Игротека

Психијатар: „Таткото доаѓа и вели дека детето многу седи на телефон, а јас ги гледам мајката и сестрата во чекалницата – со телефони в рака“

Родителите не се свесни колкава штета му нанесуваат на своето дете ако му дадат телефон во првите три години од животот, вели детскиот психијатар Роберто Грујиќиќ,

Работејќи во една од најголемите детски болници во регионот, тој стекнал искуство што му дава сериозен кредибилитет да зборува за оваа тема.

Можеби сите знаеме некој кој од најрана возраст го изложувал своето дете на екрани, иако детето е денес здраво и „нема никакви проблеми“, но тоа не значи дека детето не претрпело штета.

– Телефонот сега е универзално присутен, а родителите размислуваат: „Ќе му дадам телефон уште малку“. Уште малку додека јаде, уште малку додека јас зборувам на телефон, уште малку додека пијам кафе, уште малку да не вреска. И потоа доаѓаме до тоа дека детето не зборува, а родителите го носат кај психијатар со идеја: „Поправете ми го тоа.“ Поправете ми го недостигот на човечка комуникација во првите три години од животот, кога се формираат основите за интеракција. Јас како експерт многу се трудам да не ги обвинувам родителите, но веќе не знам на кое ѕвоно да ѕвонам – вели д-р Грујиќиќ.

Тој тврди дека иако личноста се формира до 20-тата година, првите знаци на личноста се видливи уште во предучилишна возраст.

– Тоа е кога ќерката веќе знае дека сака да го облече токму тоа фустанче, а не друго, тоа се првите знаци на личност во примитивна фаза. Но, таа фаза е најважна, тоа е темелот и се формира во тој период. Ако немате сигурен темел, основата, сè што се гради подоцна се руши – вели овој психијатар.

Сепак, неговиот одговор е охрабрувачки. Проблемите што се појавуваат во рана возраст поради изложеност на екрани се во голема мера решливи.

– Апсолутно може да се поправи, но прашање е до кој степен. Зависи колку детето било изложено на екрани во тие први три години. Не мора да е телефонот, може да е кој било уред со кој детето на некој начин е опседнато и го користи како замена за човечка интеракција. А човечката интеракција би била кога детето се вознемирува, мајката да го смири, а не телефонот, нели? – објаснува д-р Грујиќиќ.

Многу важна работа што ја истакнува е и тој почетен потенцијал со кој детето се раѓа, а кој не можеме да го предвидиме. Некој се раѓа со поголем интелектуален потенцијал, некој со подобра емотивна интелигенција.

– Ние тоа не го знаеме. Можеме само да претпоставиме. Јас, врз основа на родителите, можам да создадам слика какво би било нивното дете, но важно е и која е почетната точка, почетниот потенцијал на детето. Така, децата кои се поранливи, почувствителни на надворешни фактори ќе имаат многу поголемо задоцнување предизвикано од употребата на екрани отколку друго дете кое можеби е поотпорно. Многу ретко, но се случува и тоа дека детето поминува многу време на телефон и не развива никакви проблеми – открива докторот.

Изнесувајќи некои груби статистики од секојдневната практика, тој вели дека од петте нови пациенти колку што му доаѓаат дневно, четворица имаат некаква форма на развојно нарушување, а од тие четворица, двајца или тројца поминувале три или повеќе часа пред екрани во првите две години од животот.

Тој потсетува и дека децата се огледало на родителите и дека не можеме да бараме нешто од нив што сами не сме во состојба да го дадеме.

– Родителите доаѓаат и ми велат: „Докторе, детето не го пушта телефонот“. А јас излегувам во чекалницата каде што седат мајката и ќерката и двете се на телефоните, никој не комуницира. Па како ти воопшто се осмелуваш да кажеш дека твоето дете користи телефон повеќе од шест часа, а потоа гледаш и гледаш дека мајката исто така поминува време пред екран, можеби и повеќе. Па мајката се правда дека не гледа „Тик-ток“. Па каква е разликата дали детето гледа „Тик-ток“, а мајката „Фејсбук“? И двете се пред екран и не комуницираат меѓу себе, тоа е суштината. Најлесно е сè да се префрли на децата – искрен е д-р Грујиќиќ.

Тој вели дека апсолутна препорака е да нема телефон во првите три години.

– Ако ме прашате мене, би рекол и пет години. Ајде цртани на ТВ, во ред е, но и тоа дозирано и избрано. А кога се воведува телефон, тоа да биде заедничка активност. Мајката или таткото да седнат со детето, заедно да истражуваат игри, видеосодржини, да коментираат, да имаат интеракција низ тоа. Тоа е правилна употреба на интернет која создава интеракција и комуникација. Тоа е суштината, да го запознаете своето дете и преку тој медиум. Ако му го скратите телефонот до 10-тата година, а потоа му го дадете, вие немате поим каде е на интернет и што прави. Значи, ако веќе воведувате телефон порано, тогаш само заедно. Коментирајте, гледајте, играјте. А не само седење пред екран што ни го труе мозокот. И нам, возрасните, тоа многу ни влијае на вниманието, а замислете на децата во развој – објаснува психијатарот.

Тој вели дека и самиот почувствувал потреба од стимулација која денес е секаде околу нас.

Неговата порака до родителите е дека комуникацијата е клучот за добар однос и здрав развој на детето, а тоа го постигнуваме со нашето вклучување и добриот пример што им го даваме на децата.

Извор

Поврзани написи

To top