Воспитување

Родителската вина и границите во воспитувањето на децата

Во процесот на растење детето не се развива само телесно, туку и психолошки, емоционално и социјално. За да стане личност која може да се носи со светот, потребна му е еден вид внатрешна мапа, а таа се создава преку сигурна врска со родителот и преку јасни и доследни граници.

Но токму тука, во поставувањето на границите, многу родители се сопнуваат.

Тие чувствуваат вина кога поставуваат граници бидејќи ја мешаат љубовта со задоволување на  сѐ и секогаш на своето дете.

Иако границите се основната алатка на љубовта, тие често се доживуваат како казна.

Родителот честопати мисли: „Ако кажам НЕ, ќе го повредам… нема да ме сака… ќе се чувствува отфрлено… ќе бидам лош родител итн.“

Поради тоа, попушта и дозволува сѐ игнорирајќи го она што е важно во тој момент, а тоа е да биде сидро за своето „изгубено“ дете.

Ова однесување често не доаѓа од негрижа на родителот, туку од внатрешната болка и вина и од сопственото искуство кое родителот го носи во себе. Родителите повеќе се фокусираат на тоа како се чувствува (непријатно, исплашено, несигурно) наместо на она што навистина му е потребно на детето, а тоа се: структурата, водството и емоционалната безбедност.

Но многу важно е токму тогаш, во тие моменти, родителот да ја „проголта“ вината што ја чувствува, смирено да ја истрпи својата и фрустрацијата на детето, да ја избере улогата на возрасен кој ќе го води детето.

Зошто се толку многу важни границите?

Во првите години од животот детето нема внатрешен компас. Неговите импулси се силни, желбите моментални, а чувствата интензивни. Кога сака нешто, тоа го сака веднаш. Кога е фрустрирано, има чувство дека светот ќе се сруши. Кога е одбиено, тоа го доживува како катастрофа.

Во таа незрелост, на детето му треба некој кој ќе го задржи, ќе го организира и ќе го заземји.

Ако родителот не поставува јасни граници, детето нема чувство за структура, тогаш се чувствува несигурно или „како мува без глава“ и не учи како да се справува со фрустрацијата, не развива емпатија, трпение, ниту пак толеранција.

Но, кога родителот ќе застане со јасна, топла и доследна порака како: „Не можеш сега да го добиеш тоа, но јас сум тука со тебе“, тогаш детето учи:

-да се справува со одложеното задоволство;

-да ги регулира своите емоции;

-да живее со другите.

На детето му е потребен присутен, емоционално стабилен возрасен човек, а не некој на кој му е потребно да биде „САКАН“ цело време.

Кога родителот ќе се дистанцира, кога ќе ја стави настрана својата вина, тогаш тој за детето станува она што детето најмногу го сака, а тоа е безбедна, стабилна точка.

Да бидеш родител не значи да му ги исполнуваш сите желби на детето. Тоа значи да бидеш внатрешно стабилен водач кој знае дека понекогаш љубовта изгледа како „НЕ“, како „ДОВОЛНО Е“, како „ЌЕ ПРИЧЕКАШ“, и дека тоа е сосема во ред.

Детето не треба да е секогаш среќно, тоа треба да е сигурно! А сигурноста доаѓа од предвидливост, структура и доследност.

Да, детето ќе се налути. Ќе плаче. Ќе каже „не те сакам“. Но ако родителот ја издржи таа бура, ако остане тука, со љубов и смиреност, тогаш детето ќе учи дека љубовта е тука и кога се соочува со тешки чувства. Тогаш детето ќе верува и ќе сака со онаа длабока љубов која не зависи од тоа дали добило чоколадо денес или не, а тоа е темелот на емоционалната зрелост кај секој од нас понатаму. Љубовта и ограничувањата мора да одат заедно.

Автор: Билјана (Манасова) Јовановиќ

Поврзани написи

To top