Игротека

Самохрана мајка: „Штедам од февруари за да му овозможам море на мојот син“

Додека социјалните мрежи се преполни со сцени од луксузни вечери покрај море и коктели на јахти, летото за многу родители изгледа многу поскромно. А за оние што сами го носат товарот на родителството, уште поскромно. Сепак, дури и меѓу нив има такви кои и покрај ограничувањата, успеваат да организираат летување што нивните деца долго ќе го паметат. Загрепчанката Ива, самохрана мајка на деветгодишно момче, е една од нив.

– Одењето на море за мене е проект што го планирам со месеци однапред – раскажува Ива.

Иако живее сама со синот и има просечна плата, секое лето успева да најде начин да поминат барем една недела на Јадранот.

– Не би можела да поднесам мојот син целото лето да го помине во Загреб. Веќе многу нешта пропушти затоа што сум сама, па барем тие седум дена се трудам да му надоместам колку што можам – додава таа.

Штедењето почнува уште во февруари

Сè започнува со внимателно планирање уште во февруари.

– Тогаш разгледувам апартмани на апликации за сместување, следам и фејсбук-групи со приватни изнајмувачи. Така всушност и најдовме сместување минатото лето. Бевме во Жабориќ. Апартманот беше мал, но морето беше чисто, а домаќините љубезни – објаснува Ива.

Таа и нејзиниот син патуваат со автомобил, носат голем дел од храната од дома, а сместување бараат во помалку познати места. За да ги покрие трошоците за пат и сместување, Ива почнува да штеди уште од почетокот на годината.

– Пред тоа не можам затоа што во декември многу пари одат на храна и подароци. Одделувам по стотина евра секој месец. Понекогаш и помалку. Не одам на фризер, не купувам нова облека, готвам наместо да јадеме надвор – вели таа.

„Не е летување од соништата, но е наше“

Кога конечно ќе пристигнат на море, сè е во духот на едноставноста.

– Готвам во апартманот. Од Загреб носам тестенини, конзерви, паштети, инстант супи. Купуваме само тоа што мораме. Не одиме во ресторани, но се почестуваме со сладолед. И тоа годинава е голем трошок бидејќи една топка сладолед е 2,50 евра, зависно од местото. Децата си се деца, сакаат сладолед и на плажа и после вечера – раскажува таа.

Сепак, вели, тоа не се денови кога се брои секое евро.

– За една-две топки сладолед дневно мора да се најде. И јас пијам кафе на плажа – вели таа.

За Ива, тие седум дена значат многу повеќе од море и сонце.

– Тоа е време кога сум навистина присутна. Кога го гледам како плива и се смеам заедно со него. Тие седум дена се обидувам да заборавам на сè што ме чека кога ќе се вратиме – признава таа.

Штом се вратат во Загреб, летото практично завршува. Почнува купување на училишен прибор, облека и обувки за есен и зима.

– Иако не ми е лесно, се трудам мојот син што помалку да го почувствува тоа на своја кожа, и летото да го памети по убавото – заклучува таа.

Извор

Поврзани написи

To top