: Недостиг на иницијатива, слаба способност за донесување одлуки.
Социјално: Зависност од други, страв од конфликти, потреба да им се допаѓа на сите.
Лично: Избегнување одговорности, пасивност, нереални очекувања од животот.
Во партнерски односи: Барање „заштитнички“ партнер, емоционална зависност, неспособност за рамноправен однос.

Задача на родителот е да го научи детето како да се справи со проблемите и да го поддржи, охрабрува и поттикнува.
Важно е и искуственото учење. Ако детето може да научи нешто од грешка, а последиците не се опасни, оставете го да се соочи со непријатноста. Секогаш кога родителот издржува и не интервенира, детето по малку расте.
Како да знаете дека сте постигнале здрав баланс?
Кога детето се чувствува сигурно, но не е ограничено; кога покажува иницијатива и се снаоѓа; кога знае дека родителот е тука ако треба. Ако детето се чувствува сакано, но свесно дека не може сè, тоа е знак на здрав баланс.
Родителот треба да се води со доверба, а не со страв. Кога детето ќе почувствува дека верувате во него, ќе порасне во самоуверена и самосвесна личност, подготвена да се соочи со сите животни предизвици. А тоа е и основната задача на секој родител.