Образование

Тивките борци – деца со специфични тешкотии во учењето

Секое дете е приказна сама за себе, но некои приказни се тивки, невидливи, скриени зад „мрзливоста“, расеаноста или неспособноста да „седат мирно“. Овие деца не кршат играчки, не викаат, не трчаат без контрола. Наместо тоа, тие често гледаат низ прозорецот, молчат на час, не можат да го напишат домашното или плачат кога ќе добијат едноставна задача. Ова се децата со  дислексија, дисграфија, диспраксија, АДХД без хиперактивност, анксиозност… Тие не се „лоши ученици“, туку тивки борци што секој ден се справуваат со свет што не е дизајниран за нив.

1. Дислексија – невролошко-јазична разлика што влијае врз читањето и препознавањето на зборовите. Не е поврзана со интелигенција. Детето може да: чита бавно или со грешки, ги меша сличните букви (б-д, п-т, м-н), има добра усна меморија, но слаб пишан израз.

 2. Дисграфија – невролошка разлика што влијае врз способноста за пишување. Може да се појави и кај деца со добар говор. Симптоми: неразбирлив ракопис, лоша организација на текстот, болка при пишување, неволност да пишуваат подолг текст.

3. Диспраксија (развојна координациска нарушеност) – Проблем со моторна координација и секвенцирање на движењата. Детето може: тешко да се облекува (копчиња, патент), да се спрепнува често, да не сака цртање, сечење, пишување, да има тешкотии во организирањето на задачите.

4. АДХД – Инатентен тип (без хиперактивност) – Децата се чини дека „не се присутни“, не слушаат, не завршуваат задачи. Тие бргу губат концентрација, забораваат упатства, почнуваат задачи, но не ги довршуваат, имаат внатрешна преокупација, но не и надворешна активност.

                •Детето со дислексија чита бавно, ги меша буквите, но има одлична меморија и креативност.

                •Детето со диспраксија има чуден ракопис, се спрепнува често, но има силна имагинација.

                •Детето со анализирачки мозок, но социјална анксиозност, ќе молчи на час иако го знае точниот одговор.

За родителите:

                •Не споредувајте го со други – вашето дете учи поинаку.

                •Барајте мислење од стручни лица – логопед, специјален едукатор и рехабилитатор, психолог.

                •Поддржете го дома со трпение – користете визуелна поддршка, распоред, мали чекори.

За наставниците:

                •Ослободете го од читање наглас ако му создава стрес.

                •Оценувајте според напредок, не барајте совршенство.

                •Разговарајте со родителите, не носете ја дијагнозата сами.

Што треба да знае родителот:

  • Невидливата тешкотија не значи дека детето е помалку паметно.
  •  Тоа значи дека неговиот мозок учи поинаку – и треба да му се пристапи поинаку.
  • Помошта што ја добива денес ќе ја понесе како сила за цел живот.
  1. Тестови и алатки за рана процена – Овие не се дијагностички тестови, туку скрининг-алатки што можат да им помогнат на родителите и наставниците да забележат потенцијална тешкотија:

-Чек-листа за дислексија (5–10 години) Детето:

                •Ги меша буквите д-б-п-т?

                •Има проблем со рима (маче–таче–скаче)?

                •Не сака да чита?

                •Изговара правилно, но не може да го напише зборот?

Ако одговорите со „да“ на повеќе од 3, потребна е консултација со специјален едукатор и рехабилитатор/логопед.

– Писмен тест за дисграфија:

                •Побарајте од детето да напише неколку реченици.

                •Следете:

                •Рамномерност на букви?

                •Притисок на моливот?

                •Дали се жалат на болка?

                •Дали им треба многу време?

 – Моторна процена за диспраксија:

                •Дали може да фати топка со двете раце?

                •Дали може да сече право со ножички?

                •Дали може да направи „огледало“ со раце (имитирање)?

                •Дали тешко се облекува?

  • Препорачани активности за поддршка:

-За дислексија:

                •Игри со рими, песнички, шепкање букви;

                •Читање со прст, боени листови над текстот;

                •Аудиокниги + визуелен текст.

За дисграфија:

                •Игри со пластелин, пишување во песок;

                •Вежби за јакнење на дланка и зглоб;

                •Кратки диктати со паузи + големи линии.

-За диспраксија:

                •Вежби за балансирање;

                •Облекување кукли, врзување врвки;

                •Визуелни инструкции со слики (распоред).

-За АДХД (инатентен тип):

                •Кратки задачи (2–3 минути) со награди;

                •Распоред со слики (визуелна рутина);

                •Движење на секои 20 минути (истегнување, танц).

Како да препознаеш дека твоето дете има невидлива тешкотија?

Родителите најчесто први забележуваат дека нешто не е во ред, но се двоумат дали тоа е карактер, срамежливост или доцнење што ќе се надмине. Еве неколку јасни знаци кои покажуваат дека можеби се работи за тешкотија, а не за „лоша навика“. Сигнали кај деца од 4 до 10 години:

                •Не може да ги научи буквите или ги меша и по 6 месеци учење.

                •Избегнува читање и пишување, се фрустрира.

                •Пишува или црта многу несмасно за својата возраст.

                •Лесно се разочарува и се повлекува кога ќе добие задача.

                •Не ги следи упатствата, дури и кога изгледа дека внимателно слуша.

 Сигнали кај деца од 11 до 18 години:

                •Избегнува тестови, презентации, писмени задачи.

                •Ги губи книгите, тетратките, заборава обврски.

                •Се жали дека не го разбира материјалот, иако учел.

                •Го губи интересот за учење, иако порано бил љубопитен.

                •Станува анксиозно, осамено, има нагли падови во самодовербата.

Што да очекуваат родителите откако ќе побараат помош?

  • Прв разговор и процена – Се прави интервју со родителот, разговор со детето. Се користат алатки за скрининг и набљудување (тестови за читање, пишување, фокус, моторика и сл.).
  •  Нема брза дијагноза – За вистинска процена, потребни се неколку средби. Целта не е етикета, туку разбирање на детето и неговиот начин на учење.
  • Поддршка, а не корекција – Не се бара „да се поправи“, туку да му се даде поддршка за да учи на свој начин.

Првиот чекор во сѐ е можеби најтешкиот, но на вашето дете му значи раното откривање, дијагностицирање и започнување со работа. Со работа со специјално лице и родител успехот може да биде многу голем.

Поврзани написи

To top