Кога децата прават нешто што нивните родители го сметаат за неприфатливо, лошо однесување, нивната прва реакција обично е да ги казнат на некој начин. Сепак, се чини дека ги казнуваме децата во ситуации кога можеби не треба, барем така тврди експертот за родителство, автор за родителство и татко на четири деца Џон Фогел.
Тој споделил видео на својот профил на „Тик-ток“ во кое открил три ситуации во кои никогаш не треба да ги казнувате децата и објаснил зошто.
Не казнувајте ги децата кога ќе направат грешка, а потоа ќе побараат помош
-Тие згрешиле нешто, направиле грешка. Можеби прекршиле едно од вашите правила, но дошле и ви кажале. Кога казнувате дете по тоа, го учите дека не треба да доаѓа и да ве бара за помош. Ова се деца кои завршуваат пијани на забава на 16 години, но не сакаат да ве повикаат за помош. И така сте донеле одлука што може да им го промени животот засекогаш – објаснува Фогел.
Не казнувајте ги затоа што не ги миеле садовите
-Не казнувајте ги за нешто за кое сакате да се чувствуваат внатрешно мотивирани да го направат во одреден момент. Она што го знаеме од долгорочните студии за развој и стимулации е дека децата кои биле казнувани затоа што не ги миеле садовите или не ги ставиле алиштата во машина за перење и слично, се деца кои и подоцна се мачеле да ги извршат тие задачи, бидејќи со казнувањето сте покажале дека тоа ве засега и кога веќе не сте таму да ги „притискате“, тие едноставно нема да сакаат да го прават тоа.

Не казнувајте ги кога ќе им направат нешто лошо на братот или сестрата
-Не казнувајте ги вашите деца кога ќе им направат нешто лошо на своите браќа и сестри. Знам, изгледа сосема контраинтуитивно. Но, она што го знаеме е дека кога го казнувате вашето дете за нешто што им го направило на своите браќа и сестри, тоа всушност не ве обвинува вас или себеси за казната, туку го обвинува својот брат/сестра. Повеќето родители сакаат нивните деца да бидат блиски, да имаат добар однос. И кога ги казнувате вашите деца за работи што се случуваат меѓу нив, им го отежнувате тоа – вели Фогел.
Автор: Наташа Златковиќ