однесување Прашај психолог

Син ми е многу агресивен, ги гризе децата и кога ќе почнат да плачат како да се исклучува, па посилно ги напаѓа… Што да направам?

ПРАШАЊЕ: Имам син од две години и 5 месеци кој оди во градинка. Уште пред да тргне во градинка имаше напади на бес и агресија за кои верувавме дека се тантруми. Знаеше да нѐ нападне мене, баба му, татко му со гребење, кубење, фрлање играчки по нас… Во градинка се случи 4-5 пати воспитувачката да се пожали дека бил многу агресивен – изгребал едно дете, а силно каснал друго. Пробал намерно да повреди трето дете кое го турнал од столче. Тоа неколку пати се има случено и по игротеки. Првиот пат гребеше едно девојче по лицето. Девојчето силно заплака, но тој продолжи да ја гребе и да напаѓа. Воопшто не го вознемири тоа што таа силно плачеше. И тој беше во некој шок, ама продолжи по неговото. Пред неколку дена се случи истото во игротека кога силно гризна едно дете. Најмногу од сѐ ме загрижи врескањето на моето дете – како да беше во некаков шок, исклучен и викаше „уште ќе гризам“.

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и потреба да му помогнете на вашето дете. На оваа возраст децата сѐ уште немаат доволно развиени механизми за регулирање на своите емоции. Силните чувства на фрустрација, вознемиреност или љубомора, најчесто се изразуваат преку телото со плачење, гризење, гребење, туркање, удирање итн. Честопати ние, возрасните, бидејќи така ја доживуваме агресијата, го карактеризираме таквото дете како „агресивно“, но тој сѐ уште е многу мал, нема развиени внатрешни алатки за да се смири и не е способен да се изрази на друг начин.

Она што го забележувам е дека кај него реакцијата понекогаш се претвора во некаков „шок“, каде што продолжува да напаѓа иако другото дете плаче. А тоа укажува дека во тие моменти емоцијата е толку силна што го преплавува, и неговиот нервен систем е како „исклучен“ од контактот со реалноста.

Бидејќи детето не може само, вие сте тука да му помогнете. Би било добро да поставувате сигурни, но јасни граници кои се потребни за да го штитат него, но и другите деца. Давајте јасни, но кратки пораки, како: „Не смее да се гризе!“, „Не гриземе и не удираме!“, „Стоп, престани!“, „Удирањето боли“… изречени со мирен, но цврст тон. Тргнете го малку настрана, но да не биде како казна, туку како граница: „Не можам да дозволам да ги повредуваш другите.“ Потоа можете да отидете до повреденото дете и да видите дали е во ред.

Кога малку ќе се смири, наместо само „не“, пробајте да ги препознаете и да ги именувате неговите чувства: „Се налути“, „Ја сакаше играчката“, „Се вознемири што другото дете дојде“. И многу е важно вие да бидете смирени бидејќи детето преку вас ќе умее да неутрализира и да ја презема вашата емоционална состојба. Колку и да е тешко во тие моменти, ако вие останете прибрани, тоа му праќа порака дека тој е сигурен и некој е тука да го смири. Вие сте еден надворешен регулатор на детето, вие го моделирате она што детето сè уште не може да го направи самостојно. И така, со многу повторувања детето ќе учи тоа да го направи само.

Од друга страна, поминувајте повеќе време заедно во некои физички игри со движење, трчање, тркалање на топки, игра со песок, вода или глина, кои ќе му овозможат на детето безбедно да ги изрази својата енергија и агресија.

Исто така, дома цртајте, сечете, местете коцки, играјте игри на улоги. Бидете доследни во границите и не попуштајте кога детето протестира, туку истрпете и пренасочувајте.

Ова е период каде што однесувањето изгледа загрижувачко, но со вистинска поддршка и доследност може да стане основа за здрава емоционална регулација во иднина. Вие сте на добар пат затоа што барате насока и сакате да му помогнете.

Како што децата растат, тие стекнуваат нови когнитивни, јазични, емоционални и социјални вештини и учат од вас како подобро да ги регулираат своите импулси.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашите деца, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top