ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 4 години и е премногу хиперактивно и интелигентно дете, кое посетуваше градинка во Скопје и беше многу задоволна. Преселени сме во далечна држава каде што сме сами со сопругот и помало бебенце од 1,5 година. Проблемот е што ќерка ми има преголема нервоза, вика на висок тон, писка доколку нешто не е како што сака, удира и премногу е тешко да ја смириме. Покажува љубомора и кон помалата сестричка и на периоди е неподнослива со нејзините реакции иако се трудиме да бидеме почесто со неа. Ме плашат тие изливи на бес, на тресење, пискање, буткање, удирање… Што и да ѝ дадеме, прво го фрла на земја, а ние не реагираме никако, сосема смирени молчиме и ја посматраме, па по 5 мин. таа го зема тоа и вели ајде да видиме што е. Секое јадење е со карање, секое заспивање со карање. Иако пробуваме да смениме нешто, сѐ е залудно. Ве молам помогнете ми како да се справам со сето ова?
ОДГОВОР: Драга мајка, преселбата во друга држава е вистински предизвик и извор на стрес за целото семејство. Вие сте биле мотивирани и покрај тоа што сте таму без вашите блиски и сте дале сѐ од себе и децата да го почувствуваат тоа, а со тоа да им ја олесните адаптацијата. Во тој процес можеби сте ги минимизирале или запоставиле сопствените емоции и доживувања давајќи им предност на емоциите на децата.
Како што можам да разберам од вашиот исказ, и покрај тоа што вашето девојче се соочило со значајно големи промени како место на живеење, нова семејна динамика, непознат јазик на говорење, нова градинка и нови временски услови, таа сепак одлично го прифатила сето тоа и се вклопила без отпор и негодување. Она што вам ве загрижува е нејзината емоционалност, која најдобро ја изразува дома бидејќи воедно домот е најбезбедно, најсигурно и најслободно место за изразување на сопствените емоции.

Во обидот за регулација на емоциите на децата најпрво треба да се проследиме себеси и да се обидеме да ја регулираме сопствената емоционалност. Во тоа најмногу помага да споделувате и да разговарате со сопругот и вашите блиски, да го искажете сето она што го мислите и чувствувате и да си направите една интроспекција за она што вам ви треба и она што вие го сакате, за листата на вашите можности и приоритети, за визијата од вашите соништа. Потоа со смирена душа да се свртите кон децата и да се втурнете во нивната симболичка игра и креативен свет, поттикнувајќи и развивајќи љубопитност, создавајќи простор во кој ќе се инспирирате едни со други.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com