Не постои прирачник за воспитување деца што би можел точно да ни каже кога треба да бидеме построги, а кога да попуштиме.
Многу е важно родителите да ја најдат мерката помеѓу овие две крајности, но тоа, секако, е многу полесно да се каже отколку да се направи. Како што не е добро родителите да бидат премногу попустливи и да им дозволуваат сè на децата, така и преголемата строгост остава траги врз нив.
Експертите велат дека растењето со строги родители остава траен белег врз личноста и начинот на кој луѓето подоцна се однесуваат кон себе и кон другите.
Многу психолози и терапевти често нагласуваат дека таквото детство може да ги обликува самодовербата, емоционалната стабилност и моделите на однесување кои продолжуваат и во зрелата возраст. Еве кои особини најчесто се развиваат кај децата што растеле со строги родители:
Перфекционизам
Многумина што имале строги родители развиваат силна потреба сè да прават совршено. Бидејќи често биле критикувани, учеле да вложуваат дополнителен труд за да избегнат грешки и да ја докажат својата вредност. Терапевтите забележуваат дека овој образец подоцна се појавува во работата, во врските и во личните цели.
Проблем во изразувањето емоции
Строгото воспитување често не остава простор за слободно изразување на чувствата. Децата учат да ги потиснуваат тагата, гневот или фрустрацијата затоа што се плашат од казна или критика. Тоа лесно може да се претвори во емоционално повлекување и проблеми во блиските односи во зрелата возраст.

Висока самодисциплина
Од друга страна, детството поминато со строги родители често доведува до тоа луѓето да развијат силно чувство на одговорност и самоконтрола, што може да биде многу позитивно ако е во разумна мера. Тие се навикнати да ги почитуваат правилата и да ги исполнуваат обврските, што подоцна може да им помогне во професионалниот живот. Сепак, терапевтите додаваат дека оваа особина понекогаш е поврзана со повисоко ниво на стрес и анксиозност.
Страв од авторитет
Луѓето што пораснале под строг родителски надзор често задржуваат чувство на страв или несигурност кон авторитети. Дури и во зрелата возраст, можат да се чувствуваат нервозно кога некој ги проценува, надреден или некој друг авторитет, бидејќи тоа ги потсетува на детството исполнето со критика и казнување.