Резултатите од многубројните истражувања посочуваат дека првите три години претставуваат добар темел за целокупниот развој на детето и дека тој добар темел не може да се формира без квалитетна физичка и социјална средина за ран развој и учење на децата. Учењето е природен, спонтан, логичен процес за сознавање и совладувања доколку социјалната и физичката средина го овозможи тоа.

Децата се разликуваат меѓу себе, па дури и кога се на иста возраст. Друг ритам и брзината на поминување низ развојните фази се сосема прифатливи и нормални, и не значат секогаш дека е отстапка од развојот, туку природна варијација, индивидуална развојна карактеристика на детето. На пример, ако едно бебе почне да седи на 7 месеци, друго бебе може да седи на 8 месеци иако е на ист начин стимулирано. Исто така, постојат нормални варијации во поглед на брзината на развојот, но некои поголеми отстапки (значајно заостанување во развој, некој облик на однесување кое се оддалечува од линијата на развојниот тек, некои појави во развој кои не се забележуваат за одредена возраст) може да бидат знак за развојно нарушување или потребна стимулација или, пак, работа со стручно лице. Помеѓу нервните структури и однесувањето постои условување. Степенот на развиеност на нервните структури влијае врз појавата на одредено однесување.

Физичката, социјалната средина и учењето треба да бидат адаптирани на индивидуалните способности на детето. Ова е важно кај сите деца, особено кај децата со пречки во развој. Во раната возраст неопходен е интегративен пристап со цел да се опфатат сите аспекти на развојот (физички, когнитивен, емоционален, социјален). Учењето на детето е целовито како што е совладувањето на животните вештини. Учењето е интерактивен процес. Возрасните (родител, старател) се тие што ја подготвуваат средината за децата да бидат со активна интеракција со возрасни, врсници или, пак, соодветната активност. Добри и соодветни услови за развој го поттикнуваат и го осамостојуваат детето.

Усвојувањето на моторичките вештини е предуслов за самостојност кај детето. Иако моториката се развива спонтано, важен услов за формирање моторички вештини е вежбањето. На рана возраст голема улога во играта имаат повторувањето и имитацијата, додека, пак, на претшколска возраст имаат вербалната инструкција и мотивацијата. Затоа е важно детето да се вклучува во активности и задачи со цел формирање прецизни, ефективни и продуктивни вештини. Волевата регулација на движење е поврзана со развојот на моториката и сознајниот процес. Сознајниот развој доведува до подобрена моторика и формирање сложени моторни вештини. Додека, пак, моторните вештини доведуваат до лесно и успешно истражување на светот околу себе и на тој начин се поттикнува сознајниот процес.

Автор: Теодора Томовска-Ристовска специјален едукатор и рехабилитатор, гешталт-психотерапевт во едукација



912

X