Пред некој ден со сопругот ги подготвувавме децата за патување. Беше седум часот и во една кратка пауза помеѓу облекувањето и миењето на забите ми рече: „Знаеш, нема да го паметат ова. Сè што правиме за нив, местата каде што одиме, многу работи тие едноставно ќе ги заборават…“
И во право е. Нема да се сеќаваат. Барем не поголемиот дел од работите. Но, сепак се брои. Затоа што ќе се сетат како се чувствувале со нас. И затоа што јас и тој сето тоа ќе го паметиме.
Еден ден во иднината,
кога ќе се отвори влезната врата и ќе влезе нашиот син, водејќи ја девојката за рака, ќе се потсети на овие денови кога само ние, тато, мама и сестра му му беа важни. И ќе знаеме дека начинот на кој се однесувавме кон него го обои платното на неговата врска.
И кога нашата тинејџерка луто ќе истрча по скалите тврдејќи дека „никој во оваа куќа не ја разбира“, ќе се потсетиме дека сè што ѝ требаше да се смири кога имаше пет години беше еден бакнеж, една прегратка и неколку утешни зборови од нас. И можеби нема да се сеќава на тоа, но на невидливи начини тие зборови и тие чувства ќе останат во неа и ќе ѝ се вратат дури и кога ќе има 15 години.
И ќе се сеќаваме кога ќе избереме нови трпезариски столчиња бидејќи не треба да се грижиме дали валканите детски раце ќе ги уништат. И во исто време, толку ќе посакам да морам повторно да ги изберам неудобните, дрвените.
И додека ги гледаме како одат во парк со своите деца, ќе знаеме дека секој ден поминат во игра, секој момент кога ги опсипувавме со љубов, им го обликуваше патот што тие го избраа во желбата да бидат добри родители на своите деца.
И кога јас и ти повторно ќе одиме сами на плажа и ќе го почувствуваме врелиот песок под нашите нозе, ќе се потсетиме како порано одеа по тој песок до нас и како никогаш не ни помислувавме дека тие денови ќе траат толку кратко. А сега нив одамна ги нема.
Ќе се сеќавам.
И ќе им раскажам, да се сетат и тие.
Ќе им раскажам дека моментот кога држев мало, новородено суштество тешко повеќе од три килограми е чувство кое надминува сѐ што некогаш мислев дека е возможно.
Дека ги држев за раце додека сами не ми ја пуштија раката и почнаа да одат. На своја страна. Кон светот.
Дека го задржував здивот секогаш кога тато ги фрлаше во воздух и чекав повторно да му паднат в прегратка, додека тие се смееја со најискрената детска насмевка.
Дека го држев бебето и го доев, додека на сестра му ѝ читав приказна за добра ноќ.
Дека многу се мачев да ги задржам солзите на секоја училишна приредба.
А можеби ќе речат: „Сето тоа го заборавивме“.
Но, јас не го заборавив.
Затоа што сè што не се сеќаваш те направи тоа што си денес.
А каде и да сте, деца мои, ако се најдете во воздух и не сте сигурни дека умеете да паднете, јавете ни се.
Тато знае како да ве фати.
Се сеќавате?
912