Научниците се обидуваат да одговорат на прашањето зошто попаметните деца, во просек, живеат подолго. Истражувањата постојано покажуваат дека луѓето со повисок коефициент на интелигенција во детството имаат поголема веројатност да доживеат старост за разлика од нивните врсници со пониски резултати. Научниците од Универзитетот во Единбург пронајдоа дел од одговорот.
Со анализа на голема количина генетски податоци, истражувачите открија јасна врска помеѓу интелигенцијата во раниот живот и подолгиот животен век. Откритието сугерира дека генетиката игра значајна улога.
Генетиката игра улога, но не е одлучувачка
Во студијата учествувале повеќе од 400.000 луѓе. Научниците ги споредиле генетските податоци поврзани со когнитивните способности на возраст од 6 до 18 години со оние поврзани со долговечноста. Се покажало дека постои силна генетска врска помеѓу интелигенцијата и подолгиот живот.
Д-р Дејвид Хил, еден од авторите на студијата, нагласува дека резултатот не значи дека судбината е предодредена.
-Оваа поврзаност не е неизбежна. Гените можат да бидат под влијание, а животната средина и начинот на живот играат важна улога – истакнал д-р Хил.
Според него, една од причините за оваа поврзаност може да биде тоа што децата со повисоки когнитивни способности имаат поголема веројатност да постигнат повисоки нивоа на образование. Ова им овозможува да живеат во побезбедна и поздрава средина.
Друга хипотеза е дека генетските варијации што го промовираат развојот на мозокот и телото кое е поотпорно на стрес и болести истовремено ги поддржуваат когнитивните способности и здравјето.
Раниот развој има долгорочен ефект
Научниците веруваат дека раната идентификација на лицата со ризик би можела да помогне во развојот на насочени мерки за подобрување на нивното долгорочно здравје. Тие наведуваат дека инвестирањето во когнитивниот развој во раното детство може да има долгорочен ефект, кој оди подалеку од училишниот успех и влијае врз здравјето во текот на целиот живот.
Тие, исто така, се повикуваат на претходна студија која покажала дека секое зголемување на резултатите од тестовите за интелигенција во детството го намалува ризикот од смрт за 24 проценти, без оглед на полот на испитаниците.

Пцуењето и интелигенцијата
Во посебен дел од научните дискусии за интелигенцијата се појави и прашањето за врската помеѓу пцуењето и когнитивните способности. Студија од 2014 година покажала дека луѓето што почесто пцујат, всушност, имаат побогат речник. Авторите на истражувањето нагласуваат дека употребата на такви зборови не е знак на мрзливост или недостиг на образование, туку може да биде поврзана со поголема вербална вештина.
Студија од Универзитетот во Рочестер од 2017 година дала слични резултати. Сепак, други истражувања покажуваат дека луѓето што често пцујат честопати изгледаат помалку доверливи и помалку интелигентни. Оваа спротивставена перцепција создава интересен парадокс.