Се промени ли перцепцијата на родителите за менталното здравје на нивните деца? Да не се залажуваме, не се промени на глобално ниво, но убавата вест е дека се менува. На родителско советување се јавуваат и родители на тригодишна ќерка кои забележуваат дека секогаш кога е вознемирена, ги трие ушите, а кога заспива, го цица својот прст. Велат дека мислат дека нешто се случува со нејзиното ментално здравје. Во минатото родителите го разбираа тоа како фаза во развојот. На моето прашање до родителите што е она кај нивното дете за кое најмногу се грижат, сè повеќе се бележат одговори како: „Се грижам да е добро, да е емоционално добро“.
Сè повеќе деца се вклучуваат во групните сесии за поддршка и кај родителите се намалува социјалниот срам дека нивното дете ќе се сретне со дете од нивните пријатели, роднини или другарче од класот. Ова им дозволува на децата да разменуваат искуства и повеќе да не се срамат од сопствените размислувања и емоции, да си бидат поддршка едни на други.
Одењето на психолог децата го разбираат како учење за себе и разбирање на она што се случува околу и во нив. Одењето на психолог за нив е сигурно место каде што можат да бидат свои, автентични и реални, слободни. Некои деца сакаат да го споделат своето искуство со другарчињата, но сè уште постојат изјави како: „Психологу, зошто мама не ми дава да ѝ кажам на Јана дека доаѓам кај вас?“ или „Психологу, зошто тато не ми дава да ѝ кажам на учителката што учев со вас?“
Иако етиката во работата со психолог бара исклучителна доверливост кон клиентот, секогаш останува клиентот и психологот да се договорат за тоа како нивната работа ќе ја произнесат во јавност, што во работата со деца е секогаш специфично и дискутабилно земајќи ги предвид нивната зрелост, спонтаност, искреност и непосредност.
Ќе бидеме трпеливи и истрајни и ќе посакаме секое дете да ја доживее својата афирмативна слобода да го негува своето ментално здравје, онака како што родителите би посакале да е добро, да е емоционално добро.
Автор: м-р Христина Стефановска