Ракот на дојката е една од најчестите форми на рак што ги погодува жените низ светот. Додека повеќето случаи на рак на дојка се спорадични, што значи дека се појавуваат случајно, некои пациенти имаат наследна форма на оваа болест. Наследниот карцином на дојка опфаќа околу 5-10% од сите случаи на рак на дојка и е предизвикан од наследни генетски мутации, кои го зголемуваат ризикот кај поединецот за развој на болеста.
Наследниот карцином на дојка е првенствено поврзан со мутации на специфични гени, кои играат клучна улога во поправка на генетскиот материјал (ДНК) и регулирање на растот на клетките. Најпознатите гени поврзани со наследниот рак на дојка се „БРЦА1“ и „БРЦА2“, но други гени како „ТП53“, „ПТЕН“ и „ПАЛБ2“ исто така придонесуваат за ризик.
„БРЦА1“ и „БРЦА2“ гени
Гените „БРЦА1“ (рак на дојка 1) и „БРЦА2“ (рак на дојка 2) се меѓу најважните гени поврзани со зголемен ризик од рак на дојка и јајчници. Нивните мутации значително го зголемуваат ризикот од развој на овие и на други видови рак. Овие гени кодираат протеини кои се клучни за поправка на ДНК. Тие играат важна улога во процесот на т.н. хомологна рекомбинациска поправка на двојни прекини на ДНК, што е клучно за одржување на геномската стабилност. Кога овие протеини се функционални, тие помагаат да се спречи развојот на ракот, со одржување на интегритетот на генетскиот материјал.
Протеинот кодиран од генот „БРЦА1“ учествува во различни клеточни процеси вклучувајќи поправка на ДНК, контрола на клеточниот циклус, регулирање на транскрипцијата и одржување на геномската стабилност. „БРЦА1“ дејствува како дел од поголем комплекс на протеини, кои препознаваат оштетување на ДНК и иницираат поправка. Протеинот кодиран од генот „БРЦА2“ специфично помага во процесот на поправка на хомологна рекомбинација, со тоа што обезбедува правилно врзување и стабилизирање на ДНК за време на поправката на двојните прекини. „БРЦА2“ помага да се обезбеди точна и ефикасна поправка на ДНК, со што се спречува акумулацијата на генетско оштетување.
Мутациите во овие гени доведуваат до намалена функционалност или целосно губење на функцијата на протеините што тие ги создаваат (кодираат). Ова резултира со неспособност на клетките ефикасно да го поправат оштетувањето на ДНК, што може да доведе до акумулација на генетски промени и, на крајот, развој на рак. Жените со мутација на генот „БРЦА1“ имаат 55-65% шанса да развијат рак на дојка до 70-годишна возраст, додека ризикот од развој на рак на јајчниците е 39-46%. „БРЦА1“ мутациите се исто така поврзани со зголемен ризик од други видови рак, вклучително и фалопиевата туба, перитонеум, простата (кај мажите) и зголемен ризик од рак на дебелото црево и панкреасот. Жените со мутација на генот „БРЦА2“ имаат околу 45% ризик да развијат рак на дојка до 70-годишна возраст, додека ризикот од развој на рак на јајчниците е 11-17%. „БРЦА2“ мутациите се поврзани со зголемен ризик од рак на панкреас, рак на простата (кај мажите), рак на желудникот, меланом и други видови на рак.
Други гени со висок ризик
Мутациите во генот „ТП53“ предизвикуваат синдром „Ли-Фраумени“, кој значително го зголемува ризикот од развој на различни видови рак, вклучително и рак на дојка. „ТП53“ го кодира протеинот „п53“, клучен регулатор на клеточниот циклус и апоптозата.
Мутациите на „ПТЕН“ пак, се поврзани со Кауден синдром, кој се карактеризира со повеќекратни неканцерозни израстоци и зголемен ризик од рак на дојка, тироидна жлезда и ендометријален карцином. „ПТЕН“е тумор супресорен ген, вклучен во регулирањето на клеточниот циклус и апоптозата.
„ПАЛБ2“ работи со „БРЦА2“ за поправка на ДНК. Мутациите во „ПАЛБ2“ го зголемуваат ризикот од рак на дојка, иако ризикот е помал отколку кај „БРЦА1/2“ мутациите.
Ризик-фактори за наследен карцином на дојка
Не секогаш е лесно да се процени дали појавата на рак на дојка кај пациентите е поврзана со наследноста или не. Генерално, можеме да кажеме дека во повеќето случаи наследната компонента не е пресудна, но некои фактори можат да ни помогнат во понатамошното лекување и процена на можната наследност.
Позитивна семејна историја: Силната семејна историја на рак на дојка е еден од најзначајните показатели за наследниот карцином на дојка. Луѓето со повеќе роднини од прв степен (мајка, сестра, ќерка) на кои им бил дијагностициран рак на дојка, особено на млада возраст, имаат поголем ризик.
Наследни синдроми и мутации: Како што споменавме, наследни мутации во гените како што се „БРЦА1/2“, „TП53“, „ПТЕН“и „ПАЛБ2“, значително го зголемуваат ризикот од рак на дојка. Генетското тестирање може да ги идентификува овие мутации и да помогне да се процени ризикот на поединецот.
Позитивна лична историја: Луѓето на кои им е дијагностициран рак на дојка на млада возраст, или кои имале повеќекратни видови на рак, имаат поголема веројатност да носат генетски мутации поврзани со наследниот рак на дојка.
Етничка припадност: Одредени етнички групи имаат поголема преваленција на специфични генетски мутации. На пример, Еврејките имаат поголема фреквенција на „БРЦА1“ и „БРЦА2“ мутации.
Дијагностика и генетско тестирање
Генетското тестирање вклучува анализа на ДНК, обично од примерок од крв или плунка, за да се идентификуваат мутации во специфични гени поврзани со зголемен ризик од рак на дојка. Тестирањето може да биде насочено (фокусирано на одредени гени за кои постои сомневање дека се мутирани во семејството) или поопширно (анализа на повеќе гени истовремено).
Резултатите од тестот може да бидат позитивни (пронајдена мутација), негативни (не е пронајдена мутација), или варијанта со непознато значење, што значи дека е пронајдена мутација, но нејзиното влијание врз ризикот од рак е нејасно. Позитивните резултати можат да ги водат одлуките за стратегиите за намалување на ризикот, додека негативните резултати можат да обезбедат уверување, но не го елиминираат целосно ризикот од рак.
Управување со ризик и превенција
За луѓето со висок генетски ризик од рак на дојка, постојат неколку стратегии за управување и намалување на ризикот. Зголемениот надзор може да доведе до порано откривање и подобри резултати. Ова обично вклучува:
-Самопреглед на дојките: Редовни самопрегледи за откривање какви било промени или грутки.
-Клинички преглед на дојка: Редовни лекарски прегледи.
-Мамографија: Годишни мамографи кои започнуваат на помлада возраст отколку кај општата популација.
-Магнетна резонанса (МР): МНР на дојка често се препорачува како додаток на мамографија за високоризични жени, бидејќи е почувствителна во откривањето рак во густото ткиво на дојката.
Може да се земе предвид профилактичка (превентивна) операција за луѓе со висок ризик од болеста. Профилактичката мастектомија се однесува на отстранување на здрави гради, со што се намалува (но не и целосно елиминира!) ризикот од рак на дојка за околу 90%.
Профилактичката оофоректомија се однесува на отстранување на јајчниците за да се намали ризикот од рак на јајчниците, кој исто така е зголемен кај носителите на мутации „БРЦА1/2“ и може дополнително да го намали ризикот од рак на дојка со намалување на нивото на естроген произведен во јајчниците.
Понатаму, лековите како што се селективни модулатори на естроген рецептор (СЕРМс) и инхибитори на ароматаза може да го намалат ризикот од развој на рак на дојка кај жени со висок ризик.
Усвојувањето здрав начин на живот, исто така, може да помогне да се намали ризикот од појава на рак на дојка. Исхраната богата со овошје, зеленчук и цели зрна, со малку преработена храна и црвено месо, може да помогне да се намали ризикот од појава на рак. Редовната физичка активност помага во одржувањето здрава тежина и го намалува ризикот од рак на дојка, како и избегнувањето алкохол и пушење.
Како заклучок, во случај на сомневање за наследен карцином на дојка, секогаш е добра идеја да се консултирате со вашиот лекар. Во случај онкологот да потврди оправдано сомневање за наследноста, пациентот ќе биде упатен на генетско тестирање. Позитивниот резултат може да донесе одреден психолошки стрес за носителот, но овозможува и примена на превентивни техники и методи на рано откривање како за тестираното лице, така и за евентуално засегнатите членови на семејството.
Автор: д-р Давор Куст/ специјалист по онкологија и радиотерапија
912